Почетна --> Архива --> 283 --> ФРАНЦУСКО МЛЕКО ВО БИТОЛСКО ПАКУВАЊЕ
ФРАНЦУСКО МЛЕКО ВО БИТОЛСКО ПАКУВАЊЕ
Автор: ЕГО Редакција   

ИМБ - Бимилк од ноември минатата, до март оваа година, секоја недела само преку Меџитлија увезувала по 45-50 тони евапорирано млеко од кое, по додавање на вода (и веројатно растителни масти), може да се добијат од 150-200 тони „обично" млеко! Какви се нутритивните својства и биолошката вредност на ваквото млеко, може само да се претпостави.

Во март годинава Бимилк увезла евапорирано млеко и од Франција кое било бактериолошки неисправно, но е преработено во кашкавал.

Дали „природните" сокови се навистина природни или хемијата смешала прсти малку повеќе? Колку и какви адитиви има во лебот? Дали се штетни? Дали она што го купуваме како „сирење" е навистина сирење или во него има скроб, растителни масти и којзнае уште што друго? Има ли на рафтовите во македонските продавници генетски модификувања храна? Дали битолското млеко е навистина битолско?

Што всушност

Јадеме и што пиеме?

Законот за заштита на потрошувачите содржи многу одредби кои имаат токму таква цел како што е насловот на Законот - заштита на потрошувачите. Меѓутоа во капитализмот кој моментално го практикуваме, трката по пари наликува на игра меѓу мачка и глушец - меѓу производителите, трговците, инспекциите и потрошувачите. Во таа трка законите се кршат, а страдаат - потрошувачите!

АД ИМБ Млекара Битола (Бимилк) важи за најголемиот производител на млеко и млечни производи во регионот. Роко Водопија, генерален менаџер на ИМБ неодамна потврди дека Бимилк се уште е најголемиот откупувач на млеко во Македонија, но дека бројот на кооперанати од лани е значително намален и се движи некаде од 1,300 до 1,500 фармери. Според она што тој го изјави за Канал 77, тешко е да се одржи профитабилноста на млекарницата.

И покрај неколкукратните обиди да исконтактираме со него, со други одговорни лица од Бимилк, или со лицето задолжено за односи со јавност на Бимилк, ЕГО не доби одговор на прашањето дали „најголемиот откупувач на млеко во Македонија"

Увезува полупреработено

млеко од странство, во колкави количини и за што го употребува?

„Капитал“ од април годинава пренесе изјава од Предраг Цветковиќ, првиот човек на ИМБ - Бимилк, кој вели: “ИМБ сите потребни количини млеко ги задоволува од домашните фармери. Не увезуваме млеко од странство, ниту пак некој законски има право тоа да го направи. Како дистрибутери на Имлек од Србија, во Македонија дистрибуираме само готови производи брендирани од Имлек“.

Сепак, според наши сознанија, Бимилк од ноември минатата година, па се до март оваа година, секоја недела само преку Меџитлија (не знаеме дали и колку од другите гранични премини) увезувала по две цистерни тн.

Евапорирано млеко

претежно од Германија. Се работи за млеко од кое е извлечена водата и се наоѓа во полутечна состојба. Најчесто ваквото млеко е и обезмастено. Погодно е за транспорт, зашто помалку тежи, стерилизирано е и помалку подлежи на расипување.

Така, во битолски Бимилк неделно само преку грција стигнувале по околу 45-50 тони евапорирано млеко, од кое, по додавање на вода (и веројатно растителни масти), може да се добијат од 150-200 тони „обично" млеко! Какви се нутритивните својства и биолошката вредност на ваквото млеко, може само да се претпостави.

Кон почетокот на март годинава Бимилк увезла евапорирано млеко и од Франција. Во лабораторијата на Ветеринарниот факултет во Скопје било утврдено дека пратката е

Бактериолошки неисправна

Она што натаму се случувало со ова млеко е многу дискутабилно. При контактите со вработени од Бимилк „кои не беа надлежни", „нормално", не добивме одговор како е постапено со него - ниту дали е уништено, ниту дали е преработено.

Прашањата за оваа тема беа испратени по електронска пошта до агенцијата „Публицис", која работи на односи со јавност за потребите на Бимилк: „За колкави количини се работи и зошто се увезува? Дали количините од домашните млекопроизводители се недоволни или цената на увезеното евапорирано млеко е помала? За што се користи? Зошто не е декларирано потеклото на суровината во производите на Бимилк?“ Лицето за односи со јавност, м-р Сашо Дуљанов, одговори исто така по електронска пошта: „Не сум информиран за ваква работа. Кога ќе имам информација, ќе ви јавиме“. Тоа беше пред околу 2 месеци. Во меѓувреме, одговор не стигна. Ни потврда, ниту пак демант за она што му беше предочено како наше сознание.

Така, во недостиг на официјална информација, ќе си дозволиме да го кажеме она што ЕГО го дозна по свои канали, а тоа е дека бактериолошки неисправното млеко е преработено во некој вид

Кашкавал

и тоа во обем од 13 тони финален производ!

Дека млекарниците мешетарат со евапорирано млеко, недамна пишуваше и „Капитал", кој објави дека најголем дел од увозот на непреработено млеко во Македонија оди преку Босна и Херцеговина (22%) и Словенија, Германија (20%) и Холандија, каде млекото било најевтино. Освен тоа, се увезува и од Хрватска (17%), Србија (15%), Словенија (12%). Остатокот од вкупниот увоз, односно 14% доаѓа од други земји. Од овие земји се носи обезмастено млеко во полутечна состојба, т.н. евапорирано млеко, на кое потоа му додаваат вода и растителни масти и се пакува како трајно млеко, без притоа на амбалажата да биде декларирано што содржи. Познавачите велат дека така спакуваното трајно млеко потоа се продава во Македонија и во земјите од регионот.

Тоа укажува на фактот дека дека Македонија нема развиен систем на контрола над млекото кое се увезува, дека државата не го испитува неговиот квалитет и дека од тоа профитираат некои од млекарниците во земјава. Тие, наместо да купуваат млеко од домашните производители за 16-19 денари за литар, увезуваат млеко по 12 денари за литар. Истовремено, тоа млеко е чисто и немаат потреба дополнително бактериолошки да го преработуваат, за разлика од суровото млеко кое мора да се третира и да се направи хигиенски исправно.

На декларациите на производите на ИМБ-Бимилк никаде не стои какво млеко содржат, ниту пак е посочено

Потеклото на производот

иако во Законот за заштита на потрошувачите тоа е децидно нагласено: Декларацијата е задолжителна и му овозможува на потрошувачот да се информира за својствата на производот, неговото потекло, начинот и рокот на употреба и др.

На Европскиот конгес за храна во 2008 е донесена тн. Европска декларација за храна, каде што се вели дека „секој човек има право на точни информации за храната, исхраната и нивното влијание врз здравјето...“

На производите на Бимилк стои „Свежо битолско млеко", или „Битолско млеко". Можеби во нив и нема дел евапорирано мелко, но каде завршила таа голема тонажа која Бимилк ја увезувала во текот цели 5 месеци?

Доколку пак евапорирано млеко има во нивните производи, а тоа не е декларирано, се работи ли за тн.

Заведувачко рекламирање?

Според Организацијата на потрошувачи, секое рекламирање кое на било каков начин ги доведува во заблуда лицата на кои им е наменето и кое, заради својата измамничка природа, најверојатно, ќе влијае врз нивното економско однесување, се нарекува заведувачко рекламирање и не е дозволено.

И на крај, споменатата Европска декларација за храна посочува дека постоењето на комуникација со медиумите и производителите на храна, на разбирлив начин и врз основа на податоци, е основна потреба. Меѓутоа, очигледно дека ваква комуникација меѓу Бимилк и јавноста не постои, односно постои само кога компанијата смета дека тоа оди во прилог на нејзино рекламирање.

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________