Почетна --> Архива --> 273 --> БАНДИТСКА ИНИЦИЈАЦИЈА ВО ДИОВСКАТА КАПЕЈНЦА
БАНДИТСКА ИНИЦИЈАЦИЈА ВО ДИОВСКАТА КАПЕЈНЦА
Автор: ЕГО Редакција   

Во првите битолски банди критериуми за влез на кандидатите за бандитска кариера биле да изедат една тегла љути феферони, да можат да издржат полсаат во диовската капејнца играјќи мрза под вода и до својата 10-та година да имаат извршено кражби на сите видови емиш и зарзават од Градско Поле.

Првиот конгрес на советското подземје се одржал 1947 год. во Сокољник, предградие на Москва, вториот во престолнината на Татарската автономна област Казањ во 1955 год. а во 1956 год. одржан е третиот конгрес во Краснодар на Црно Море... На конгресите се одредувала стратегија за работа со новонастанатите услови. Инфилтрираните шпиони по откривањето веднаш се пуштале... ама низ канализација!

Човек што бара проблеми онаму каде нормалните луѓе бараат задоволство, кај нас е дефиниција за гиниколог, а во Русија - за криминален насилник. Присутноста на интелектуалци во руските организирани мафијашки збирштини, само го подигнувало образовното ниво на руските арамии и убијци. По револуцијата,  организираните бандити својата активност ја прогласиле за вид на борба против советскиот поредок што на криминалот му дал идеолошка основа. Заради тоа и водачите на бандите биле нарекувани „идејни“! Повторно во бандите се враќа старата добра цеховска поделба, владее цврста дисциплина, јасно дефинирана

Хиерархија и кодекс

на однесување, а борбата против комунизмот е само романтичен предизвик за што се колнеле. Основните правила на тогашните бандити (раководени од „ идејните“) биле - целосна забрана за учество во сите општествени активности, забрана за формирање семејство, забрана за вмешаност како сведоци во судски процеси и контакти со власта, како и забрана за давање на информации на полицијата. (Сега, браќа мили, модерните мафиози скроз на скроз се извртоперени!)

Тогаш се појавува во употреба нов термин, тнр. „арамија од закон“. Тоа е човек со најголем авторитет во криминалната организација. Епитетот го добивал само голем и искусен бандит кој најмалку три години чмаел во затвор и после тоа заземал влијателно место во бандата (ееее, не ќе да е лесно и бандит да се стане). Неговиот статус официјално се потврдувал со посебен

Ритуал - иницијација

слично како кај слободните ѕидари во нашата масонска ложа „Единство“ 6002/2002 формирана од 24 основачи Кандидатот на таен бандитски собир давал заклетва: „... После робијата го избрав патот на бандит и се колнам пред рамните на себе дека ќе бидам бандит достоен за доверба и никогаш нема да имам работа со полицијата...“ Иницираните бандити носеле тетоважа со содржина „нема да ја заборавам својата мајка“ каде мајката е синоним на бандитската дружина. Освен текстот тетовирале слика на срце прободено со нож што било знак дека се работи за „арамија од законот“.

Кај нас, во првите

Битолски банди

критериуми за влез во истите било потенцијалните заинтересирани за бандитска кариера да изедат една тегла љути феферони, да можат да издржат полсаат во диовската капејнца играјќи мрза под вода и до својата 10-та година да имаат извршено кражби на сите видови емиш и зарзават од Градско Поле! А бе, ви велам јас дека бандитите и политичарите од мали се познаваат - серат и те гледаат во очи! (Колку што знам, сегашниве домашни криминалци повеќе не одат во диовските капејнци, туку во сауна, а фиферончиња, сепак, и натаму јадат).

Во новиот (советскиот) бандитски правилник бил предвиден џентлменски однос спрема колегите. Не се толерирало навредување или јавно понижување и сите недоразбирања се решавале внатре во бандата. Внатрешните заебанции не требало да излезат на јаве. Обврска им било да врбуваат нови и млади членови (уште ако формирале и унија на млади бандити, ќе заличеле на нашава сегашност). И, види богати! - не смееле ниту да покажуваат интерес за политика, а забраните во одредени случаи оделе толку далеку што не смееле да читаат весници... особено не ЕГО, оти ќе се препознаеле. И после речете дека не сум во право кога велам дека меѓу човекот и мувата нема разлика... нема затоа што и двата можеш да ги отепаш со весник! Но... постоел еден услов кој морале сите да го исполнат. Сите морале да знаат да играат карти. Во тоа време најпопуларна карташка игра била

„Три коски“

каде главен влог бил животот... ама не нивниот, туку некој туѓ. Едно од најприоритетните правила кое морало да го почитуваат било никогаш да не покажуваат колку пари имаат, што значело да не збеснуваат и да живееат скромно. И погребите на членовите на бандитската збирштина се правеле со посебен ритуал. Над мртовечкиот сандак ставале нож, шише водка и шпил карти.

И покрај сите овие манифестирани бандитско-статутарни активности, официјален став на СССР во 40-те год. од минатиот век бил дека кај нив, демек во СССР, нема организиран криминал. Арно ама криминалот цветал што го натерало семоќниот Лаврентиј Берија, шефот на НКВД, да изврши коренита реформа на органите... на прогонот де, во СССР. По оваа „преродба“ било опасно по живот да бидиш фатен од НКВД со украдени предмети, или пари, или затекнат инфлангранти во бандитизам. Казната била стрелање, како што велат баирчани - на лице сместа. Во 1941 год. руските бандити имале две алтернативи фронт или затвор како полесна и фронт или стрелање како потешка варијанта. И се разбира, се нашле во небрано, во дилема, за што да се определат или по нашата реалност за

Змија или магаре

односно за отровот или стапот. Еее, тогаш да го имаа бандитиве невинион калуѓер Манасиевски со неговите чесни сестри од манастирот ЛДП, најверојатно ќе ја донесеа најсоодветната одлука. Вака, без саглам советодавец, се определиле за фронт и од нив Советите оформиле за машала коњичка бригада, арно ама, зад нив (за секој случај) имало по неколку баталјони од НКВД... за секој случај де! - да не им се снеарни на бандитиве.

Најпозната за тоа време била бандата на Павленко која во 1942 год. дезертирала од Црвената армија. Тој успеал сите свои бандити да ги строса со оргинал советски униформи и да оперира како војничка формација. Дотичниве најмногу арамилаци извршиле во Источна Европа и Берлин до каде се пробиле заедно со советската армија. Павленко (како сега Гадафи) сам си доделил чин полковник со кој на рамена аздисувал до 1952 год. кога бил ликвидиран.

Во Москва пак оперирала бандичка викана „Црна мачка“, сочинета од малолетници кои краделе и убивале, ама внимавајте - не за да се збогатат, туку да се преранат и преживеат на свој начин. Можеби чудно, но шеф на оваа бандичка бил Владимир Колганов, ученик во седмо одделение.

По Втората светска војна во СССР присутна е традиција на одржување на тнр.

Арамиски конгреси

(пак тие конгреси, конгреси пусти останале). На истите се собирале водачите на бандите (ако биле на слобода), а ако не биле, тогаш се организирале конгресни сесии во занданите. Првиот конгрес на советското подземје се одржал 1947 год. во Сокољник, предградие на Москва, вториот во престолнината на Татарската автономна област Казањ во 1955 год. а во 1956 год. одржан е третиот конгрес во Краснодар на Црно Море... четвртиот во Москва во 1980 год. петтиот во Киев во 1991 год. а за шестиот (што се знае) бандитски конгрес се одржал во руската престолнина Москва во1994 год. На конгресите се одредувала стратегијата за приспособување кон новонастанатите услови и за прв пат е евидентирано присуство на „лажни арамии од законот“ - инфилтрирани од полицијата кои по откривањето одма се „пуштале по канализација“!

Во 1953 год, веднаш по смртта на првиот организатор на грабеж на пошта во Русија (Сталин), Берија како прв полицаец не успеал да го заземе неговото место кое му припаднало на Никита Хрушчов. И во тоа време казнените мерки спрема руските криминалци имале ептем остар карактер. Казните добиваат такви драстични димензии што во Ленинград во 1963 год. е стрелано 14 годишно дете за грабеж и убиство. Тие околности го натерале руското подземје да се консолидира и уште повеќе да се повлече и делува во тајност.

(За светлите моменти не овие мрачни збирштини, продолжуваме во следниот број)

 

 

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________