Почетна --> Архива --> 279 --> ПОБЕДЕТЕ ГО СТРАВОТ
ПОБЕДЕТЕ ГО СТРАВОТ
Автор: М-р Марија Котевска - Димовска   

Храброста е една од најголемите доблести врз која се гради величината на човековата личност. За вистинска мудрост неопходно е храброста да се надополни со знаење. Знаењето е тоа кое ќе помогне да се надминат предрасудите и заблудите за природата на храброста. Имено, честа е заблудата дека личност која е со добра и блага природа е слаба, што подразбира дека нема храброст. Така, на емоционално ниво силата се поврзува со злото, додека пак слабоста се поврзува со добрина. Секако дека тоа е далеку од вистината и дека злото, како активност со цел да се нанеси зло на другите, е исклучиво карактеристика на

Слаби и страшливи

личности. Таа е заснована на уверувањето дека во светот може да се добие она што ни е потребно само со заплашување, наштетување или насилно одземање од другите. Ваквото убедување води до тоа личната среќа да се темели на туѓата несреќа, било таа активно да се предизвикува, пасивно да се посакува или подло да се поттикнува. Ова се активни форми на зло, што не значи дека пасивниот однос кон злото без да се реагира за негово спречување е амнестирано од одговорност. Стравот да се спротивставиме на злото е еднакво лош како и активниот начин на злоба.

Што се случува кога сме слаби, кога не се спротивставуваме на злобното однесување и кога не се бориме за вистината? Тоа подразбира молчење  кога сме свесни дека другата личност не е во право, или пак кога сме сведоци на повредување на некоја личност, а не преземаме ништо. Со тоа ја поддржуваме онаа личност која нанесува зло и даваме порака дека добро прави. За да не се соочиме со стравот од неприфатеност, ние ја продаваме нашата чесност.

Во нашето секојдневие тоа често се случува. Кога во наше друштво клеветат или озборуваат некоја личност, нашето молчење не е добрина - во никој случај! Да имаме на ум дека тоа е подеструктивно и од самото клеветење, зошто видливото зло е помалку опасно од невидливото. Отвореното зло барем се покажува, а може и да ги сноси последиците од тоа за разлика од прикриеното. Како пасивни

Слушатели на клевети

сме во двојно самозалажување. Го правиме истото што го прави клеветникот или озборувачот без последици, а при тоа имаме илузија дека сме подобри од него.

Пасивно зло е воздржување од делување за добро, а тоа ја поддржува себичноста, рамнодушноста и неделувањето. Тоа го спречува развојот на позитивното како во околината, така и во самата личност. Всушност, може да се рече дека инерцијата и пасивноста се најголемо зло. Се додека не сме волни да рескираме и храбро да делуваме, па и по цена другите да не отфрлат, нема да бидеме во состојба да добиме самодоверба и самоприфаќање. Тоа ја вклучува свесноста и прифаќање на цената која може да бидре доста непријатна како отфрленост, повреденост или губење на предноста. Тоа ја вклучува храброста нешто да рескираме или да ги жртвуваме себичните цели.

Чесното согледување на себе си создава храброст. Спротивно од стравот кој не наведува да веруваме дака не можеме да го имаме она што го посакуваме без притисок, манипулирање и борба, храброста ни овозможува еден сталожен и опуштен однос кон работите и верување дека ние сме тие кои пружаме. Храбриот човек размислува на следниов начин: Ако другите го сакаат она што им го пружам ќе ми биде драго, во спротивно нема да се лутам. Ако тоа е болно за мене, ќе ја прифатам болката и ќе ја истражам во себе си. Верувам дека ќе добијам се што ми треба иако во овој миг го немам”. Ваквиот став ни овозможува да прифатиме се што ни носи животот без да се чувствуваме безнадежно. Тоа значи дека треба да создадеме позитивен внатрешен став според кој ќе се чувствуваме добро иако нешто ни недостасува. Тоа доведува до внатрешен мир и спокоен процес на лично развивање, а стравот се победува и е се помалку застапен. А победата на стравот е почеток на мудроста.

 

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________