Почетна --> Архива --> 296 --> МЕЃУ ДВЕ ГОЛТКИ КАФЕ
МЕЃУ ДВЕ ГОЛТКИ КАФЕ
Автор: Сашо Н. Алушевски   

Вторник, 6 декември 2011 година... лично и интимно ме погоди веста - почина актерот на Битолскиот народен театар – Илко Стефановски. Во медиумите врие од copy/paste на неколку фрази, главно ова: Илко Стефановски е роден во Битола 1952 г. Во родниот град го завршува основното и средното образование. Факултетот драмски уметности, отсек актери во класата проф. Илија Џувалековски го завршува во... многу брзо стана еден од столбовите на својот матичен ансамбл... и не без причина нему му се доделуваа главните, стожерните, најсложените рољи... знаеше да ги надмине и најоптималните очекувања... маестрално остварени рољи во претаставите: „Свадбата на Мара“, „Пиреј“, „Лет во место“, „Време за пеење“, „Бегалка“, „Југословенска антитеза“, „Патенталије и Тантелина“, „Вечерва Фалстаф“, „Хамлет“, „Сонот на летната ноќ“, „Чекајки го Годо“, „Пеш“, „Натемаго на филозофскиот факултет“... погребот на Илко Стефановски ќе... 7 декември во 12. 000 ч. во Светонеделските...“ Ги избрав токму овие извадоци поради наивноста и бесмисленста на коментарот на една мувлосана битолска телевизија. Останатите пак, се поизвикани медиуми... кои го преџвакуваат истото.

***

Илко беше ГОЛЕМ. Го паметам уште од средно, кога (верувам се уште е тоа пракса) од „гимназија“ не носеа чопоративно на пред-премиери. Тоа беше една идиотска пракса, особено за актерската екипа, затоа што не верувам дека е корисно, во таков зорт да имаш публика од руља разуздани и полни со хормони средношколци. Веројатно беше единствено корисно за една рака луѓе што користевме ефтини (или муфте) карти. Но, тоа е една од битолските илузии, дека Битола е „град на театарот“. Но, морам да признаам, дека во тие ’90-ти, тоа и беше. Имаше неколку имиња кои веќе беа етаблирани на сцената но се уште растеа и таа енергија фрчеше на сите страни. Илко со самата појава беше физички импозантен, а играта му беше брилијантна. Во тоа време стана и остана еден од столбовите на тој ансамбл. Следната генерација која дојде доминантно беше составена од фичфиричи-бизниз-ориентид-шминкери кои некако празно и најчесто глупо се муваа по сцената. Ова го пишувам затоа што, делумно, квалитетната екипа од битолскиот театар, чија перјаница во моите очи беше токму Илко, некако беше маргинализирана.

Нејсе, Илко Стефановски потекнува од семејство во кое е импрегниран театарот и од град кој е целиот една голема сцена. Тоа, во комбинација со неговиот гениј е едноставен рецепт. Навидум. Неговото дејство некако секогаш имаше повеќеслојно значење. Без разлика дали играше комедија или трагедија, дали играше класичен или „модерен“ текст... без разлика... Од една страна весељак, отворен, импресивен и привлекувачки, а од друга страна секогаш со некој севдах или меланхолија како подтекст, или поглед на зен-учител кој укажува на мудроста на прифаќањето и на сосема спротивното од она што е основата на неговата реплика, главната, површинска порака. Не знам како подобро да објаснам, ама сметам дека му должам многу. Ангажираните театарџии веројатно ќе се смеат и ќе коментираат дека има многу позначајни улоги, секако дека има, ама тоа е за нив да се бават, а јас ќе споделам само како неверојатно ми беше и тогаш и сега, колку време сум посветил на размислување, и што ли се не се изроди кај мене, како некој тинејџер кој го скенира светот и се храни од понудените концепти пред себе. Една сцена од „Балканот не е мртов“, ќе да беше во режија на Сашо Миленковски. Илко, во улога на Осман-бег му се обраќа на Пепи Мирчевски, во улога на Расим:

Илко: Расим! Ми с’еба ми се корни!

Петар: Ебај, не корни!

Веројатно ќе сметате дека паѓам на ефтини финти, на хихириху вулгарности, ама верувајте, покрај тоа што текстот и самата игра на целата екипа го имаше подгреано моментот на конкретната претстава, ама инпутот на Илко, во една претстава (ја гледав многупати) беше нешто неискажливо за мене. Невербалниот говор на Илко, пред, за време и милисекунди после дадениот дијалог за мене беше генијална поддршка на вербализацијата, но и истовемено и јасна деконструкција на истото, ем спрдња со сето тоа заедно. Тоа ме натерало баеги да думам.

Во истото тоа средно бев со една благоречено девојка на која волшебствата на телесноста и беа далечни, а можеби и неинтересни. Кога си тинејџер (а можеби беше и подоцна ама срамота е да се напише?) во таква ситуација едиствена рационализација ти е романтизирање на очигледната реалност :) Така, во ситните саати, на битолски минус двеста, ние доолго се испраќавме на аголот од нејзината улица. Сите знајни и незнајни делови од телото ти мрзнат-за романтика! Илко живееше во нејзината улица. Најжив спомен од таа, релативно долга врска, ми е импресивното `рчење на Илко, кое се слушаше надалеку. И ова не го пишувам со потсмев туку со некаков стравопочит. И тогаш и сега чувствувам некакво чудно-смешно-романтично стравопочитување. Од една страна фасцинантно поради длабокиот бас, од друга страна заради персонализирањето, давањето на една сосема приземна и човечка особина на големиот бард. А и тоа беше `рчење бре! Од една огромна ЉУДИНА.

Илко беше еден навистина ГОЛЕМ мал ЧОВЕК. И во физичка, ама и во онаа другата смисла. Чинам дека поголемо од него беше само нему својствена, една елементарна човечност што зрачеше од него и на сцената и надвор од неа...

Ми пренесоа дека преминал на сред реченица, меѓу две голтки кафе...

Слава и фала...

 

 

 

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________