Почетна --> Архива --> 270 --> Ах тој Перо...
Ах тој Перо...
Автор: Симе Алушевски   

1. Ајде чудо ми станало, се сретнаа Грујо и Бране. Целата нација е во исчекување. Во моментов додека го пишувам овој текст, се палат свеќи и кандила пред домашните икони. Е сеа, не слушам дека бијат камбаните, ама и да бијат, не ќе ме чуди... Само и само тоа да биде на арно! Ама, и многу арно, не е на арно, велат. Па кај го има тоа? Цела држава да биде заложник на двајца луѓе, макар тоа да бидат и лидери на двете најголеми партии! Па нивниот состанок испадна поважен од оној одржан во Клубот на пратенички, а по повод Светскиот ден на бубрезите. И онака обата долго време ни продаваат и подметнуваат нешто друго... место бубрези.

2. И види сеа, фирмите на Перо Наков беа дел од повеќечасовната средба на двајцава лидери. Ах тој Перо! Па колку ли фирми има тој? Да знаеше што судбина го чека, немаше да бега во партизани и залудно да гине. Ако си поживееше, рает и бериќет ќе видеше... фирми, фирми, не една!

Колку и да состаночат, едно и на двајцата треба да им биде јасно - дека во Македонија избори не се добиваат, туку најчесто - се губат. И, како што вели еден мој пријател, не е причината за тоа неправдата, туку селективната правда! Не ги боли луѓето толку сиромаштијата, туку тоа што за едни има, а за други нема... и за сето тоа се решава по некој партиски клуч. Како во случајот со Перо Наков. Па кој е бре, тој Перо, шо фирми ли ќе имаше мангупот? А ваму народот плачи за работа!

3. Ај да се зафатам со нешто посуштинско. Значи, средбата на двајцава фрли во сенка уште една работа (освен состанокот за Денот на бубрезите) што можеби заслужуваше повеќе внимание на јавноста. Се работи за изјавите на поранешниот амбасадор Ристо Никовски дека ако вака се однесуваат Америте, нека не сметаат на тоа дека и натаму можат да ни бидат стратешки партнер. Ами како! Дека не можеа око да склопат од оваа изјава, се покажа со фактот дека Стејт-департментот сефте изреагира на новински напис објавен во Македонијава ни.

4. Што се однесува до третото по ред знајчано нешто кое се случи... пардон, нешто што допрва ќе се случи е моментот кога заменикот на Фуерето, Соренсен, ќе дојде на шалтерот на матично и ќе побара извод од матичната книга на родените за неговите две деца. И, што ќе му пишува таму? Дека се родени „во оваа земја“? Или можеби тој децата си ги собра од дрво?

5. Ех море Перо. Да беше жив, ќе си пукнеше од мака и покрај толкуте фирми и бизниси!

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________