Почетна --> Архива --> 269 --> ПРВА ПРОЛЕТЕРСКА - ВО КАБУЛ
ПРВА ПРОЛЕТЕРСКА - ВО КАБУЛ
Автор: ЕГО Редакција   

Во Авганистан војуваат војски од бившите југословенски републики. Хрватскиот печат пишува дека од нив наскоро ќе се прават некој вид заеднички воени сили односно, дека повторно се формира Прва пролетерска...

Во време кога Југославија ја нема, кога е на колена и балканскиот Пиемонт и во преторијанска Србија е укинат воениот рок кој во екс-ју се нарекуваше “враќање на долгот кон татковината”, може да се каже дека на повидок е крајот на предолгата екс-ју машка приказна која започнуваше со лозинката: “Ти бе, кај служеше војска?”

Уште со распадот на Југославија тие некогаш епски приказни од границата кон Бугарија или Албанија, прераснаа во вицеви, зашто место солзи на железничка станица, регрутите беа испраќани од мајките пред лифт, а тие “од војска” се враќаа во 2 саато попладне, за ручек. Потоа пак, таквите војници и кажуваа “фасцинантни” приказни на дечурланата од квартот дека во војска биле цели два-три месеци и тоа уџум-далеку у пизду матер, во касарната на крајот од градот! Ветераните пак од воените пошти од длабокиот југословенски офсајд загрижено гледаа во неизвесната иднина на своите државички, во кои младината не знае ни калашников поштено да расклопи, ниту пак да се фрли в десно при “атомски с'лева”. Потоа беше измислено и она, како се викаше... аха, цивилно служење на воениот рок, кога младите ко ластар момчиња, место бестразајни по ридиштата, влечкаа инвалидски колички по старските домови, за на крајот, книговодителите на државниот буџет да пресметаат дека по неколку илјади години славна воена историја, мажите, конечно, го вратија долгот кон татковината!

Сепак, далеку од очите, малку подалеку и од најодалечената и напуштена планинска караула, стигнаа новите генерации екс-југословени со нова и нивна епска воена приказна:

- А, ти текнува на Џиџи од Хан Пијесак, веројатно ќе му рече некој, некогаш, во некое идно време, на некој ветеран кој војска служел во далечната 2012.

- Да бе! Како да не! Па кога поручникот Митревски го праша во болницата како набави авганистанска тревка, а тој - ја собрав зад магацинот!

- Кој Митревски бе? Танас? - ќе се вклучи некој трет зад шанкот. Тој подоцна беше кај нас, командант на Третата тенковска.

- Кај служеше бе ти!?

- Воена пошта три-нула-нула-седум. Кандахар.

Така, од утре-другиден ќе изгледаат војничките приказни зад шанковите низ екс-југославија, накитени бајки од смрдливите спални во авганистанските касарни, каде што во ова време, седумдесет години по историското Титово постројување во знамениното босанско место Рудо, пак се формира Прва пролетерска!

Точна е информацијата дека во рамките на соработката меѓу земјите-членки А5, Американско-Јадранската повелба (САД, Албанија, Хрватска, Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина), во текот на неколку претходни состаноци била разгледувана можноста за упатување на заеднички, регионални тимови во склоп на силите на ИСАФ, пишува хрватски Глобус.  Според нив, Хрватска ќе биде одговорна за формирање на школа за воена полиција во Авганистан и по тој повод паднал предлогот да се вклучат и другите земји од А5 и од регионот. Подготвеност за вклучување во идејата досега искажале Словенија и Босна и Херцеговина. Хрватите очекуваат позитивен одговор и од Албанија, Црна Гора и Македонија.

И како што носи редот кога Хрватите ја пишуваат историјата, во “партизани” последни ќе влезат Србите... како некаде пред Волгоград кога четниците ги сменија кокардите и шубарите, па сега во некој уџум на Хиндукуш на Авганистанско- таџикистанската граница ќе се појават со титовки и ќе се приклучат кон Првата пролетерска ударна бригада. Овојпат нема да биде тоа во Босна, туку на пр. во Бадкхашан и нема да биде малото Рудо, туку Рагх и нема во малото Рагх да биде Тито, туку американскиот генерал Давид Ховел Петрус, врховниот командант на НАТО-вата мисија во Авганистан, ИСАФ.

Ќе ја построи маршал Петрус славната First Proletarian Assault Brigade, со високо подигнати црвени знамиња, додека низ падините на Хиндукуш ќе одекнува хорската заклетва од 1.200 грла: “Јас, војник тој и тој, свечено се колнам дека ќе ја бранам независноста, уставниот поредок и интересите на Соединетите Американски Држави, неповредливоста и целокупноста на НАТО пактот и дека ќе го чувам и развивам братството и единството на сите негови народи и народности. Совесно и дисциплинирано ќе ги извршувам обврските и должностите на војник на Атлантскиот сојуз и ќе бидам подготвен да се борам за неговите стратешки цели, нежалејќи во таа борба да го дадам и својот живот!”

Многу хрватски, српски, босански и разбира се, македонски мајки ќе заплачат, татковците ќе глумат дека нешто им паднало в око, помладите браќа ќе копаат во носот, а регрутите спонтано ќе се фатат во Кандахарско оро: “У име свих нас из деведесет и неке, за заклетву НАТО ја спево сам стих...” Или: “НАТО шири своја крила... ал велике памтиќемо данееее, пакту НАТО ми ти се кунееемооо...”

И така, ветераните на шанковите ќе си ги покажуваат тетоважите “Кабул 25.5.2013”... Пак ќе се прикажуваат војничките приказни, како во Ирак стекнале другар до гроб и хронично воспаление на зглоб, сувенир на стражарските деној, приказни за добриот наредник Ван дер Вотсон кој им набавувал тревка и за мајорот Хартвик кој еднаш, за казна, цела дивизија ја кренал да собира опушоци низ Багдад, па за Паца батаљонката, за паштунската убавица Гхазали која работела во кантината во Пешевар.

И пази сеа - секој во касарната ќе ги има оние неодминливи тројца Словенци кои секогаш се двојат и си мрморат меѓу нив, и оние тројца Талибанци кои на ѕидот на касарната на инжењерците напишаа “Кандахар - Република”, па секој ќе се фали деја ја легнал жената на дежурниот офицер и стопосто, секој од нив ќе се колне дека токму тој е оној мангуп од војничката легенда кој на генералот Ховел на утринското постројување од разгласот му ја пуштил “Маркоооо пијаницатааа”.

Фамилиите пак ќе испраќаат кусо потстрижани момчиња во војска, а од Радио 105 ќе се слуша “На Пеце, среќно заминување во Карши-Кханабад во Узбекистан на отслужување на воениот рок, му посакуваат стрикото Бале со песната 'Still in Saigon'; пак некој ситно ќе брои во некоја меана во Ријад, а во недела попладне ќе се гледа “May I speak, sir?” Регрутите од Македонија, Хрватска, Србија пак заеднички ќе градат насипи, овојпат на Еуфрат, а најголемите естрадни ѕвезди од Балканот ќе фаќаат тезги во некои централно-азиски пустелии за да ги разгалат нашите момци од НАТО, со песната “Од Вардара па до Кабула... како ниска сјајног ѓердана, светлим сунцем обасјана, поноситог Афганистана, Операцијоооо, Операцијоооо!”

Таму, на авганистанските висорамнини ќе дојде крајот на двеилјадигодишната историја на македонската војска, или илјадата години на хрватските воини кои гинеле за папите и за унгарските кралеви, за турските султани и австриските цареви, за италијанксите и германските господари, за српските и југословенските генерали... а сите тие години сонувале за своја држава, своја униформа и своја пушка на своето рамо. И, само што сите ние добивме државички - оп! на нашето рамо - американска пушка!

Половина век Македонците, Хрватите, Словенците... собираа кожни болести во сивомаслинестите униформи на ЈНА сонувајќи беретки или шаховници на капите и уште салам не ги ставија на главите, веќе застанаа во четириреден строј марширајќи покрај американски Херкулеси, за некаде на азискиот Среден Исток пак да влезат во ЈНА, ама како - Jugoslav NATO Allies.

Само што го раздолжија долгот кон татковината, балканските мажјаци, ебате беља, еве пак се задолжија.

 

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________