Почетна --> Архива --> 296 --> Отворен почесен конзулат на Украина
Отворен почесен конзулат на Украина
Автор: ЕГО Редакција   

Почесен конзулат на Украина со седиште во Битола беше отворен минатата недела, со што овде почна да работи дванаесеттото по ред дипломатско претставништво. За почесен конзул е назначен македонскиот бизнисмен, Јовица Ѓуричиќ. Отворањето на уште еден конзулат во Битола е потврда на интересот за директна соработка со градот, но и продолжување на вековната традиција, истакна градоначалникот Владимир Талески при  свечената церемонија.

- Убеден сум во подинамична и поконкретна соработка врз која позитивно влијае и нашиот збратимен град Кременчук. Конзулатот во Битола е уште една потврда на одличните македонско-украински врски и на определбата во билатералната соработка да придонесуваат и регионите, истакна градоначалникот Талески.

Почесниот конзулат на Украина во Битола има овластување да делува на територијата на конзуларниот округ кој ги вклучува општините Битола, Вевчани, Дебарца, Демир Хисар, Могила, Новаци, Охрид, Ресен и Струга.

- Многу сме задоволни што за прв пат во Македонија се отвора почесен конзулат и токму во Битола, но тоа не е последниот чекор бидејќи нашата намера е во блиска иднина да се отвори генерален конзулат. Од денес нашата соработка добива нов импулс, посочи украинскиот амбасадор Јуриј Гончарук.

Македонските граѓани и бизнисмени ќе можат да добијат информации за Украина, за можните украински партнери во реализирање на проекти во трговско-економската, во културната и научната сфера.

- Функцијата ја сфаќам како поттик за натамошна активност. Битола и регионот имаат потенцијал во разни области, вели почесниот украински конзул Јовица Ѓуричиќ, кој минатата година беше одликуван од Министерството за надворешни работи на Украина за значаен придонес во градењето на украинско-македонските билатерални односи.

Почесниот конзулат на Украина во Битола е 12 конзулат во овој град со што таа држава се приклучи на Франција, Турција, Велика Британија, Русија, Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Романија, Грција и Бугарија, кои од поодамна имаат свои конзулати. Наскоро се очекува почесен кознулат во Битола да отвори и Унгарија.

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________