Почетна --> Архива --> 281 --> ОД БИТОЛА - НИЗ БЕЛИОТ СВЕТ
ОД БИТОЛА - НИЗ БЕЛИОТ СВЕТ
Автор: Димитар А. Богдановски   

Необично животно патешевствие

Мајк Грегори, натурализиран Американец со битолско потекло - навигатор на бомбардер во Британското воено воздухопловство за време на Втората светска војна.

Пред неколку години имав можност да се запознам со господинот Мајк Грегори, натурализиран граѓанин на Соединетите Американски Држави од битолско потекло. Во прв момент, непосредно при запознавањето, малку збунува чисто американското име Мајк Грегори, но уште повеќе неговото чисто битолско зборување. Овој крупен човек во поодмината возраст, но со постојано ведро лице и внимателни насмевнати очи, е единствениот Македонец кој во текот на Втората светска војна, како момче, активно учествувал во борбите на разни европски фронтови како член на екипаж во бомбардер на Британското кралско воздухопловство (РАФ).

Господинот Миодраг Глигориевски, односно сега Мајк Грегори, потекнува од богато битолско

Трговско семејство

познато по име Чираборина. Неговиот дедо по татко, Глигур (чие презиме го носи), а по лик го помни како во сон, еден од своите синови по име Петар, таткото на Мајкл, го пратил да студира на економски науки во Виена, тогаш престолнина на Австро-унгарската монархија. По завршувањето на Првата светска војна, Петар, во тоа време една од ретките личности со високо образование, од страна на кралската југословенска власт бил назначен во управата на Југословенската слободна зона во Солун. Непосредно пред заминувањето во Солун се оженил за Надежда П... исто така од познато во тоа време битолско семејство. Петар како висок службеник заработувал многу, така што парите за младото семејство не преставувало никаков проблем, купил куќа во Солун.

Во 1925 година во семејството на младата брачна двојка Глигориеви (тогаш Глигориевиќ), се раѓа нивното прво дете, синот Миодраг, крстен од нивниот кум Михајло Демиќ, полковник во југословенската кралска армија. Семејството Глигориеви, речиси секоја година, се збогатувале со нов член. Така Миодраг, имал пет браќа и четири сестри, кои со исклучок на еден од браќата кој е починат пред некоја година, се живи и здрави. Миодраг кога потпораснал, бидејќи највозрасен, е ангажиран со разно–разни задолженија во тоа бројно дванаесетчлено семејство.

Мајк Грегори основното образование го завршил во Солун. На училиште покрај српскиот јазик, го учел и грчкиот, а дома се зборувало македонски. Се разбира, животот најчесто не тече и не се развива онака како посакуваме, планираме, сонуваме, ами по некој свој неразбирливо специфичен, не ретко суров пат. Во пролетта 1941 година младиот седумнаесетгодишник се нашол фрлен во бурата на војната, која жестоко ја налага борбата за преживување и опстанок. Неговото време како никогаш во дотогаш познатата историја на човештвото, било покриено со облаците на мракот застрашувачки надвиснати врз судбината на целото човештво. Во текот на април 1941 година, времето кога кралството Југославија капитулира пред фашистичката солдатеска, кој ден и која дата тој не се сеќава, но во секој случај тоа било кога германските инвазиони трупи Битола заминуваат кон грција, а градот го оставиле далеку зад себе препуштајќи го на Царството Бугарија, тој ја напушта Битола, каде гостувал кај една од тетките. Помни како вчера да било, пред зградата на тогашната Богословија (сегашната зграда на Универзитетската библиотека), таму каде вѕидана во оградата постоела чешма, а луѓето од околните куќи молчеливо се собирале и полнеле вода, забележал лица во непозната, претпоставува, бугарска полициска униформа.

Во тие бурни денови Миодраг тивко ја напушта Битола. Со себе носи две вреќулина брашно, во тоа време артикал повреден од суво злато. Вреќулината не биле големи, ама сепак биле тешки-претешки за него, додека во еден од џебовите биле сокриени два наполеони, дар од тетка му за да му се најдат по патот во неизвесноста. Со себе немал никакви документи. На селска кола пристигнува близу грчката граница кај селото Кременица. Тука во непосредна близина на граничниот премин, низ нивите со веќе потпораснатите жита, носејќи ги вреќулината в раце, успева незабележан од никого да ја премине

Границата

Потоа, по речиси целодневно пешачење, преморен пристигнал во Лерин. Наскоро успеал да се качи на возот за Солун. Во Солун затекнал невиден хаос. Граѓаните збунети, уплашени, луѓе кои бесцелно скитаат по улиците. Дуќаните, продавниците, кафеаните, хотелите - затворени. Збунет, зачуден и уште повеќе уплашен, забележал тука-таму луѓе попаднати по улиците од изгладнетост. Ужасен, раскажува господинот Грегори, видов многу мртви луѓе потечени како балони, попаднати по тротоарите, под дрвјата и патеките на парковите. Пристигнал во куќата на родителите. Ги затекнал загрижени - татко му ја загубил работата, семејството останало без редовна заработувачка во туѓа држава и тоа во многу лошо време, а со многу усти за хранење. Храната, оние кои имале пари, ја плаќале со суво злато. Оние кои немале пари куќите си ги продавале. Донесените од Миодраг вреќулина со брашно за кусо, премногу кусо време, ја ублажиле донекаде кризата за храна.

Не се помирил со таквата положба. На некаков начин ни самиот не знае како, во тие тешки околности, помогнат од родителите и некои повлијателни семејни пријатели, се качил на параброд. Бродот бил преполн, игла да се фрли немало каде да падне. Истовремено, германските единици незапирливо настапуваат на грчката територија, откако претходно ја заобиколиле Метаксовата одбранбена линија горе на север, на планината Беласица. За среќа Германците не стигнале да го попречат патувањето на Миодраг.

- По повеќедневно патување, а времето се погоди убаво и морето мирно, пристигнавме во Александрија, Египет. Никогаш до тогаш не сум бил во друг град, освен во Битола и Солун. Да, точно така, до тој момент единствено од поголемите градови го познавав Солун, ама и тој во споредба со Александрија изгледаше мал, незначителен. Од училиште знаев дека Александрија е најголемо и најважно египетско пристаниште на Средоземното Море, град кој некогаш во античко време бил основан од Александар Македонски, царот на древните Македонци. Ама јас само тоа го знаев, ништо повеќе. Признавам, не очекував толкава големина на еден град, просто не можев да си ја претставам, единствено бев фрапиран од она што тогаш успеав да го видам. Меѓутоа, на располагање немав доволно време ниту, пак, доволно волја и расположение за да се восхитувам на градските убавини и подобро да го запознаам тој величенствен град. Уште истиот ден по пристигнувањето во пристаништето сите нас не` одведоја источно од градот во некое место, чие име не го помнам, западно од Каиро, каде претходно бил подготвен логор за бегалци.

- За моето приклучување во британското воено воздухопловство помогна мојот кум Михајло Демиќ, потполковник во поразената кралска југословенска армија, инаку по потекло од Ниш. Добро се сеќавам на него. Беше многу сериозен, авторитетен и горд човек. Како висок офицер не можеше да се помири со воениот пораз и да ја прифати капитулацијата. Поради тоа беше принуден да го остави семејството, додека самиот замина во бегство, раскажува господинот Грегори.

Благодарение на врските на потполковникот, Миодраг се` уште голобрадо, но физички извонредно развиено момче, наизглед повозрасно од годините, бил примен на обука во

Британската армија

Инаку, во Египет, од окупираните под Германија европски земји (Полска, Чехословачка, Југославија, па дури и од Романија, во тоа време сојузник на Германија), имало многу претежно млади луѓе кои, сакале да се борат против хитлеровска Германија.

- Штотуку влегов во седумнаесеттата година, ама бев прилично крупен, силен и снажен, изгледав повозраен. Англичаните некои од нас младите избраа и не` одведоја во Најроби, главниот град на Кенија, Источна Африка, во тренинг-центар за воена авијација. Таму во тоа време постоеше огромен аеродром, кој сигурно постои и сега, дел за цивилно, но поголемиот дел наменет за военото воздухопловство.

За мене, продолжува да зборува господинот Грегори, бидејќи се` уште дете, но верувам да бев и повозрасен ќе беше исто така фасцинантно откривањето на Најроби, дел од земјата и населението на Источна Африка. Тогаш Кенија беше една од многубројните колонии на Велика Британија. Во градот живееја многу малку белци и, природно, жителите беа претежно црнци, кои пак зборуваа на разни јазици. Јужно од Најроби, на мое големо чудење, бидејќи се наоѓав во Африка и воопшто не очекував и таму да има снег, во далечините на југ, како подоцна научив од другата страна од границата со Танзанија, се назираа врвовите на Килиманџаро, покриени со вечен снег.

Со многу други младинци од различни националности (ги имаше, барем мене така ми се чини, од сите делови на светот), во текот од втората половина од 1941 и добар дел од 1942 година, во воената школа бевме подготвувани за екипажи на воената авијација. Обуката беше вонредно тешка, многу напорна, просто исцрпувачка. Владееше строга дисциплина. Изучувавме воени вештини, авионската техника, учевме англиски јазик, спортувавме и физички се калевме. Сите питомци добивавме плата. По обуката добив чин

Поручник

во британското воено воздухопловство и бев назначен за навигатор во екипаж на двомоторен бомбардер Боинг Б-29, таканаречен супер-тврдина. Овие авиони за првпат зедоа учество во борбените дејствија во текот на 1942 година. Имаа носивост 10 тони и развиваа брзина од 480 км/ч. Екипажот го сочинуваа четворица членови: пилот, копилот, навигатор и нишанџија. Во нашата ескадрила, покрај неколкуте Англичани, единствено јас бев Македонец. Помнам, вкупно имаше тројца Југословени: еден Словенец по име Јован, другиот беше Босанец, Зоран, а третиот Србин, чие име беше Ѓорѓе, ние го викавме Џорџ.

Кога при извршувањето на воените летови ќе се случеше некој авион да биде погоден од непријателскиот оган, а тоа за среќа релативно ретко се случуваше, целиот екипаж се плашеше. Не е шега, навистина беше ужасно. Самата глетка на погоден авион обвиен во пламен или распаднат на делови како јури надолу во бездна, е грозна. Гледаш во погодениот авион, којшто само до пред неколку мигови леташе заедно со другите во една формација и не можеш да сфатиш, одбиваш да поверуваш дека бил погоден, дека гори во пламен и паѓа проудолу, додека во него целиот екипаж е наполно беспомошен и на твоите другари им нема спас. Гледаш занемен од ужас којшто во случајов случајно те одминува, ама свесен си дека опасноста и понатаму е присутна, таа трае, не одминала и може секому да му се случи. Молчиш и гледаш. Сите молчат. Понекогаш се искраднува неконтролиран извик, псувни, но обично владее штама помешана со татнежот од експлозиите кои допираат од длабочините. На крајот од краиштата, и не останува многу време за гледање. Всушност, воопшто нема време за гледање, а уште помалку за жалење, размислување, екипажот е целосно преокупиран со борбените активности. Сепак, се сакало или не, мора да се признае, стравот е тука, притаен во темните агли на свеста, ама успеваме да го совладаме, да не му се предадеме. Друго решение не постои.

Господинот Мајк Грегори помни, добро помни, бидејќи некои нешта неможно е да бидат заборавени, за времето кога англо-американските трупи стапнуваат на италијанска територија. Така во првите денови на септември 1943 година, точно по четири години од стапувањето на Италија во војна против Велика Британија, сојузничките англо-американски сили набргу по освојувањето на Сицилија, преоѓаат на европскиот континент. Италија е првата земја од силите на тројната фашистичка осовина, којашто директно ги почувствува жестокостите на војната на сопствена територија. Тогаш англо-американските здружени сили конечно стапнаа на континенталниот дел од Италија, најпрвин освојувајќи го Реџо ди Калабрија, град на италијанскиот југ, наспроти Месина, главниот град на Сицилија. Кај Торенто се стационира Првата британска воздушно-десантна единица со 3.000 луѓе. Во нејзиниот состав се наоѓала и воздушната единица на Миодраг, којашто по само неколку дена била стационирана на аеродромот кај Бари, а подоцна во Кастело Маре каде се воделе жестоки борби.

По стационирањето на британските воени единици во Бари, во текот на септември 1943 г. се случи ненадеен воздушен напад врз воената британска база. Јато од „месершмити“ го нападнаа аеродромот. Летале многу ниско, просто на дофат од рака. Митролеските рафали биеле наоколу. Јован, словенечкиот другар на Миодраг, наспроти повикот да се засолни заедно со него на една страна, веројатно уплашен, истрчал на друга страна. Нападот одминал, бил кусотраен, дури и нанесените штети врз аеродромот биле незначителби. Мајкл почувствувал топлина на левата страна и лута болка на листот од деснатаа рака. Станал. Од раката и ногата течела крв. Бил ранет. За среќа не сериозно. Викнал по Јован. Тој не се одѕвал. Поминав на другата страна кај него, раскажува Мајк. Јован лежеше помешечки. Беше мртов. Блузата на грбот крвјосана. И ден денес жалам за тоа момче. Најмачно ми е што не го помнам неговото име. Не сум сигурен дека името му беше Јован, а ни презимето не му го помна. Но, тоа сега не е важно. Години поминаа, а јас се` уште не можам да го за боравам неговото неподвижно тело.

Словенецот бил многу добар, предан другар, но прилично плашлив. Всушност, додава господинот Грегори, ние без исклучок сите, се разбира некој повеќе, некој помалку, се плашевме. Да биде јасно, бевме млади се` уште деца. Туку и постари да бевме, сигурен сум пак ќе се плашевме. Стравот е природна работа. Ама војната, губејњето на животите, сакатењето на луѓето, постојано надвиснатата опасност над главите, претставува ужас кој не се заборава.

Во текот на целата 1943 година американоско-британското воено воздухопловство континуирано интезивно вршеше разорни бомбардирања и тоа не само на фронтовите, туку и врз градовите, сообраќајните јазли, индустриските капацитети.

Бомбардирањата

покрај унштувањето на воените непријателски потенцијали, имаше за цел и деморализирање на непријателското население. Во ноември 1943 година англо-американското воздухопловство стационирано во јужноиталијанските бази жестоко го бомбардираа Плоешти и романските нафтоносни полиња. Тој месец неколку пати ја бомбардиравме и Софија, главниот град на Бугарија. При тоа воздухопловните ескадрили, каде припаѓаше и Миодраг, учествувале во тие тешки и мошне опасни акции. Знаев, раскажува тој, иако летовите претежно се извршуваа ноќе, кога надлетувавме над Битола. Морав да знам, бев навигатор. Навигаторството при воздухопловството претставува многу комлицирана работа. Не е лесно да се води авион кон дадената цел и во секој момент, било дење или ноѓе да се знае точната позиција. Но, горе од висините, не е ништо видливо надолу во длабоката темнина, со исклучок на малите мижуркави светла. При враќањето по извршените бомбардирања летавме по друга линија, многу понасевер, т. е. преку територијата на Србија и Црна Гора.

Луѓето во битките се принудени да се бијат со луѓето од спротивната непријателска страна, да се убиваат едни со други непознати, меѓусебно никогаш невидени. Лично директно никогаш не сум учествувал на фронт на земја во борбени дејствија. Случајот со загинувањето на Јован за мене беше прв и последен во мојата воена кариера. Ни тогаш ние со Јован не учествувавме во борба, не се боревме, тогаш бевме само цели. Прашање е дали тие горе од, месершмитите воопшто нас не` виделе. Сигурно, барем јас така мислам, не не` виделе. Впрочем, ни ние нив не ги видовме. Ги видовме само нивните авиони устремени кон нас. Ги слушнавме пукањата, свирежот на куршумите, ѕвекот од нивните удари во тлото и железото. Друго ништо, апсолутно ништо. Единствено се чувствува

Стравот од смртта

да не се биде погоден од куршумите. За мене од тој ужасен случај единствено остана споменот за изгубениот другар. Само до пред неколку мигови жив и здрав, полн со животна енергија, радости, надежи, планови и верба во иднината, а тој исто како јас, исто како секој млад човек ја сакаше иднината, наеднаш остана да лежи спрострен врз тврдата бесчувствителна земја, мртов. Ужасно. Не можев да поверувам, дури и ден денес, иако децении поминаа, иако неговата смрт е факт, не сакам да поверувам во неговото загинување.

За загинатиот другар кај Мајк останале некои спомени. Навистина тие не се многубројни, ама имале јаки корења и затоа останале незаборавени. За кусо време од неполни две години заеднички живот во воените кампови, оптоварени со неизброиво многу тешки тренинзи, има многу мака и преживеани напори какви не се среќаваат во обичниот цивилен живот на човекот, но малку моменти на радосни спомени. Сепак, и од таквиот жесток војнички живот, дури и од тоа кусо заедничко минато кај Мајк останале силни и драги незаборавни спомени.

- При бомбардирањата во длабочините под нас создававме пекол од оган, експлозии и смрт кај сето она што во тие моменти се наоѓало долу, никого не гледавме. И се разбира, не можевме ништо да видиме поради ноќниот мрак, облаците од пепел и прав, од огновите на пожарите распространети во недоглед. Де факто, сите тие апокалитички дејствија ги восприемавме како нешто потполно нормално, природно, коешто секојдневно се случува, ама истовремено и нереално, апстрактно. Од сето случување долу под ќилимот од нашите бомби произлегува упростениот заклучок дека убивањата не се вистинити, ами виртуелни. Впрочем, за нив ништо не знаеш, не можеш ни да знаеш, воопшто не си свесен за нив. Е, на крајот од краиштата, како може поинаку да биде кога физички со свои очи неможно е да се видат жртвите, а со самото тоа се елиминираат чувствата од ужасите? На извесен начин, сепак и знаеш и си свесен за тие ужаси, но бидејќи невидливи, лично не се преживуваат. Оттука произлегува извесната смиреност, на одреден начин и среќа кога екипажите се враќаат од борбените задачи назад во баците. И точно тогаш, точно во тие моменти, наполно контрадикторно од претходно кажаното, наеднаш нараснува немир во очекувањето за враќањето или невраќањето на другите екипажи. Сознанието за исчезнувањето на некои екипажи причинува создавање на неподнослива празнина, којашто е присутна во свеста.

Во РАФ служев речиси четири полни години. По завршувањето на војната во мај 1945 година, започна постепеното распуштање и на воздухопловните воени единици. Бидејќи бев се уште многу млад, дваесетедно-двегодишен, но искусен, прекален во војната човек со ни самиот не знам колку борбени летови, згора и со чин поручник, доколку сакав можев и понатаму да останам во Британското воено воздухопловство. Понекогаш во моментите, еве сакам како сега да се присетувам на тоа време, дури ми е жал што не останав. Не знам точно поради што, но ми се чини дека ако тогаш останев во Велика Британија ќе можев да постигнам многу повеќе во животот. Меѓутоа, тие се само моменти. Минатото е минато, назад не се враќа.

Кога размислувам, а тоа како пензионер често го правам, сепак сум среќен што најголемиот дел од животот го поминав во Соединетите Американски Држави. Таа далечна 1946 година, најмногу по инсистирање на мајка ми, која Бог да ја прости, беше многу паметна жена и умееше правилно да ги проценува нештата, заминав

Во Соединетите Држави

Инаку, ако останев во Британија уште малку, сигурно таму ќе се оженев. Имено, таму запознав една прекрасна девојка со која веќе подолго време се гледавме. Со неа се разделивме откако и` кажав дека сакам да отпатувам во САД. Таа не сакаше да ја напушти својата земја, родителите, роднините и другарките. Кога и` кажав на мајка ми за можноста да се оженам, таа не ми одобри. Што зборуваш, Миле, ме праша, зарем не знаеш дека тука сите заедно со твоите браќа и сестри немаме ни леб да јадење, додека тебе ти текнало да се жениш?! Вистина, тогаш во тоа време по завршувањето на војната, овде кај нас во балканските земји животот беше претерано тежок, преку секоја мера.

Во САД Миодраг се населил во Лос Анџелес, Калифорнија, расположен меѓу Тихиот Океан и планината Сан Габриел. Во овој огромен град години наназад живееле и работеле како трговци неговите вујковци Томас и Вангел П. Еден од нив, инаку сопственик на мрежа од трговски дуќани, по пристигнувањето на Мајк во Лос Анџелес, го прифаќа и му помага.

- Ми помогна да се снајдам во новата средина, многу поинаква од онаа во која бев навикнат дотогаш да живеам. Во текот на првите три или четири години години, точно колку беа не се сеќавам, денски одев на училиште, додека навечер и преку ноќите работев. Морав да се школувам, воената обука не е од голема полза во обичниот живот, додека пак без образование човек не е за никаде. Не беше лесно. Како и насекаде во развиениот западен свет, попристојниот живот налага многу работење. Нема забушавање, впрочем ни самата работа, нејзиниот обем, карактер и бараниот квалитет не дозволуваат неработење.

- Кога во далечната 1946 година од минатиот век, пред повеќе од шест децении (а ми се чини како вчера да било), за првпат во животот се најдов во Лос Анџелес, бев фасциниран. Тој град е извонредно убав, не залудо неговите основачи Шпанци кон крајот на осумнаесеттиот век го нарекувале Град на кралицата на ангелите.

Откако пристигнал во САД и покрај сите тешкотии со коишто бил принуден да се фати во костец, веднаш се здобил со нови, дури во почетокот наизглед потешки обврски од дотогашните за време на војната. Имено, таму во таа нова средина, каде единствено ги познава и може да комуницира само со роднините и многу тесен круг други луѓе, по успешно преживување на разни перипетии и донекаде се стабилизирал, постепено еден по еден ги повлекол таму дел од браќата и сестрите. По дваесет години поминати во Лос Анџелес во работење и печалење, откако успеал наполно да се стабилизира, со сопругата се преселуваат во Канзас Сити, кој по својата големина и значење е најголемиот град во државата Канзас.

- Покрај тоа што градот од реката Канзас е поделен на два дела, покрај тоа што припаѓа на две сојузни држави, тогаш, на времето, постоеше и друга за мене невообичаена и несфатлива поделба. Така, постоеја одвоени градски квартали каде исклучиво живееле Црнците. Интересно, през ден тие луѓе слободно, непречено од никого се движеја и работеја на целокупната градска територија. Ама привечер и во текот на ноќите во градските квартали за бели луѓе не беше можно да се сретне црн човек, бидејќи во тоа време им било забрането да ги напуштаат своите квартови. Но, истовремено и белците, иако за нив не постоела никаква забрана за движење, избегнувале ноќе да се најдат во црнечките квартови. За мене таа поделеност беше чудна, необична, туѓа. Навистина и кај нас во Битола, Ромите, тогаш на времето ги нарекуваа Ѓупци, живееја во одделни маала, ама никогаш ним ни дење ни ноќе не им било забранувано да се движат каде сакаат. Не бев подготвен за таквиот однос на луѓе кон луѓе заради различната боја на кожата.

Грегори по завршувањето на школувањето и стекнувањето на потребните работни квалификации, се оженил со саканата девојка со која претходно се среќавал подолго време, по име Лола.

- Заедно со сопругата работевме дење-ноќе. И двајцата не знаевме за вистински одмор. По нејзиното прво породување, по раѓањето на синот Петар (тој го носи името на татко ми), Лола престана да работи, исцело се посвети на детето и грижата за домот. По некоја година се роди и ќеркичката Линда, која беше многу слатко и паметно девојче.

Меѓутоа, и покрај напорната секојдневна работа, за Мајк се наоѓало и слободно време. Во саботните и неделните денови биле организирани излети, пикници. Но покрај нив, додека господинот Грегори се` уште бил во младите години, активно се бавел со фудбал, бил играч на местниот клуб „Канзас Сити Сперо“.

При избувнувањето на Корејската војна 1950 година, малку недостигало Мајк да биде мобилизиран во воената авијација. Не бил мобилизиран бидејќи не само што бил женет, туку и родител на две малолетни деца. Во војната бил мобилизиран неговиот брат Арсениј.

- Кон крајот на пролета 1956 година, шеснаесет години по напуштањето на

Мојот град Битола

дојдов да ги посетам моите родители. Пред портата на нашата куќа уште од подалеку ја забележав мајка ми како мете. Почувствував силна возбуда. Се приближив до неа. Застанав, не знаев како да и` се обрнам. Таа ме сети, ја крена главата, ме погледна, ама не ме позна. Како ќе ме познае кога на времето го напуштив семејството и домот како голобрадо дете, а пред нејзе се исправив веќе одрастен маж.

- Кого го барате? - праша.

На момент се збунив, не знаев што да одговорам, само ги раширив рацете, мамо, реков и ја прегрнав. Дури тогаш ме позна. Од сето она што дотогаш сум го преживеал во животот и што ми поминало преку глава, средбата со мајка ми за мене беше најпотресно, но истовремено и најдраг момент. Таа не ги одвојуваше очите од мене, веројатно го бараше она некогашно нејзино дете. Ни јас не ги одвојував очите од нејзе. Мајка ми не беше повеќе онаа поранешната. Остарела. Брчките и` го избраздиле и челото и лицето. Малку подгрбавела. Годините си го прават своето.

Господинот Грегори на педесет и седум годишна возраст, откако и синот и ќерката го завршиле школувањето и станела свои луѓе, се пензионирал. Планирале со сопругата Лола преостанатиот дел од животот да го минат спокојно, во мир. Меѓутоа, животот не ретко ја покажува својата грда страна. По неполни пет години од пензионирањето, госпоѓата Лола тешко заболува и набргу починала. Мајк останува сам. Никогаш не помислувал дека ќе се најде во таква положба. Никако не можел да се помири со загубата на својата животна другарка. Децата, синот и ќерката, кои веќе одамна престанале да бидат деца, туку имаат свој живот, сегашнина и иднина, живеат во свои домови. Тој не ни помислувал да им биде товар. Вистина, тие не го заборавиле, постојано го посетувале и се грижеле за него. Ама и покрај се`, Мајк најголем дел од времето го минувал сам. Самотијата е неподнослива, особено за човек кој секогаш бил во друштво. При новонастанатата околност на вдовец, времето през деновите некако поминувало, ама поминокот во вечерите и ноќите станал неподнослив.

Неколку години по заминувањето на Лола, по некоја случајност ја запознава сегашната сопруга д-р Лилјана. Таа и самата пред неколку години го видела грдото лице на судбината, откако нејзиниот сопруг ненадејно починал и ја оставил сама со две деца. Брачната двојка д-р Лилјана и Мајк Грегори веќе десетина години живеат заедно. Секоја година практикуваат по шест месеци наизменично да поминуваат во Битола и Канзас Сити. На тој начин имаат можност повеќе време да поминуваат во близината на своите блиски, роднини и пријатели. Моментално се наоѓаат во Канзас Сити.

***

Сега, по поминувањето на повеќе од шест децении од завршувањето на Втората светска војна, господинот Мајк Грегори (Миодраг Глигориевски), на осумдесет и шест годишна возраст помни многу нешта од своето бурно минато, вклучувајќи ги и преживеаните воени ужаси, слученото, како и она што можело да се случи, но не се случило.

На крајов од написов само уште неколку цртички за неговите најблиски, децата, браќата, сестрите. Синот Петар, кој согласно со македонските православни обичаи го носи името на неговиот дедо по татко му, бил живо, пргаво, многу љубопитно и извонредно трудољубиво дете. Дипломирал на економски науки, оженет, татко на ќерка по име Шели. Вработен е во големата американска авиокомпанија Америкен ерлајнс. Живее во Денвер, Колорадо. Ќерката Линда нараснала во прекрасна жена со силен изразито критичен карактер, енергична и со особено чувство љубов кон родителите. Омажена е со господинот Арвел Макрој, по потекло Русин. Живеат во Канзас Сити. Господинот Грегори уште во текот на првите години од своето осамостојување како деловен човек успеал во САД да ги повлече своите браќа и сестри. Не е излишно да се посочи дека сите тие станале успешни деловни личности. Братот Арсение, најстариот по него од браќата во семејството на Петар Глигориевски, кој се` уште живее во Лос Анџелес, станал познат бизнисмен во трговијата со нафтени деривати. По своето пензионирање најголем дел од слободото време го поминува на сопствениот ранч. Инаку, тој за време на Корејската војна бил мобилизиран и поради војничките заслуги бил повеќе пати одликуван. Браќата Коста (викан Гас), заедно со помладиот брат Томе во градот Канзас Сити важат за афирмирани заболекари. Глигорие, пак, средниот повозраст од браќата, својот работен век го поминал исто како Мајк во бизнисот со моторни горива. Додека Мишко, инаку најмладиот брат од браќата, дипломирал на архитектура. Тој цели десет години работел на изградба на згради во Ријад и во цела Саудиска Арабија. Последните години од својот живот (починал 2004 година) ги минал во Солун, каде постојано живеат сестрите Милица и Вера, професорки по теологија. Сестрата Славка, која своевремено по преселувањето во САД, завршила економски колеџ и се омажила, живее во Канзас Сити, додека, пак, најмладата сестра Лефтерија е фармацевт. Сите браќа и сестри на господинот Мајк Грегори, благодарение на својата трудољубивост и способност станале успешни и угледни луѓе почитувани во своите средини.

И покрај поодминатата возраст Мајк Грегори ги сака патувањата, да ги запознава непознатите земји и разноликоста на културите во светот. Патувал по цела Европа, вклучувајќи ги и поранешните социјалистички земји. Често ги посетувал и местата каде војувал за време на војната. Но она што можеби во моментов е најважно, негова желба е последниве години од својот живот да ги помине во својот роден град Битола.

 

 

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________