Почетна --> Архива --> 284 --> ЖИВОТ ПОСВЕТЕН НА МАКЕДОНИЈА
ЖИВОТ ПОСВЕТЕН НА МАКЕДОНИЈА
Автор: ЕГО Редакција   

На денешен ден пред 65 години беше уапсен Методија Андонов Ченто, првиот Претседател на Президиумот на АСНОМ. Три недели подоцна беше објавено дека е "уапсен токму кога се обидувал да ја премине југословенско - грчката граница!“ По апсењето следеше монтиран судски процес и му беше одредена затворска казна од 11 години. Од затворот во Идризово излегува на 4 септември 1955 година, по одлежани 9 години и 4 месеци. Затворскиот живот остава траги врз неговото здравје. Бара од Тито да му дадат пасош за да отиде да се лечи во Швајцарија, но е одбиен. Осамен и во тешки болки и маки, Ченто на 24 јули 1957 умира од рак на желудникот, во својот дом во Прилеп. Долги години по смртта, Методија Андонов - Ченто беше

Табу-тема

и ретко или воопшто не беше спомнуван во историските книги и учебници, а и јавните разговори поврзани со него беа забранети. Во 1990 година, на барање на неговиот син Илија Андонов - Ченто, беше обновен судскиот процес за Методија Андонов - Ченто и по повторената постапка, Окружниот суд во Скопје ја укина пресудата од 1946 година, со што Ченто доби и формална и политичка рехабилитација.

Роден е на 18 август 1902 година во Прилеп во близина на денешниот фудбалски стадион како прво здраво дете по неколкуте починати деца на неговите родители Андон, по потекло од прилепското село Леништа и Захарија (Зака), по потекло од прилепското село Плетвар. Уште од најрана возраст работел по прилепските тутунски и афионски полиња. Во младоста бил одличен гимнастичар. Завршил средно трговско училиште во Прилеп и во 1926 година отвора бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучува граѓански брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Тоа предизвикува бурни реакции во конзервативната прилепска средина и по враќањето на младите во Прилеп, на 5 мај тие се казнети со по 20 дена затвор поради вонбрачно живеење.

Прилепската чаршија

беше местото каде што одрасна и каде што се формираше карактерот на Методија, како чирак и калфа, но и како сопственик на трговска фирма со алкохолни пијалоци и колонијална стока. Ги преживеал сите тешкотии и неправди низ кои мина целиот македонски народ, како последица на ропствата, кои се заменуваа едно со друго, а соседите ја присвојуваа и ја делеа македонската земја.

Учејќи ја историјата на својот народ во прилепската чаршија, а потоа и од спомените на учесниците во Илинденското востание, среќавајќи се со некои од нив и во емиграција, во Софија, патувајќи низ другите делови од Југославија и посетувајќи го кралството грција, Ченто на почетокот на триесеттите години го потврдил своето сознание за националната припадност, односно дека Македонците не се ниту Срби, ниту Бугари, а уште помалку грци.

Пред Втората светска војна повеќе пати бил избиран за претставник на прилепскиот трговски еснаф, а во периодот 1935 - 1940 е претставник на прилепските трговци во Индустриско-трговската комора во Скопје, каде што јавно истапува пред нападите на кралската влада дека „народот во Македонија не е благодарен на сите добродети што ги направила владата“, велејќи дека доколку Македонија им се остави на Македонците, тие од неа ќе направат цветна градина и развиена економска земја. Неколкуте вакви негови изјави биле рапортирани во Белград и биле оценети како сепаратистички и автономистички. Затоа пак, бил многу почитувана личност во прилепската чаршија.

По Илинденските демонстрации во 1940 година заради одржаниот говор на Шаторов Камен, Ченто бил затворен и задржан во затвор три месеци, под обвинение дека е главен организатор на демонстрациите. На родителскиот состанок во прилепската гимназија на 8 декември 1940 година, веднаш по враќањето од затворот, на барањето на директорот на гимназијата, учениците да зборуваат и дома, и на улица, и во гимназијата само на српски јазик, одговорил на македонски: „Господине директоре, не можете тоа од нас да го барате. Не можете ниту Вие, ниту било кој друг да ни забрани нам и на нашите деца, дома и овде на часовите да зборуваме на својот

Мајчин македонски јазик

затоа што ние сме Македонци, а нашите деца се македонски деца. Ние Македонците имаме свој јазик и нашите деца имаат право да зборуваат насекаде на својот мајчин јазик. Ниту ние им забрануваме, ниту некој друг може да им забрани на српските деца, кои се дојдени во Прилеп, да зборуваат на нивниот мајчин српски јазик. Не им браниме да бидат Срби, но нашите деца нека останат Македонци. Ако овој политички поредок не ни ги дава нашите политички и национални права за самостојност, ќе дојде ден, во една федеративна држава, кога оваа земја нема да се вика Јужна Србија, туку Македонија и ќе биде самостојна држава“.

Уште на состанокот е физички нападнат од полицискиот писар Матиќ. Веднаш потоа Ченто е затворен, а на почетокот на јануари 1941 година интерниран во Баина Башта. Подоцна е обвинет како петтоколонаш и

Осуден на смрт

од Вонредниот воен суд, но на интервенција на видните граѓани на Баина Башта е спасен во последен момент, пред построениот вод за егзекуција.

По нападот на Германија против Советскиот Сојуз, кога на Петровден комунистите растуриле летоци, Ченто е првиот затвореник на новодојдената бугарска полиција во Прилеп, а по него се затворени Никола и Благоја Поповски и Аспарух, братот на Кузман Јосифовски-Питу. Го пуштаат по неколку дена. На почетокот на

Бугарската окупација

Ченто добива покана да соработува со бугарските окупаторски власти. Поканата ја одбива и место тоа одбира да соработува со оние што се залагаат за ослободување на Македонија. Неговата продавница за алкохол во Прилеп станува свртилиште на комунистите од градот, поради што бугарските власти во 1942 година го интернираат прво во Мелница, близу бугарско-турската граница, а потоа во логорот „Чучулигово“, Петричко, Пиринска Македонија.

По враќањето од интернација, Главниот штаб на НОВ и ПОМ во август 1943 година му испраќа писмо во кое го повикува да се приклучи на НОБ. Во септември на два пати се среќава со својот сограѓанин Кузман Јосифоски - Питу, кој успева да го убеди да се приклучи на НОБ. На слободната територија во Дебарца, Охридско, Ченто преминува во октомври 1943 година. Именуван е за член на Главниот штаб, а по основањето на Иницијативниот одбор за

Свикување на АСНОМ

станува негов претседател. Како дел од Одборот учествува во подготовките и организацијата на свикувањето на АСНОМ. На седниците на Иницијативниот одбор Ченто се залага пред Националниот комитет за ослободување на Југославија да го истакне правото и барањето на македонскиот народ за обединување, како и за повикување на видните емигрирани Македонци да се приклучат во борбата за создавање македонска држава. Делегацијата барала Националниот комитет да делува кај сојузниците да се постави главниот проблем на македонската борба - прашањето за целосна обединета Македонија. Тие определби се внесени и во одлуките на Првото заседание на АСНОМ, на Илинден 1944 година. На почетокот од мај 1944 година тој, Емануел Чучков и Кирил Петрушев заминуваат за Вис на средба со Народниот комитет за ослободување на Југославија на чело со Јосип Броз Тито. Средбата се одржува на 24 јуни при што македонската делегација го поставува прашањето за обединување на Македонија по ослободувањето од окупацијата. Тито начелно се согласува, но не смета дека тоа треба да биде непосредна задача.

По враќањето на делегацијата од Вис, се привршуваат подготовките околу АСНОМ и на 2 август се одржува Првото заседание. На него Ченто е избран за

Претседател на Президиумот

на АСНОМ на ова највисоко државно тело на Демократска Федерална Македонија (подоцна НР Македонија).

За време на извршување на својата фукнција, Методија Андонов - Ченто бил многу почитуван и сакан од народот и се залагал власта целосно да биде народна и народот да може слободно и преку истата врата преку која влегуваат службениците, да влегува во институциите. Според неговите лични сведоштва, Методија Андонов - Ченто бил почитуван и од самиот претседател на Југославија, Јосип Броз Тито, кој успеал да го убеди да се кандидира за пратеник на изборите во 1946 година и покрај опструкциите кои му се правеле на Ченто од страна на членови на Комунистичката партија на Македонија. Всушност,

Првите несогласувања

на Ченто со комунистите, особено со Светозар Вукмановиќ – Темпо, почнуваат многу брзо по неговото преминување на слободна територија. Кога во една прилика партизаните биле притиснати од германската војска и од балистите, Темпо инсистирал да се повлечат кон Косово и Санџак, а Ченто му одговорил: "Таму не е Македонија! Ако треба да се повлечеме, тогаш ќе се повлечеме во Егејска и Пиринска Македонија, кои се делови од Македонија и каде што живеат Македонци, кои треба да се вклучат во ослободувањето и во обединувањето на Македонија".

Меѓу другото, Ченто упатува забелешки на содржината на Манифестот на Главниот штаб. Во нив се искажуваат неговите граѓански и национални, наспроти комунистичките политички ставови, при што националното ослободување и обединување на Македонија за него се приоритет, наспроти класната борба.

Желбата на македонскиот народ сам да си ја создава својата држава се гледа и од тоа кога Методија - Ченто, пред Заседанието на АСНОМ, на Темпо, кој рекол дека Иницијативниот одбор "мора" да го кооптира тогаш анонимниот Видоје Смилевиќ (се однесува на Видое Смилевски-Бато), му рекол: "Дали мораме или не мораме, тоа е работа на Иницијативниот одбор. Ти можеш да присуствуваш на нашиве заседанија, но не можеш да ни кажуваш што 'мораме' да правиме. Ние не сме деца, па постојано некој да ни кажува што 'мораме' и што треба да правиме. Како делегација, на Вис се договоривме, во Националниот комитет, како да го одржиме заседанието и ние знаеме што е најдобро за Македонија. Со тоа и Тито се согласи. Затоа, те молам, да не се мешаш многу во работата на Иницијативниот одбор, без да бидеш прашан".

Темпо излегол, но веднаш побарал да се состави партиска комисија, на чело со Видоје Смилевиќ да го осуди непартиецот Ченто.

Жестоки дискусии се воделе и при формулирањето

Актите на АСНОМ

На инсистирање на Ченто било запишано и објавено: "Тргнувајќи од вековните идеали на македонскиот народ, Првото македонско народно собрание ја прокламира, пред целиот свет, својата праведна и неотстапна желба за обединување на целиот македонски народ. Со тоа ќе се стави крај на ропството во сите делови на македонската земја и ќе се создадат услови за искрена солидарност и мир меѓу балканските народи. АСНОМ станува и останува единствен носител на народниот суверенитет на првата македонска држава. Правото на македонскиот народ оди до самоопределување, отцепување и присоединување со други народи". Тие желби и прокламации постепено беа напуштени заради околностите и од внатрешно и надворешно-политички причини.

По ослободувањето на земјата несогласувањара со тогашниот државно-партиски врв продолжуваат. Во тие моменти актуелно е прашањето каде да оди македонската војска - на Солун или на Срем. Ченто и неговите истомисленици се нашле во дилема - дали треба да се ризикува влегувањето во Солун со можен воен судир со единици од британската армија, сличен на оној кој се случил кога таа ја бомбардирала Атина од своите бродови и со авиони? Заклучокот бил дека еден таков судир со сојузничка армија би бил контрапродуктивен на идејата за обединување на Македонија, затоа што Британија била голем противник на менувањето на границите и поборник за враќање на кралот во грција и кралот во Југославија. Истовремено, Ченто се противи 15-от Македонски корпус да оди на Сремскиот фронт, се залага за обединување и

Поголема самостојност на Македонија

за поголема финансиска независност и залагање за сопствен буџет на Македонија и на останатите југословенски републики.

Комунистите пополека му ја одземаат реалната власт. Заради несогласувањето со мерките што ги преземаат комунистите, Ченто на 14 март 1946 година поднесува оставка на функцијата претседател на Президиумот на Народното Собрание на Македонија

При Второто заседание на АСНОМ, на крајот на декември 1944 година. на местото на Панко Брашнаров, познат народен трибун, за прв потпретседател на Президиумот е поставен Лазар Колишевски. По жестоките критики на Главниот одбор на Народниот фронт на Македонија, Ченто поднесува оставка на сите функции и се враќа во Прилеп (март 1946 година), со единствена надеж во

Мировната конференција во Париз

закажана за есента 1946 година, затоа што сакал да остане доследен на принципите од договорот на Вис и на одлуките на АСНОМ и затоа што не сакал да "си го врати часовникот назад", како што му било препорачано од генералниот секретар на Главниот одбор на Народниот фронт и на Централниот комитет на Комунистичката партија.

На 14 јули 1946 година бил уапсен во близина на паркот во Прилеп, а три недели подоцна било објавено дека е "уапсен токму кога се обидувал да ја премине југословенско - грчката граница"!

Намерата, а не обидот за илегално емигрирање, при испитувањата ги објаснил вака: "Се интересирам за обединувањето на македонскиот народ и тоа може правилно да се реши, ако биде признаено, на прво место од големите сили. Сега-засега е признаено од Советскиот Сојуз, а треба да биде признаено и од Америка и Англија. Само при таква согласност можеме да се надеваме дека

Македонското прашање

односно обединувањето на македонскиот народ може да биде правилно решено… Времето на вооружена борба помина. Сега сите спорни прашања треба да се решаваат со разум. Мене, македонското прашање ме интересира како и секој Македонец, и сè што би можел би сторил за обединувањето на Македонија и доброто на македонскиот народ, било да сум во Македонија, било да сум надвор од Македонија. Обединувањето на македонскиот народ го сметам за

Последен долг

кон својот народ, кој е многу измачен, особено со поделбата на Македонија на три дела во 1912 година. Заради тоа доколку решев и успеев да се префрлам во Америка, и ако ми се дадеше можност, тој свој политички став и јавно би го изнел пред Обединетите нации и Мировната конференција, со цел да придонесам за обединувањето на македонскиот народ... Сметам дека обединувањето на Македонија може да биде по мирен пат. Јас лично не сакам повеќе ни една капка крв да се пролева за Македонија".

На 8 август 1946 против него е покренат обвинителен акт, а на 19 ноември е изведен пред суд во состав: Панта Марина (претседател), Лазар Мојсов и Коле Чашуле, членови. Судењето трае кратко и на 21 ноември првиот македонски претседател, Ченто, е осуден на 11 години затвор. Затворен е во скопскиот затвор „Идризово“ каде во најтешки услови бил во „специјалната ќелија“ и бил чуван од посебна стража и му биле дозволувани триесет минутни прошетки на одредено место во затворот и еднаш неделно биле дозволувани посети на членовите на неговото семејство. Додека бил

Во затвор

властите често му нуделе да признае и потпише дека згрешил и се покајува, по што животот ќе му бил наполно обезбеден.

- Се сеќавам еден ден дојде Лазар Колишевски, во Идризово, во 1953 г. заедно со Глигор Зафировски, управник на затворот. Дојде кај Ченто и му зборуваше нешто за помилување. Овие зброви ќе ги паметам додека сум жив. На зборовите за помилување, Ченто свика: "Кога не бев за осудување, ме осудивте на 10 години. Што барате сега? Милост не сакам! Сте ме осудиле на 10 години - 10 години ќе одлежам! Не ми треба помилување! Ќе одлежам до ден колку што ме осудивте!" така му рече на еден Лазар Колишевски, претседател на Народна Република Македонија, стамено и гласно, како маж! Тоа секој не може да го каже. Тоа беше голема храброст. Во тоа време немаше правда. За ништо ќе ти го удреа пендрекот. Колишевски молчеше. Ја спушти главата и молчеше. Кога си замина очите ми се наполнија со солзи, но од друга страна, ми дојде некаква храброст. Само му реков "А бре, чичко Ченто, да се сите како тебе, оваа земја поинаква ќе биде". Видов дека и нему му се насолзеа оите. Ме пргрна, ме погали и ништо не рече, се потсетува скопјанецот Мехмет Али Осман кој лежел заедно со Ченто.

Од затворот во септември 1955 година, по одлежани 9 години и 4 месеци. Затворскиот живот остава траги врз неговото здравје, така што на 24 јули 1957 година умира од рак на желудникот, во својот дом во Прилеп.

 

 

 

 

 

 

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________