Почетна --> Архива --> 281 --> Внатрешен свет
Внатрешен свет
Автор: М-р Марија Котевска - Димовска   

Која е вистинската реалност? Дали е тоа она што се случува во надворешниот свет или она што ние го доживуваме? За да одговориме на оваа вечна енигма потребно е да станеме свесни дека сите ние живееме во два света - надворешен и внатрешен. Надворешниот свет е објективен влегува низ нашите сетила и е видлив за сите. Внатрешниот свет е светот на мислите и впечатоците, чувствата, верувањата и реакциите. Тој е невидлив и ни припаѓа само нам. Потребно е да научиме да ги разликуваме овие два паралелни светови кои егзистираат во нас. Да замислиме на пример дека присуствуваме на некоја забава. Се што ќе видеме, чуеме, пробаме и допреме му припаѓа на надворешниот свет. Се што ќе помислиме, почувствуваме, се што ќе ни се допадне или нема да ни се допадне му припаѓа на внатрешниот свет. Ние присуствуваме на

Две забави

што различо ги доживуваме, едната е надворешна а другата е внатрешна.

Прашањето кое се наметнува е: „Во кој свет живеам јас?”

Дали во оној кој го откриваат моите сетила или во внатрешниот свет? Местото каде чувствуваме и страдаме е внатрешниот свет. Ние всушност цело време живееме во него. Во тој наш внатрешен свет на мисли и чувства се одвиваат сите наши подеми, падови и колебања. За да се промениме себе си мораме да почнеме да го менуваме тој свој внатрешен свет, со прочистување на своите емоции и исправно размислување. Многу луѓе ќе речат „сакам да го постигнам тоа но не можам, на знам како, лесно е да се рече” и слични рационализации кои го оправдуваат постоењето на негативните мисли кои се ментални отрови кои го загасдуваат нашиот внатрешен свет. За нивното постоење сме одговорни само ние и само ние го имаме противотровот. Како да го разубавиме тој свој внатрешен свет? Потребно е да научиме да ги разликуваме исправните од неисправните идеи и мисли со кои го исполнуваме својот внатрешен свет. Позитивните мисли се

Силни мотиватори

кои можат да поттикнат позитивни емоции и да не насочат кон продуктивни модели на однесување. Но луѓето се многу скептични за толкавата моќ на мислите врз квалитетот на живеењето. Тој скептицизам е неоправдан зошто позитивните мисли за животот се како семето за растението. Пред да го посееме секое семе изгледа исто, суво и без животна сила, со боја и форма како и секое друго . Но ако ние знаеме што растение ќе никне од него и го посадиме со верба, во вистинско време и со вистинска нега тоа ќе почне да расте. И ќе го добиеме саканато растение и неговите плодови. Истото е и со мислите, кога ќе ги посееме вистинските - позитивни мисли во својот ум тоа мора да го направиме со верување дека од нив ќе никне посреќен живот. Како што нашето верување станува посилно така тие позитивни мисли ќе почнат да растат и да се развиваат. Тие стануваат внатрешна сила која делува во нас, а нивни плодови се животните радости. Имајќи ја во предвид моќта на мислите, потребно е секој од нас внимателно да ги преиспита. Кога негативна мисла почне да се создава во нашиот внатрешен свет ние свесно да ја препознаеме и да отпочнеме процес на

Трансформација

или промена. Ние сме креатори на своите мисли кои треба да ги обликуваме како вистински уметници во прекрасни емоционални творби кои ќе ни го разубават внатрешниот свет, а тоа ќе се одрази на нашите животи. Кога нашиот внатрешен свет е исполнет со мир, хармонија и спокојство, кога сме среќни и задоволни тогаш и надворешниот свет ни изгледа многу попријатен. Да станеме креатори на својот внатрешен свет, да негуваме позитивни мисли кои ќе произведат позитивни емоции и пријатни расположенија. Ако во надворешниот свет и случувања ја согледаме хармонијата на универзумот, тогаш ќе можеме да ги применуваме чудата на внатрешниот говор на конструктивен начин. Тоа ќе не доведат до смиреност и спокој и до сознанието дека човекот е она за што размислува. Еден познат мислител тоа го искажал со мудрата мисла: “Не обидувајте се да го промените светот туку променете ја вашата реакција на него”.

 

 

 

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________