Почетна --> Архива --> 277 --> ИДЕАЛНАТА ИДЕОЛОГИЈА
ИДЕАЛНАТА ИДЕОЛОГИЈА
Автор: ЕГО Редакција   

Најопасни се оние кои идеологијата ја носат во празните црпки, кои ја злоупотребуваат и ја користат за свои лични интереси.

Малкубројните со голема власт и моќ од една страна и оние побројните со помала власт и моќ од друга, кога и да е - ќе тргнат едни на други. А народот? Народот брзо ќе се задоволи со трошките што и едните и другите му ги фрлаат, колку да не умре од глад.

Најлесно се одржуваат идеологиите кои ги создал животот, а најтешко оние кои му служат на одреден политички режим. Идеите кои му служат на режимот го исцрпуваат народот, а режимот кој народот го претвора во свој слуга е краткотраен и неодржлив. Затоа, браќа ем мили сестри, мора да ни биде јасно дека глувците најлесно би се ослободиле од мачорот кога би му врзале ѕвонец окулу вратот, ама кај да се најде толку храбар глушец?

Кога ненормални персони би еволуирале во нормални во една ненормална држава најверојатно би требало да минат еден стадиум на нормализација! Во различни држави, различно е времетраењето на нормализацијата. Негде побрзо, негде подолго, а некаде богами, како на пр. во една држава која добро ја познавам, како што тргнале работите, ненормалните работи се одомаќинија до таа мера што периодот за нормализација ќе трае до бескрај... без никакви сигнали да се надмини ненормализмот како прифатен начин на живеење.

Значи, нема друга поприфатлива идеологија која би се судрила со етаблираниот ненормализам. освен понудените дпмнеовска и сдсмовска. Е сеа, дали има некакви шанси за отфрлање на

Ненормализмот

или сепак тоа значи негово продолжено практично функционирање во режија на посочените идеологии?

Точно на 09. 04. 2009 год. „ЕГО“ објави еден текст во кој на одреден начин се сакаше да се запознаат битолчани (ем битолчанки, разбира се) за овие религии... пардон, политички идеологии кои од осамостојувањето до денес програмски или не, намерно или не, го практикуваа ненормализмот како животна судбина. Тој текст во преработена форма значи дека ако со пари си купил книга, не значи дека со пари можеш да купиш и знаење!

Е вака. Се очекува, кога и да е, ДПМНЕ-идеологијата да биде заменета со идеја која е спротивна на нивната. Засега не постои друга (па со тоа ни подобра), демек ним спротивна, од СДСМ-идеологијата... или се лажам?

Влада или политичка опција што ветува потполна еднаквост - или е во тешка заблуда - или на големо лаже! Луѓето во чии глави некој би можел да формира такви сфаќања мораат да имаат испразнети мозоци. Од нивните глави мора да исчезнале сите спознанија, навики и искуства. Само во такви глави можи да се формира сфаќање дека човек може да работи колку што може, а да има се што му треба! Еее браќа, тешко е да се најде таква земја со богата природа и во неа да ги населиш тие, според мене, надлуѓе. Во некој нареден милениум можеби и ќе биде тоа, но во некој нов свет, поинаков од овој, ваков како што е. Сепак тоа би зависело од тоа што повеќе се сака - власт и

Фотелја или народот?

Постојат персони во ДПМНЕ-светот кои попрво би прифатиле да ја изгубат главата, отколку да ја изгубат власта... да не не! Можеби тоа е преостра оценка за нив, но ако се задржат подолго на власт не сме далеку од оваа констатација.

Значи, со пари можеш да купиш доктор, а не здравје!

Човек кој долго седи во власта се сплотува со нејзините погодности... оние де, привилегии кои власта ги носи. Со тек на време погодностите стануваат се поголеми, а напоредно со тоа и побарувањата и од средината и од луѓето. И еден добар пролетен ден тоа ќе стане неиздржливо, а тие персони неподносливи. Е, тогаш, нема да чекаат избори туку сами ќе си одат. Ќе се поделат на тие што повеќе „заштедиле“ и подобро живееат и на оние на кои тоа не им појде од рака. Па затоа што и едните и другите имаат приближна моќ - малкубројните со голема власт и моќ од една и оние побројните со помала власт и моќ од друга страна, ќе тргнат едни на други. А народот? Народот брзо ќе се задоволи со трошките што и едните и другите му ги фрлаат колку да не умре од глад, поаѓајќи од онаа народната дека на чесниот и сиромашен македонски граѓанин не треба многу да му дадеш за да биде благодарен и во тебе да гледа како на доброчинител.

Но, кутри народ, иако се труди, не може ништо да измени. Сега-засега, тоа може да го направи само времето. Па нели на секој плод му треба време да созрее, да прездрее и да падне, или пак ко на времето, кога народот македонски долго време чекаше за да ослабне Отоманската империја, ако добро се сеќавам, згора едно 500 години.

Значи, со пари можеш да купиш часовник, а не време!

Паметните би дале половина од својот живот за остатокот да го проживеат како луѓе, бидејќи не сакаат

Долг, а лош

живот... или како беше она од Дамета наш: „Поарно ужасен крај, отколку ужас без крај“. Таму каде што доброто не успева да биде подобро, недоброто станува катастрофа. Капите кои глупавите им ги кројат на мудрите, секогаш испаѓаат мали, оти ги кројат по својата глава. Денес животот мораме да го примаме онаков каков што е - во него се влегува чесно, ама ретко кој таков излегува од него.

Е сеа, која идеологија може да го смени човекот? Дали онаа на ДПМНЕ или онаа на СДСМ? Или пак, оваа нашата, општоприфатена... онаа де, на ненормализмот, или пак, скраја да е, комбинација од овие трите. Значи, за да се смени човекот за да може тој да создава услови за подобар живот, зависи од идеологијата. Ако животот ја прифати и ако некаде во светот е докажана нејзината практична примена, тогаш пеки. Арно ама и во најдобрата идеологија препрека може да биде човекот... кој тешко им се подредува на идеолошките закони.

До денес само една идеологија ја има докажано својата трајна вредност, бидејќи има еден творец и господар - тоа е идеологијата на верување во Бога. Ако во нашата ни татковина сите граѓани ги фрлат своите идеологии на улица, би банкнотирале сите КПМ... извинете, да бидам појасен, сите комунални претпријатија задолжени за чистота... и за јавно зеленило, де!

Најлесно се одржуваат идеологиите кои ги создал животот, а најтешко оние кои му служат на одреден политички режим. Идеите кои му служат на режимот го исцрпуваат народот, а режимот кој народот го претвора во свој слуга е краткотраен и неодржлив. Затоа, браќа ем мили сестри, мора да ни биде јасно дека глувците најлесно би се ослободиле од мачката кога би и врзале ѕвонец окулу вратот, арно ама - зорт е каде да се најде толку храбар глушец тоа да го стори.

Човек барем сега може да живее без идеологија како останатите глувци-коркачи.

Значи, со пари можеш да купиш позиција, а не почит!

А што правиме со они кои велат дека се сексуално неопределени... пардон, идеолошки неопределени, оние кои не се заинтересирани, демек за ништо (што би рекле нашиви политички јунаци)? Такви нема! Постојат само такви кои не наидуваат на некој интерес. Тие се наоѓаат во средината на спротиставените идеологии. Не постои човек без вкус, боја, мирис. Ако има таков, тогаш е гола вода и ништо повеќе!

Најопасни се оние кои идеологијата ја носат во празните црпки, кои ја злоупотребуваат и ја користат за свои лични интереси (а ги има поприлично). Тие што се без идеологија на одреден начин се доживотно духовно сиромашни. Но човек не може да биде сиромашен ако не знае дека постои нешто што може да му користи и не може нешто да му недостасува, ако не знае дека постои.

За крај: идеологиите од нашето поднебје се добри ако се во главите на разумни луѓе. Лоши се ако се во главите на недораснати и им служат само на мал број луѓе. Добри се ако им служат на граѓаните - не со зборови туку со дела, ако не се во рацете на еден човек или група, ако се лишени од самоволието и ако не се во спротивност со приватниот живот.

Барем народот така вели, ама не постои човек кој може да знае повеќе од народот.

Значи, со пари можеш да купиш куќа , а не дом!

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________