Почетна --> Архива --> 270 --> МОСКОВСКИОТ ТРЕНДАФИЛ СОЊКА
МОСКОВСКИОТ ТРЕНДАФИЛ СОЊКА
Автор: ЕГО Редакција   

Кариерата ја започнала така што му дрпнала ко сега 5.000 евра на нејзиниот сопруг и со детето ја киднала во Одеса. Таму брзо увидела дека од самостоен арамија нема голема корист, па организирала своја банда, слично како кај нас ДОО за еднократна употреба. Кај нас Соња златниот трендафил се појави дури во 20 век, поточно во 1997 година.

Меѓу аристократските кругови во Русија арамија број еден била баронесата Прасковја која засолниште нашла во некој манастир каде се замонашила под името Митрофанија.

Кобајаги за миг да ги тргнеме мислите од политикава со сиот нејзин товар, обременета со конгреси, избори, заврзлами и што ти уште не, ќе споделиме нешто со вас што е многу блиску до политиката. Тоа нешто друго е активноста на мафијата, но не било која (како италијанската или американската), туку руската. Според она што го кажуват познавачите на оваа изродна популација, а ја има поприлично, пишувањето на Марио Пузо во неговите сказанија за Капоне, Лучијано, Масерија и др. се приказни за мали деца во однос на овие за кои ќе си поприкажуваме.

... Во почетокот на 19 век два града во Русија го носат епитетот центри на бандитизмот. Тоа се Ростов и Одеса. Бандитите Ростов си го викале “татко”, а Одеса “мајка”. “Таткото” бил посуров. Во Ростов имало повеќе руралци, безделници луѓе-нелуѓе, така што во него имало баагички насилнички кражби.

Бандитите

кои таму пораснале, од Ростов како од одскокна штица заминувале на гурбет низ цела Русија. Одеса во тоа време ја краселе “попрефинети” тактичко-арамиски особини. Основана била во 17 век со указ на контраверзната Катерина Велика и веднаш добила статус на слободен град. Во тој период Одеса се наоѓала на границата на Руската Империја, а била населена со поголем број Евреи и се разбира, со кој друг ако не со грци. (Македонските фурнаџии стационирани овде биле само за гурабии). Благодарејќи на погодната местоположба, од арамиска гледна точка, се разбира, градот многу брзо се развива и станува трговски центар на раскрсницата мегу Западот и Истокот. Во такви услови - со има поволна почва, првото што пораснува е... криминалот браќа, криминалот, ами што! Интересно е што на преминот во 20 век со арамилак, како почетна фаза на организираниот бандитизам, се занимавале скоро сите општествени слоеви. ( Не море, ќе му ја мислат!)

Од средината на 19 век, па до крајот на истиот, во московското подземје најзначајна за машала бандит била една жена. Се викала Шендила-Сура Лејбова Соломонијак (Софија Ивановна) Блувенштајн, Еврејка по потекло од Варшава, Полска. Во Москва била позната по прекарот

Соњка златен трендафил

што најдобро асоцира со што се занимавала. Е мои битолчани... колку сме биле назад и во оваа сфера. Кај нас Соња златниот трендафил се појави дури во 20 век, поточно во 1997 година. Рускава Соњка кариерата ја започнала така што прво го ограбила нејзиниот сопруг. Му дрпнала ко сега 5.000 евра и со детето ја киднала во Одеса. Таму многу бргу се снашла и брзо увидела дека од самостоен арамија нема голема корист, па организирала своја банда, слично како кај нас ДОО за еднократна употреба каде “внатрешната систематизација” била пополнета од нејзини швалери, поранешни и идни сопрузи. Се занимавала со специфична сорта на арамилак, во бандитските кулоари познат како “бандитизам за добро утро”. Вака стросаната збирштина, во раните утрински саати кога во тоа време вредниот македонски народ одел на налани да бере тутун, Соњка со бандата упаѓала во хотели и станови и чордисвале се што ќе им паднело на рака. Кога се вратила во Москва, се разбира, со се арамиската глутница, “заработила со аргатска пот” ко сега 200.000 евра што за тоа време била многу голема сума кешарица. Украдените предмети не ги продавала само во Москва туку преку курири (како Трајче дрварчето џанам своевремено кај нас). Со фалс патни исправи вршела дистрибуција низ цела Русија и странство. Фалсификуваните пасоши што ги користела нејзината банда, ги обезбедувале од нејзини бизнис-партнери од Минск.

Златниов трендафил била позната по осветољубивоста. Своите конкуренти ги капела во московската канализација (значи не им ја пуштала УЈП, трудовата или пазарната инспекција како кај нас). А, многу нејзини ривали лично ги отчукувала во полиција - без око да и трепне дека ќе биде лустрирана! Надарените млади арамии ги регрутирала се разбира од “мајката и таткото” на бандитизмот во Русија... Ростов и Одеса де. Тие, по завршувањето на Соњкината школа, значи топ-обучени и спремни, ги користела за лепење изборни плакати... пардон, за арамиски операции. Ама, кутричката Соњка бандитската кариера ја завршила во зандана во Сибир. Интересно е дека на нејзиното судење на сопствениот адвокат му го украла ќесето и златниот саат.

За разлика од трендафилов во овој перид од руската криминална историја интересен за одбележување е бандитизмот на панданот на Соњка кој произлегува од високите аристократски кругови во Русија. Се работи за

Баронесата Прасковја

Григоровна Розен, ќерка на кралски намесник за Кавказ. Е, дали е случајно или не, но оваа навистина и била бизнис-опонент на Златниот трендафил и во прекарот по кој била позната. Замислете, ја викале Лавица! Е сеа, оваа, Лавицава, по бурните арамиски авантури свое засолниште нашла во некој московски манастир каде се замонашила под името Митрофанија. Но и таму не си седела мадро на газот, туку паднала апс поради тоа што ги фалсификувала потписите од обврзниците на некој руски трговец Лебедев и демек со мака заработила ко сега 220.000 евра. И видете сега, храбра Лавицава, на дел од фалсификуваните обврзници не го потпишувала сопственикот, туку се потпишувала како Игуменија Митрифанија што можеби и не било случајно, бидејќи сите и верувале на игуменијата од познатиот манастир. Во истрагата се констатирало дека сторила преку 140 вакви и слични марифетлуци, меѓу кои и фалсификување на тестаменти од богати покојници. Нејзиното судење предизвикало голем интерес и и нанело голема штета на угледот на Руската црква.

Во наредните броеви ќе ги споделиме со вас сказанијата за организираниот бандитизам во понавата историја на Русија, за чеченските мафиози како и за кинеските Тријади, со напомена дека секоја сличност со денешницава е сосема... вистинита.

 

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________