Почетна --> Архива --> 268 --> Сочувство или рамнодушност?
Сочувство или рамнодушност?
Автор: М-р Марија Котевска - Димовска   

Сочувството е неопходен елемент за личниот саморазвој. Личниот раст е можен во услови внатрешен мир и спокојство. Тие се постигнуваат со надминување на негативните емоции и расположенија. А осудата на туѓите постапки и слабости води до антипатија, одбивност, одвратност или омраза. Тоа се негативни емоции кои се најштетни за оној кој ги доживува, зашто го уништуваат мирот и спокојството. Сочувството е единствениот пат до нашиот подобар однос со другите луѓе и со себе си. Само така можеме да постанеме социјално успешни личности, задоволни со односите со другите луѓе, односи кои се засновани на взаемна почит и прифаќање. 

Спак оваа свесност за моќта и делотворноста на сочувството не не спречува во донесување на суд за некого, во осудување на нечии постапки и во донесување заклучоци за другите луѓе. За повеќето луѓе е многу привлечно да ги етикетираат другите. Ако искрено се запрашаме која е добивката од препуштање на ваквата “привлечност” ќе констатираме дека не постои. Напротив, осудувањето и несфаќањето на туѓите постапки не исполнува со негативни емоции и ги влошува односите со другите.

Оценките за другите

не се секогаш негативни. Понекогаш помагаат да одредиме кои мисли и идеи ќе ги примиме како вистините, а од кои да се дистанцираме. Но тие можат да не попречат да покажеме сочувство во моментот на вистинска потреба. Тоа може да доведе до суровост, лична надмоќност и осуда врз другите и до задушување на природниот стремеж на себедавање. Крајниот ефект на оваа состојба е чувство на осаменост.

Единствен противотров

против претерано суровите оценки е сочувството. Сочувството ни овозможува да приоѓаме на туѓите слабости со повеќе разбирање и помалку осудување. Еден мислител рекол: “Човекот е способен како за големо сочувство, така за голема рамнодушност. Во неговите можности е да го развие првото и да го надмине второто”.

Сочувството е неопходно за да ги сфатиме другите во нивните страдања и грешки и да покажиме милосрдие. Тоа е емотивен корен преку кој црпиме искуство и се поврзуваме со околината. Секако дека тоа не значи дека треба да се расплинуваме со широко отворени срца секогаш, затоа што тогаш сме сосема разголени и емотивно ранливи. За да се зачуваме себе си понекогаш е неопходно да се стави преграда. Но треба да сме свесни дека само ние управуваме со бариерата кон околниот свет. Во тоа се крие клучот на сочувството. Ние одбираме дали да го отвориме и поврземе своето срце со срцето на некој друг или, кога е неопходно, да го ограничиме пристапот. Сочувството е неопходно и за случаи кога немилосрдно се осудуваме себе си. Кога сме погрешиле, недолично сме се однесувале, или не сме се покажале на посакуваното ниво, ние го осудуваме овој дел од себе кој е виновен и бескомпромисно го критикуваме. Треба да го свртиме срцето кон самите себе и да покажеме самосочувство. Тоа ќе ни дозволи да си простиме и да не се презираме себе си и да се однесуваме со љубов и милосрдие кон себе си.

За

Оние попрактичните

има уште една причина поради која е потребно да го развиваат сочувството. Тоа е нејзината поврзаност со успехот. Психолозите докажале дека личностите со поразвиено сочувство се многу поуспешни во работата како и во сите останати животни сфери. Тие сочувството го разгледуваат како емоционална способност-емпатија која може да се развива и која го одредува личниот и социјалниот успех кај сите возрасти. Така сочувствителните деца се многу поприфатени и омилени од своите другарчина. Возрасните пак кои се емпатични се многу поуспешни во работата, но и во социјалниот и во емоционалниот живот. Кај сите возрасни категории емпатијата е поврзана со психичкото и физичкото здравје. Заради тоа во современите земји се воведуваат едукативни програми за развој на емпатијата. За подобра емпатија заборавете дека светот се врти околу вас. Тука се и другите луѓе со своите чувства, расположенија и потреби кои се подеднакво комплексни како и вашите. Обидете се се да се ставите во кожата на другите луѓе и да верувате дека секој постапува најдобро што знае и умее. Поделете ги своите чувства со другите и бидете искрени што е клуч за доверба. Критиката и своето мислење обидете се да ги изразите на поблаг и попрефинет начин, со суптилни зборови и поблаг тон. Внимавјте и на невербалната комуникација, контакт со очи, израз на лице, движење низ која се открива 55% од пораката. Имајте во предвид дека луѓето се многу почувствителни од она што нас ни изгледа. Ако некого не го познавате доволно, бидете внимателни во искажувањата на своите критики и ставови и обидете се да се прилагодите вие наместо тој.

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________