Почетна --> Архива --> 270 --> Мјузикл
Мјузикл
Автор: Орхан Сулејмани   

Во некои од минатите броеви зборував за жанровите кои денес страдаат од големата зачестеност, па во овој број одлучив да пишувам за еден жанр кој мислам дека недоволно е застапен минатите децении – мјузиклот. Имајќи корени уште во првите звучни филмови, мјузиклот е најтеатралниот и најуникатниот жанр на филм и, за жал, денес еден од најретките. Иако во `50-те и `60-те мјузиклите царуваа со кино-салите и бокс-офисот, во новиот милениум сме ограничени на 1 до 2 добри мјузикли и музички филмови годишно и неколку обиди за филмови, најчесто од страна на Дизни Компани, кои со „Средношколски мјузикл“ (High School Musical), „Камп Рок“ (Camp Rock) и сличните филмови, очигледно сакаат да си ја уништат прекрасната репутација која долго ја градеа со анимираните филмови. Младата публика расте убедена дека сите мјузикли се

Празни, бесцелни

и „наменети само за жени“ поради навредливо глупавата трилогија „Средношколски мјузикл“. Голем број класици во овој жанр и неколкуте нови подобри изданија, се одбегнувани од младите поради лошата слика која истите ја добија за мјузиклот од филмовите како „Средношколски мјузикл“.

Првите класици на мјузиклот како „Џез пејачот“ (The Jazz Singer) и „Бродвејска мелодија“ (Broadway Melody) се снимени уште во 1930-тите, кои воедно се и први звучни филмови воопшто снимени. По озвучувањето на филмовите, популарноста на мјузклите брзо расте, достигнувајќи врв во 1950-тите и 1960-тите, кога беа родени „Пееме на дождот“ (Singin’ in the Rain), „Моја убава дамо“ (My Fair Lady), „Приказна од западната страна“ (West Side Story) и „Моја песни, мои сништа“ (Sound of Music) и уште голем број други мјузикли кои денес заслужено го носат статусот „класика“, најповеќе поради своите безвремени песни, особено генијалната „Singin’ in the Rain” на Џин Кели од „Пееме на дождот“, за која не верувам дека постои човек кој ја нема чуено. А кога веќе зборуваме за

Препознатливи песни

треба да се споменат мјузиклите од наредните децении, кои иако поретки, ни подарија некои од најтипичните „showtunes“, како „You’re the One That I Want” од „Брилијантин“ (Grease), „I’ve Had the Time of My Life” од „Валкан танц“ (Dirty Dancing) и „Age of Aquarius“ од „Коса“ (Hair). И иако мјузиклот си го најде местото и во 70-тите и 80-тите, не успеа истото да го најде во крајот на минатиот и почетокот на новиот век.

Денес, можеби поради поврзувањето на мјузиклот со геј-популацијата и театарот и стравот на продуцентите од мала заработувачка, мјузиклот е ретко присутен по кино-салите, за сметка на гласните и празни акции и не-смешните романтични комедии, но повремено се наоѓа по некој „Чикаго“ (Chicago), „Мама Миа!“ (Mamma Mia!) и „Мулен Руж“ (Moulin Rouge), поради кои се надевам дека можеби во иднина мјузиклот ќе си го врати сјајот кој го имаше во минатото и ќе ја врати театралноста и човечкиот оптимизам кој денес ретко го забележуваме по филмовите.

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________