Почетна --> Архива --> 302 --> ШЕКСПИР ИЛИ ЧЕЛЗИ?
ШЕКСПИР ИЛИ ЧЕЛЗИ?
Автор: ЕГО Редакција   

Премиера: Хенри VI на НТБВо времето кога Шекспир ја пишувал безмалку недоделканата историска драма Хенри VI, Англичаните се уште не го имаа измислено фудбалот, но парламентот - да. Дриблинг, интриги, пресврти, убиства, двоен пас... Тоа е Англија, тоа е фудбал, спектакл, тоа е магијата на Шекспир, театар... Каде е границата на сегашноста со минатото? Шекспировите благородници се испозаклаа меѓу себе - а крајот го решија пенали.

Глобалното влијание на Англија врз светот се оцртува пред две, навидум споредни нешта - фудбалот и Шекспир! И токму тие два феномени - Лигата на шампиони и Хенри VI на НТБ се случија минатата сабота, едновремено. Фудбал или театар? Челзи или Шекспир? Дилемата беше тешка, иако во суштина приказната во обата случаи е иста - слава, моќ и власт.

Е сеа, во времето кога Шекспир ја пишувал досадната и безмалку недоделкана историска драма Хенри VI, Англичаните се уште не го имаа измислено фудбалот, но парламентот - да. Сепак, таа нивна иновација (со која го задолжија светот) тогаш се уште не беше усовршена, па така место да применуваат интерпелации, импичмент и предвремени парламентарни избори, кралевите меѓу

Себе се убиваа

По кратка постапка. Чисто и јасно! Оттука, лесно му било на Шекспир да биде гениј, кога имал такво зајре на располагање. Денес пак, неговата генијалност е тежок товар за современите уметници кои се обидуваат да бидат креативни, но без премногу да се оддалечат од препознатливиот шекспировски профил, што е општоприфатен репер во театарскиот еснаф. Во таквиот предизвик успеа режисерот Џон Блондел зашто од една од Шекспировите најлоши драми успеа да направи добра претстава. Раздробувањето на дејството, надминување на патетичните клишеа вообичаени кога се работи за дела на Шекспир, динамиката и другите финти ќе ги препишеме на неговата занатска стручност и искуство, но вистинската вредност е во чувството да го одбере најдоброто од она што му било понудено како македонско етно (музика, тапани/ритам, танц), а воедно има призвук на глобален архетип (Зајди зајди, Море сокол пие, Јано мори) извлечен од безмалку колективното несвесно. Блондел го извлекол и најдоброто од одличната актерска екипа. На тоа веројатно бил принуден, зашто Хенри VI беше наменски работена претстава за праизведба на лондонскиот Глоб-театар пред очите на светската јавност која не го разбира македонскиот јазик, каде се игра на отворено. Така, товарот најмногу падна врз актерската игра, зашто сцената е лишена од светликави ѕунѕурки (или, што би рекол Љубомир Груевски, можеби единствениот театарски критичар во градов, - од сценски ефекти со естрадна површност). Со Хенри VI, Блондел се искупи од дебаклот кој го имаше со “Американска мелодија” која пред три години на НТБ се одигра само еднаш (Его бр. 298: “Има ли мажи денес?”)

Само еднаш, исто ко финалето

Челзи - Баерн

Натпреварот беше сосема неизвесен, исто ко дејството на Хенри VI. Незивесноста ги следеше обата настани - те Едвард беше крал, те Челзи губеше, те Хенри пак ја носеше круната. Дриблинг, пресврти, па двоен пас... Тоа е Англија, тоа е фудбал, тоа е магијата на Шекспир, спектакл, театар... човек не знае каде е границата на сегашноста со минатото... Шекспировите благородници се испозаклаа меѓу себе... На крајот решија пеналите...

Двоиполчасовниот Хенри VI е приказна за борбата за власт, при што во интерпретација на НТБ, токму така - сегашноста се мешаше со минатото, спин-докторите со советниците, лордовите и лоби-групите, лидерите со војводите.

Инаку, лично мене кралот Хенри VI многу ме нервираше затоа што тоа е крал-добричина кому човек не може ни поштено (употребувам србизми? Па кога може и на препејувачот Драги Михајловски да му се провлекуваат, може и мене!) да му се налути. Моето расположение нема врска со Петар Горко кој е чпирто за вакви, кралски улоги. Особено овојпат, оти успеа да ја докаже старата вистина дека жените никогаш не можат да постигнат толку значајни успеси во животот како мажите, затоа што покрај нив немаат сопруги кои ќе ги советуваат. Знаејќи го тоа, умниот Шекспир се погрижил Хенри VI да ја има за

Сопруга Круела

де Вил... (не, не... пардон... ех, Дизни, Дизни... ете што ти значи глобално влијание, нејсе), значи, за сопруга да ја има кралицата Маргарета, блескаво одиграна од Габриела Петрушевска во добро познат њојан (аm I right?) стил, но барем според мене, со проширен дијапазон извлечен веројатно од режиресот, но и од предизвикот на гостувањето во Лондон, односно од целата помпа дигната во јавноста околу оваа претстава.

Обратно пак, дијапазонот на мојата маленкост и знаење не е толку голем за да продолжам расфрлувајќи долги и китнести реченици (како асли критичарите, кои, имам впечаток, на крајот самите забораваат од каде тргнале и каде имале намера да стигнат). Затоа ќе ги нафрлам само паралелите кои Шекспир пред 4 века, којзнае, можеби и под дејство на марихуана како што велат, во визиенерски транс, успеал да ги впрегне во денешницата: Хенри VI е крал, потоа СДСМ е на власт, па Едвард, ДПМНЕ... но секогаш со Ахмети, ууупсс! пардон... со помош на воинот Ворик.

Е, кога сме веќе кај Ворик, Соња Михајлова со нејзината актерска енергија покажа и докажа дека оној народ кој сака

Водач со јајца

треба да одбере - жена.

За играта на Мартин Мирчевски (Ричард) сметам дека беше можеби најверен одраз на оригинерната замисла на Шекспир кога ја градел ѓаволската природа на еден вечен и неизбежен лик кога се работи за борби околу престол. А публиката, неа (играта на Мартин), ја препозна и ја награди со искрен аплауз.

Просторот (а и дијапозонот...) не дозволува премногу епитети кои несомнено ги заслужуваат останатите од овој проект без кои не можеше да случи онаа суптилна, специфична театарска експлозија - Борис Чоревски, Валентина Грамосли, Огнен Дранговски, Филип Мирчевски, Иван Јерчиќ, Васко Мавровски, Кристина Христова-Николова, Николче Пројчевски, Петар Спировски, Александар Стефановски-Гаргачот, Валентин Светозарев, Рисима Рисимкин, Миодраг Неќак, Благој Мицевски. За оваа нерамномерна застапеност (модерна работа, нели?) ќе се извинам во Шекспировски стил: Не одмзадувај ми се господе, иако сепак има вина моја, во ова дело...

***

И така, некои го гледаа финалето, други премиерата. Кроце, кроце, ко лет на утка ноќна, минаа и двете. Баерн изгуби, а крајот на претставата јас не го доразбрав. Простете за конфузноста, но фиксот за Баерн сепак имаше влијание врз мојата концентарција, така што освен мудростите на Шекспир од типот што и да правиш, смрта сепак ќе те стигне, низ главата ми се вртеше една друга девиза, од еден друг (додуша фиктивен) Англичанец, сир Оливер (оној де, од Алан Форд): Подобро цел живот богат, отколку еден ден сиромашен.

Хммм, почнавме со влијанието на Островот врз остатокот од светот?

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________