Почетна --> Архива --> 296 --> МОДЕРНА, УРБАНА ДРАМА
МОДЕРНА, УРБАНА ДРАМА
Автор: Љубомир Груевски   

(Роланд Шимелфениг: Арапска ноќ; Режија: Слободан Унковски; Сценографија/костимографија: Александар Ношпал; Продукција: Турски театар Скопје)

Арапска ноќ на Турски театар од Скопје, кому 2011 година му е година на 60 годишноста, покрај враќањето на името на најангажираниот, а најверојатно и највисоковреднуваниот македонски театарски режисер во странство – Слободан Унковски, после долгодишното отсуство од МТФ – на македонската театарска сцена го донесе за првпат и името на авторот на текстот - современиот германски драматург Роланд Шимелфениг. Додека текстот на германскиот писател, кој важи за многу актуелен автор на театарските сцени на европските – земји на Унијата, ни со темата ни идејната рамка за осаменоста и отуѓеноста на единката во западното општество – очигледно место на егзил и изолација, не не изненадува – од друга страна изненади зафаќањето на Унковски со ваков текст, кој во многу сегменти е необичен и мошне близок до тн.

Авангардна драма

од минатиот век и сите експериментални и сите други подоцнежни театарски истражувања кои ќе го следат поимот авангардизам и модерна светска драма.

Необичната претстава, со толку необичниот ракопис и режисерски пристап, иако не и многу далечен за широките сфаќања и поимање на театарската уметност на режисерот Унковски, најповеќе изненадува со својот концепт на скоро апсолутна статичност, што на свој начин делува како пристап освежувачки и симпатично, во време кога на нашите сцени на сценската акција иманентна и е динамичноста до највисок можен степен.

Определувајќи се, за во безмалку апсолутна неподвижност актерите да го говорат текстот, Унковски се одлучува – како добар професор, да одржи час по некои други елементи што го прават сценскиот, драмскиот чин – како што е тоа сценскиот говор, полифоничноста на заедничките или испреплетени говори и раскази на драмската приказна итн. Во тој и таков контекст не мала ролја играат

Високоестетизираните елементи

особено на костимографијата, но и сценографијата – а и кај двата овие сценски елементи очигледната улога на боите како силен знак во целиот организам и организација на претставата.

Факт е дека режисер од формат на Унковски од овој текст можел да направи - од кабаретска претстава до - урбана трагедија, или дури и пародија, но одлучувајќи се за најмодерниот и најекперименталниот пристап со

Антидинамичноста

(позната уште од самите почетоци на авангардата драма) тој одлучил да биде поинаков и да подучува на поинаков театар, на поинакво однесување .

Унковски, а особено актерите кои така ревносно ја играат оваа претстава и силно и успешно го бранат режисерскиот концепт – кој со оваа  претстава, во време кога сите говорат а никој не слуша, не’ учи на слушање, на забележување на говорот, на помалку зборување – а повеќе разбирање за оние  што сакаат и имаат потреба да ни ја соопштат својата или да ни ја прераскажат туѓата мака, чиишто сведоци биле. Оваа чиста и високо естетизирана претстава, по сите свои вредности ќе остане како фестивалски репер за новото и необичното, кое во иднина на фестивалот, најверојатно ќе доаѓа се почесто и почесто.

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________