Почетна --> Архива --> 269 --> УПРАВА ЗА ЈАД И ПРОПАСТ
УПРАВА ЗА ЈАД И ПРОПАСТ
Автор: ЕГО Редакција   

 

Ако на поранешниот комунистички режим ударна тупаница и беше УДБА преку која владеачката гарнитура расчистуваше со идеолошките неистомисленици, на сегашниот режим идентична збирштина луѓе божји и е УЈП, или како што нагалено си ја викаме, УПРАВА ЗА ЈАД И ПРОПАСТ. Кој не верува нека му се моли на господа да не му стапне УЈП на врат и грб, па да види која идеологија во наредниот период ќе ја мрази или поддржува. Или, уште потешко, ако УЈП ве нагази во комбинација со полициски заптии, трудов аскер и пазарен башибузук, е тогаш, НАТО нека ви е на помош! Верувам во озборувањата дека нашите сегашни и поранешни премиери појма немале што и во кое име одредени инспекциски експоненти правеле `ршум низ приватниот сектор, но еве, нека барем имаат индикатори сега, оти, да се разбереме, „Вистината сепак на крајот победува“, односно, не би требало тука да има еленџии. Арно ама, не сум убеден во овој период дека Грујо не е запознат со

Авантурите

на неговите инспекциски орди и фаланги и трагедија би била ако е тој информиран и го одобрува тоа.

Па пријатели мои, ако Грујо се согласува со она што го прават посочените збирштини, сосема слободно нека не се надева на изборна победа. Такви арачлии на нашиве простори не направиле се пепел, од дамнина... од турско, бре! Фрчат притисоци и закани, партиски книшки (море и здравствени), а митото и корупцијата кантар не ги фаќа. Многумина упатени независни „експерти“ мислат дека е геноцид спрема македонските граѓани во ваква економска состојба да им праќаш вакви органи (господе, прости ми), душата да им ја земат. Грев е за народот инспекциите да ги праќаш со цел да дрпаат пари по секоја цена. Грев е за народот да му пуштиш џандари кои со пишување казни ќе се вратат со полни зимбиљи пари за државниот буџет.

Е, затоа чесното членство го напуштало ДПМНЕ и без исписница заминувало кај брат Љубе, замислувајќи дека оди во ФК-Милан, а не во Обединети за Македонија кои според сите прописи би требало да му платат на ФК-ДПМНЕ соодветна оштета за трансферот. Е, затоа наместо да не зафати најавуваната економска преродба, ни воскресна

Бај Љубчо

Георгиевски. Е, затоа темпларот ли, конзулот ли, масонот ли, докторот на науки ли и што ти не друго ли... Филип Петровски, ќе направи саглам политички огранок во Битола на ФК-Демократска десница, иако од страв битолчани не сакаат ни работна просторија под кирија да му дадат. Е, затоа се јавија разочарани тутунари, млекари, лозари, стечајци и останати слични кои го изгубија меракот спрема владејачката позиција. Е, затоа одредени граѓани 14 Конгрес на ДПМНЕ го споредуваат и прикажуваат (по гламурозноста) како вондреден фестивал на браќата Ѕинго и Амди... пардон, Манаки. Е, затоа Бранко ќе си прави енглеџе и мајтап, а за тоа дали блефира, сепак последниот збор ќе го кажат жртвите на онаа збирштината што ми е страв да и го спомнам името.

Можеби компарацијата меѓу УДБА и УЈП ве зачудува или ви делува предимензионирано, но не е далеку времето кога ќе почнеме вода, ѓубрепараси, струја, интернет, телефон и сите други давачки присилно да ги плаќаме преку онаа збирштина за ЈАД и ПРОПАСТ. Е сеа, имај газ, па ќе си провериш дали ќе ти биде маф планот ако не платиш. Наредбодавците воопшто не ги чувствуваат поскапувањата на основните животни потреби. Кога ќе ги прашаш за тоа, се однесуваат како паднати од Марс или се препреваат дека се збунети... како грците во спорот со името. Господ да не варди! Како може да се правиш блесав, да учествуваш во донесувањето на некоја мерка од суштинско значење за сопствениот народ , а за тоа воопшто да не си свесен?

Разбирам дека на власта аџеле и треба пари за арџење... за не знам што, ама да му го расипеш оскудното љатифе на народот и да им ги собереш и последните пари што се планирани за зол час, е тоа браќа, ептен не е во ред. Кутриот народ македонски, научен е да го тртлат и да плаќа, ама како и од каде кога нему никој не му плаќа и не го есапи? Нормално е да се запрашаме што ние како поединци сме направиле за државата, но уште понормално е да добиеме одговор што државата направила за нас, каде одат нашите пари од платените давачки и дали имаме видено некаков аир и берикет од тоа? Зарем државата е една партија? Можеби, но државата во која имаше само една партија пропадна, мајчето и го расплакаа.

Замислете дека сме можеби единствената земја во светот каде и умрените мора да плаќаат МРТВ претплата. Чешит ќе биде... ај ќе видиме како УЈП ќе наплати затезна камата на починат кој не е избришан од

Наплатниот китап

или колку фамилии ќе пријават членови кои од глувост или слепост ќе побараат да не плаќаат МРТВ претплата. Мислам дека во нашата татковина категоријата на економски глуви и слепи лица е поприлична. Ај да не бидам зајадлив, но... се сеќавате на оној предлологот за данок за оџаци и беќари? Е, и тие ќе се наплаќаа преку онаа УЈ...ПУ.ПУ.ПУ!

Без никакви асоцијации, коинциденции, случајно или не, на 4 и 5 ама октомври 1994 година, во Москва се одржа собир на новокомпонираните руски мафијаши. Од него произлезе првиот платен руски убиец Александар Солонјик кој бил поранешен спортист, експонент на поранешната советска армија во поранешната Источна Германија и, види богати! - вработен како даночник во руската УЈП!

Е сеа, што има ова со нас? Како да нема! Има, ами не! Тој да ти носел прекар

Македонец

и според познавачите на тамошните прилики, прекарот најверојатно му бил даден по историските вештини на македонските револуционери - терористи (од Черноземски џанам), да пука подеднакво со двете раце. Прекарот Саша Македонски рековме зошто го добил, а таа македонска вештина ја демонстрирал кога на еден московски плоштад ликвидирал петмина полицајци и двајца чувари во еден маф! Пукањето со двете раце едновремено, во жаргонот на руската мафија се нарекува пукање по македонски. Познат е и по тоа дека на нарачателите на убиства им давал 102% гаранција дека жртвата ќе биде мртва ама не е докажана гласината дека од претходно обичен, мирен човек, станал касап откако руските даночници му стапнале на жуљот. Убивал во Русија, Белгија, грција, Франција, Блискиот Исток... Арно ама, подоцна, истиот е пронајден во црна најлонска вреќа во некој контејнер во 1998 година, се разбира, каде на друго место освен во главниот град на нашиот јужен сосед, Атина.

***

Секако, вистината на крајот победува, бидејќи битолчани ја сакаат Македонија... повеќе од потребното!

 

 

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________