Почетна --> Архива --> 284 --> ХЕРОЈОТ ОД ЕГРИ
ХЕРОЈОТ ОД ЕГРИ
Автор: ЕГО Редакција   

Врисоци, офкања... Еден паднат ваму, друг таму. На некои месото им беше соголено до коска. Чувствував како моите прсти се вкопуваат во нечии рани, зашто беше ноќ, не се гледаше, но најважно ми беше да ги извлечам од автобусот, за да не се случи нова експлозија, нов пожар. Една девојка, очигледно во шок, ме праша дали е жива.

Автобусот удрил во бетонски столб од мост. Патниците што биле во задниот дел од автобусот не ја преживеаја несреќата. Загинаа 8 луѓе. Васко успеа да ги извлече живи останатите патници.

„Видов дека нешто гори. Го застанав камионот и го зедов противпожарниот апарат. Тргнав да  гаснам, ама кога бев на околу педесеттина метри од огнот, се случи експлозија. Малку и се подисплашив. Сепак, решив да продложам. Дури тогаш забележав дека гори превртен автобус. Таква касапница не сум видел никогаш, крв насекаде, расфрлани тела. Делови од тела...“ Така Васко Ристески од битолско Егри ја опишува катастрофата на магистралниот пат „Тракија“ пред Пловдив која се случи пред еден месец. Васко, како возач на дваесеттонска цистерна со ЦО2  се движел кон Пловив. Некаде околу 23 часот бил претекнат од

Автобусот-убиец

Кусо време потоа го забележал како гори.

- Задниот дел на превртениот автобус беше скинат од ударот. Успеав да го угаснам пожарот во моторот на автобусот, а потоа почнав да ги извлекувам настраданите. Тие слики никогаш не можам да ги заборавам. Врисоци, офкања... Еден паднат ваму, друг таму. На некои месото им беше соголено до коска. Чувствував како моите прсти се вкопуваат во нечии рани, зашто беше ноќ, не се гледаше, но најважно ми беше да ги извлечам од автобусот, за да не се случи нова експлозија, нов пожар. Една девојка, очигледно во шок, ме праша дали е жива, раскажува Васко.

Следниот ден, Васко ги посетил настраданите во пловдивската болница, а бугарската јавност го прифати како херој на хуманоста и храброста. За него пишуваа водечките бугарски весници, беше и на телевизија. Имаше прием кај градоначалникот на Бургас и премиерот Борисов. Најавено е дека ќе биде прогласен за

Почесен граѓанин

на Бургас заради спасувањето на нивните сограѓани и дека ќе биде одликуван со Орден за храброст „Стара Планина“.

Истрагата покажа дека автобусот на "Ентуртранс" кој од Софија се движел кон Бургас, заради неисправност во управувачкиот механизам удрил во бетонски столб од мост, а потоа се откинал задниот дел. Патниците што биле на опашката од автобусот не ја преживеаја несреќата. Загинаа 8 луѓе. Васко се обиде и успеа да ги извлече живи останатите патници од автобусот кои од Софија патувале за на море.

Инаку, триесетиосумгосишниот Васко Ристески живее во битолско Егри. Семеен човек е, оженет со Фанче, татко на три деца, Симона, Ице и Габриела. Еден месец по автобуската несреќа тој го живее своето секојдневие. Љубезно ни ги отвори вратите од неговиот дом.

Обврски со семејството, работата, земјоделието. Возач е на цистерна повеќе од десет години и секако, како и секој од Егри, се занимава со земјоделие. Сепак, најдолгата ноќ од неговиот живот, кога пред него се запали автобус со 37 патници,не може да ја заборави.

- Еден автобус ме премина. Кусо потоа гледам нешто гори на патот, се направија облаци од чад. Автобусот беше превртен на страната на возачот. Експлозија... Застанав, и за момент се подумав, ме фати страв. Си велам што ако има нова експлозија? Но веднаш уште следниот момент си реков, што сака нека биде, одам да им помогнам на луѓето. Ако е пишано - нека загинам! За кусо време извлеков петмина од внатре. Дојде и полиција, прва помош. Отидов да им помогнам и на оние што беа расфрлени по асфалтот, испаднати од откинатиот дел од автобусот. Тоа беше ужасно, од големата брзина со која беа исфрлени на асфалтот телото на некои места им беше соголено до самите коски. Страшно беше, зборува Васко.

Она што се случи во таа јунска ноќ Васко го доживува како

Судбина

Вели во изминатите десет години откога работи како шофер за битолската „Геосонда“ во Пловдив секогаш влегувал од неговиот прв влез, иако за градот има три влеза. Таа ноќ, како судбината така да сакала, Васко со својата цистерна влегол на третиот влез.

- Не знам што ме натера да одам од таа страна на градот. Тоа не го правев никогаш. Не можам ниту сега да си објаснам. Но ете, било среќа за оние луѓе што ги спасив, вели  Васко кажувајќи дека цела ноќ по несреќата останал буден во исчекување какво ќе биде здравствената состојба на повредните. За

Спасувачката драма

домашните не слушнале од Васко. Сопруга Фанче (34) вели дека за случајот разбрале од негов пријател. Животната сопатничка на Васко вели дека на нејзиниот сопруг не му е прв пат да спасува животи и тоа токму во Бугарија - пред неколку години кога семејно биле на летување во Созопол спасил од давење тинејџерка.

- Не ни помислувавме дека нашиот Васко е херојот во Бугарија. Не си дојде навреме дома. Малку и се загриживме, а тој не ни кажа што му се случило. Потоа дури кога дојде дома ни раскажа. Многу е жаловит и секогаш бил со отворено срце. Нема сомнеж дека за друг би го ризикувал животот. Затоа пак, сега има многу нови пријатели. Преживеаните од несреќата и нивните семејства се јавуваат да му заблагодарат на Васко, раскажува сопругата Фанче.

Мајката, Севда среќна што има ваков син, вели сепак не е изненадена од алтруизмот на нејзиниот Васко. Од дете иако навидум темпераментен од секогаш бил емотивно поврзан и пожртвуван за своите блиски и пријателите.

Во меѓувреме нашиот херојот кога не е за воланот на цистерната, макотрпно работи на својот имот. Обработува дури 20 хектари земја. Жнее пченица, наводнува пипер, работи бостан. На шега вели „работам се за што се потребни мотика и раменици“.

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________