Почетна --> Архива --> 281 --> КОРЕНИТЕ НА МАКЕДОНСКАТА БОЛКА
КОРЕНИТЕ НА МАКЕДОНСКАТА БОЛКА
Автор: Панде Манојлов   

 

(Кон театарската претстава “Мистер Балкан” на Австралиско- македонскиот театар од Сиднеј, Австралија од Стефо Нанцу и Душан Ристевски во режија на Стефо Нанцу)

Австралиско-македонскиот театар од Сиднеј , Австралија на својата турнеја низ Република Македонија која трае од 4 до 17 јуни, во Кочани, Битола, Куманово, Штип, Струмица, Охрид, Прилеп и Скопје се претстави со театарската претстава “Мр. Балкан” од авторите Стефо Нанцу и Душан Ристевски, во режија на Стефо Нанцу и продуцентот Зоран Лазаревски. Улогите ги толкуваа Васко Србиновски (Господин Балкан), Илдико Каса, Соња Зенговска, Пецо Зенговски, Татјана Тодоровска, Спасија Огненовски, Илдико Каса, Јасмина Зенговска, Митра Недановска - Нешковска, Јован Ристевски, Душан Ристевски и Стефо Нанцу.

Оваа прекрасна претстава која беше поздравена со бурни аплаузи од многубројната публика, на сцената на Народниот театар - Битола, прикажана на 7 јуни, ден за паметење, ден - сведен, празник на незаборавен театарски миг, ден на восхит за љубителите на театарската уметност, зашто “Мистер Балкан” преточена во култна претстава на култниот македонски непребол, судбински, повтор како да беше вратен на овие простори, како некогаш во дамни времиња “Македонска крвава свадба” од легендарниот Војдан Чернодрински. Се вратија солзите во очите на публиката, се разбудија спомените и по кој знае кој пат, се наѕреа незараснатите рани од болното историско минато на нашиот народ, проткаено со шари од поинакви болки на совремието, болки понесени од Граѓанската војна во грција,

Бегалската сага

и патилата носени преку граници, дури во Австралија...

Ако познатиот македонски писател, академик Ташко Георгиевски, својата егејска болка и црните судбини на Македонците од Егејска Македонија ја преточи во романите: “Црно семе”, “Змиски ветар”, “Време на молчење”, “Рамна земја”, “Исчезнување” и “Црна билка” и болно ги наслика нивните страданија по македонските логори, преселбите во Војводина, Русија, Унгарија и каде не по светот и нивното враќање во “бараките за Егејци” во Скопје или познататото битолско гето “Областа”, оваа болна сага и македонска бегалска трагедија писателите Стефо Нанцу и Душан Ристевски со својот драматуршки ракопис, на мошне успешен, брилијантен начин ја открија на тлото на Австралија, таму, во еден дом за старци и изнемоштени лица, каде Господинот Балкан , протеран од неговото село Котори, Леринско, по безброј болни талкања од немило до недраго, по безброј патила, ги минува своите последни дни закован во инвалидска количка. Тој, тука, во овој дом (или современ пекол), непосредно сместен пред рајските порти на свети Петар, живее со своите спомени, сеќавајќи се само на своето минато од детството (татковиот шинел, бегството преку граница за тој и неговиот брат да се спасат од пеколот на граѓанската војна во грција, дочекот на Велигден, убавото македонско гравче...), но поретко да е свесен за

Суровиот свет

во кој ги минува последните дни, меѓу дојденци како него и сместени во овој дом од Бугарија, Србија и грција, кога и изнемоштениот грк и покрај тоа што е сенилен го негира како Македонец, а тој со последни сили се бори и вика на сиот глас, како да сака и светот да го чуе, дека е Македонец и ништо друго.

На високо уметнички начин, симболично е прикажана борбата за опстој на Македонците во Австралија, битката за името на татковината и идентитетот и покрај сите патила и навеви што ги носи современиот живот на Македонците кои живеат во Австралија, однесувањето на современите генерации, трката по пари, но и искрата надеж, дека има млади кои си ја сакаат својата прататковина и Стари крај (Лили, внуката на Господин Балкан).

Но, се ослободи ли Мистер Балкан од стравот на минатото? Од спомените? Од траумите?

Се е испомешано во ова прекрасно дело: и трагичното и комичното (Австралијанците и колку и да се трудат со својата гостоприемливост и културно однесување, никако не можат да ги разберат и да најдат лек за македонските рани). А кога нема лек, ниту раната зарастува, така што и комичното, макар и во австралиски прилики, за Балканот и Македонците си останува само трагично. Од тука и мојата констатација: “Мистер Балкан” како драматуршко дело на Стефо Нанцу и Душан Ристевски ќе остане не како античка македонска трагедија туку македонска трагедија на совремието исполнета со страв и од минатото и од нови прогроми и делби на напатениот македонски народ.

Режисерското љубопитство на Стево Нанцу да наѕре во психологијата на македонскиот бол и непребол во целост е реализирано, со што, на мошне успешен начин ја разоткри психолошката драма на скриениот страв што се носи од детството, ја разоткри болката во незарастената рана на патриотските чувства за Татковината, грижејќи се истовремено и за уметничкиот елан и уметничкиот ков на претставата. Режирајќи ја претставата, тој го продлабочи драмскиот текст за притоа да ги истакне адекватните и блескави рефлексии на делото, истакнувајќи ја поритоа максималната рамка на сите интерпрети на улогите. Продуховено се посветил на играта на актерите но, инсистирал и да бидат консеквентни зад секој изговорен збор (било да е на англиски јазик, македонски литературен или лерински дијалект) за тој збор, таа психолошка игра на гласови и немеења проткаени со гестикулации, со оригинален режисерски ангажман ги доближи до современиот гледач.

Стево Нанцу со овој

Режисерски потфат

ги освои срцата на публиката, и таа, публиката како светост, од него, во иднина ќе бара нови и нови поставки со уште поисполнет режисерски навеј инвенција и фантазија.

Австралиско-македонскиот театар, како добротворна општествена организација, или, по наши термини - непрофесионален театар, со својата актерска екипа во ова претстава покажа вистинско рамниште на професионализам. Васко Србиновски кој ја толкуваше главната ролја, улогата на Господин Балкан, со вистинска актерска зрелост покажа што знае и умее и даде се од себе оваа претстава да добие свој шарм, длабоко разбирајќи ја трагедијата на една од многуте македонски судбини.

Максимално уверливи во толкувањето на своите ролји беа речиси сите актери, но тука би ги нагласил Стефо Нанцу (во сите ролји без исклучок) и Илдико Каса (Сестра Рачка). Посебен беше актерскиот сензибилитет на Јован Ристевски, Соња Зенговска, Пецо Зенговски, Митра Недановска -Нешковска, Татјана Тодоровска, Душан Ристевски, Јасмина Зенговска и Спасија Зенговска. Сите одиграа улоги на силно издржани типови на човечки расположби од времињата и совремието.

Несомнено оваа прекрасна театарска претстава уште долго ќе се игра не само на австралиската и македонската, туку и на други театарски сцени ширум светот, барем таму, каде што живеат Македонци што не ги заборавиле раните од минатото.

 

 

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________