Почетна --> Архива --> 305 --> НОЖ ДО КОСКА
НОЖ ДО КОСКА
Автор: Константин Петровски   

Здравко Савески, активист на АМАН

Здравко Савески е доктор по политички науки, левичар по убедување, битолчанец по потекло. Моментално е доцент на Факултетот за политички науки и дипломатија на ФОН Универзитетот во Скопје. На пошироката јавност и е познат како еден од активистите и основачите на Дижењето за социјална правда „Ленка“. Неодамна ја напушти Рациновата хероина и со група истомисленици го формира активистичкото здружение со левичарски карактер и со име кое што барем за постарите генерации шири десничарско – антисоветска арома - „Солидарност“. Пољубопитнитие сигурно знаат дека Савески, кој преферира да биде ословуван со другар, а не господин, е и преведувач на македонски јазик на две книги на глобалната антикапиталистичка икона, Ноам Чомски: „Нужни илузии: Контрола на мислата во демократските општества“ и „Интервенции“; Еден е од авторите на научната студија „Обезвреднување на трудот: Анализа на трудово–правната легислатива во периодот на трназицијата“. Тој е отворен противник на зачленувањето на Македонија во НАТО алијансата и е за повлекување на нашите војници од Ирак и Авганистан. Има триесет и шест години. Разговараме со поранешен активен атлетичар, дете на транзицијата и човек активно вклучен во граѓанската иницијатива АМАН, која протестира против поскапувањето на струјата.

 

Врват дваесет и една година од стекнувањето на независност. Неодамна Петар Гошев во едно интервју изјави дека како општество имаме многу малку суштински промени во однос на поранешната држава СФРЈ.

Многу малку е променето, особено ако зборуваме за промена кон подобро во Македонија во овие дваесет и една година. За петтина век, можат многу работи да се променат во позитивна насока. Кај нас за жал, не е така.

 

Сепак, дваесет и кусур години се сосема доволно време за да се извлече оценка дали еден економски систем функционира правилно или не.

Мојата оценка е дека екстремната варијанта на неолиберализам, моделот на економски систем кој што Македонија го применува во годините по осамостојувањето, е на штета на интересот на мнозинството на населението. Ваквата поставеност на македонската економија не овозможи зголемување на животниот стандарад на работниците и подобрување на положбата на посиромашните слоеви во општеството.

 

Не се појави ниту една партија која што би ги застапувала интересите на најсиромашните. Таквите партии најчесто се со лева ориентација.

Точно. Тоа секако е голем парадокс. Да немате ниту една силна левичарска партија во земја во која што населението постојано осиромашува и растат класните разлики!? За постоењето на овој парадокс постојат три причини. Прво, партијата која што наводно е социјал-демократска, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, воопшто не се однесува социјалдемократски! Втора причина е тоа што партијата што е конзервативна, ВМРО-ДПМНЕ и чии политики реално се на страната на богатите членови на општеството, од јавноста е перцепирана како политичка сила која што е на страната на сиромашното население. Тоа е резултат на успешно водената пропаганда од страна на владеачката партија. Третата причина ја наоѓам во тоа што иако многу граѓани не се задоволни од долгогодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, сепак и понатаму им даваат подршка на овие партии. Тоа е пред се поради погрешната перцепција на македонскиот гласач - дека, ако не гласа за двете доминантни партии, го фрла својот глас во ветер. Во вака изградениот црно-бел свет во свеста на македонскиот гласач, навистина е многу тешко да се испрофилира сериозна лева партија која што ќе застане на страната на обичните граѓани и ќе постигне солиден изборен резултат. Дури и ако се работи за партија која што искрено и посветено работи за доброто на граѓаните, во ваква ситуација изборниот резултат ќе и биде слаб.

Најпрво мора да се промени сфаќањето дека гласот ти пропаѓа ако не гласаш за ВМРО или СДСМ, а дури потоа можеме да зборуваме за создавање на лева партија како сериозен фактор на македонската политичка сцена.

 

Но зарем ВМРО – ДПМНЕ во текот на своето владеење со конкретни чекори не се наметна како партија која што е на страната на маргинализираните групи? Проектите од типот компјутер за секое дете, изградба на станови за млади брачни двојки и социјални случаи, бесплатно бањско лекување за пензионерите...

Да повторам: Она во што ВМРО-ДПМНЕ е навистина успешна е создавање на моќна пропаганда и ефективна манипулација. Мислам дека за тоа секој треба да им оддаде признание. Не сум ироничен, но и надвор од границите од Македонија, буквално низ целиот свет ВМРО-ДПМНЕ може да држи лекции за одлично реализирана пропаганда!

Владеачката партија, на пензионерите, народски кажано, им дава нешто ситно, во смисла на бесплатно возење со јавниот градски превоз во одредени денови или бањско лекување на сметка на државниот буџет, а тоа се релативно мали мерки, кои што незначително влијаат на нивниот животен стандард. Од друга страна имаме невидено кратење на правата на невработените и на социјалните случаји. Бројот на социјални случаи од доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт па до денес, е намален за четириесет и два проценти. Ако земеме предвид дека стапката на сиромаштија е триесет проценти, тогаш значи дека на исто толку граѓани им е скратен можеби единствениот приход. На сиромашните луѓе во земјава, буквално им го земаат лебот од уста! Социјалните случаи го губат правото на надомест од државата поради смешни причини, како на пример онаа кога член на семејството испратил рецепт во „Храна и вино“ и поради тоа што еднократниот хонорар од 650 денари не го пријавиле во Центарот за социјална работа, семејството го губи правото на надомест. Собирањето на пластични шишиња по контејнери, при што за килограм добиваат дванаесет денари, исто така може да биде причина да се загуби правото на социјална помош, која за четиричлено семејство во Македонија е околу 2.000 денари. Очигледна е тенденцијата на владата да им ги ускрати на социјално загрозените граѓани и тие малку пари што ги добиваат. Во овој контекст на одземање на одредени права на членови на општеството кои што се нашле во незавидна положба, би го споменал и одземањето на правото на сини картони на невработените кои што остваруваат мал и нередовен приход.

Општо земено, ВМРО-ДПМНЕ на ниво на глобални политики оди во правец на штета на интересите на граѓаните. Но успева со некои ситни мерки, кои што се прилично видливи, а кои не значат многу за стандардот на граѓаните, да создаде имиџ дека води грижа за посиромашните слоеви на општеството.

 

Деновиве илјадници граѓани низ целата земја организирани од страна на Граѓанската иницијатива АМАН протестираат заради несогласување со мерките на Регулаторната комисија за поскапување на струјата и укинувањето на дневната ефтина тарифа. АМАН на нивната фејсбук страничка помеѓу другото вели дека покрај искажувањето на револт кон ЕВН и регулаторната комисија, се бори и против богатењето на корпорациите на сметка на народот.

АМАН својот револт го има насочено кон неколку субјекти. До поскапување на енергенсите во последниве неколку години е дојдено од повеќе причини и во тоа се вклучени повеќе државни и приватни фактори. Протестите што ги организира АМАН не се насочени само кон Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија. Но сепак примарната критика е насочена кон неа, од едноставна причина што таа ја носи одговорноста да го спречи дејствувањето на секој кој што сака да оствари профит со недомаќинско работење, а тоа да оди на штета на стандардот на граѓанинот. Да појаснам, одговорноста на Регулаторната е многу голема. Таа е заштитниот механизам кој треба да ги штити граѓаните од алчните корпорации и државни фирми кои недомаќински работат. Но во овој случај, ние од АМАН не мислиме дека вината е само кај Регулаторната комисија. Вина има и ЕВН, која што наместо да се обиде профитот да го остварува преку инвестирање во дистрибутивната мрежа, си ја одбира полесната варијанта на остварување на профит преку набивање на повисоки сметки за струја. Од друга страна ЕЛЕМ на пр. ангажира приватни фирми да го работат она што тие самите треба да го сработат, и потоа, заради зголемени трошоци, бараат поскапување на струјата. Тоа е скандалозно! На ваквото нерационално однесување мора да му се стави крај и очигледно е дека граѓаните го креваат гласот против ваквите постапки.

 

Прв пат имаме и повозрасни граѓани кои масовно излегуваат на протестите на АМАН. Барем според она што јас сум го видел во Македонија, поради разни причини досега низ улиците протестирале главно млади луѓе, најчесто студенти.

Тоа е значаен новитет во однос на досегашните протести поттикнувани од граѓанските иницијативи и кои главно потекнувале од младината. За прв пат поголем број повозрасни граѓани се приклучија на протестот и тоа е важен квалитет на овие демонстрации.

Причината е едноставна, ножот е дојден до коска!

Да не заборавиме дека пензионерите дел од своите приходи им ги отстапуваат на нивните веќе возрасни деца кои што формирале свои семејства, но не се во состојба самостојно да се издржуваат. А нели пензионерите, за што веќе зборувавме во едно од претходните прашања, треба да бидат пресреќни затоа што владата на Никола Груевски беспрекорно се грижи за нив? Нели им се даваат бесплатни возења со автобус и престој во бања на сметка на државниот буџет? Ова се мерки кои што се за поздравување, но сепак се палијативни. Проблемот во овој случај е во тоа што пензиите се релитивно ниски. Зошто на пример да не се размислува за намалување на данокот на додадена вредност за струјата и на акцизите за горивата? Од ова корист би имале сите граѓани, вклучително и пензионерите. Самото тоа што голем број пензионери излегуваат на протестите на АМАН е доказ дека мерките на владата за подобрување на нивниот животен стандард се недоволни. Од друга страна поскапувањата се толку големи што пензионерите се доведени во ситуација да не можат да врзат крај со крај.

 

Кога сме веќе кај АМАН, ниту една партија освен НСДП и ниту еден синдикат освен Синдикатот на новинари и медиумски работници јавно не ги поддржа протестите?

Партиите во суштина и прават добро на АМАН што се држат настрана од овие протести бидејќи ова е сепак граѓанска иницијатива. Се разбира секој член на политичка партија, без разлика дали е тоа партија на владеачката коалиција, или од некоја од опозиционите партии, е добродојден како граѓанин да земе учество во нашите протести. Повторувам - како граѓанин, а не како партиски активист. Како граѓанска иницијатива не сакаме да бидеме затворени за луѓето кои што се решиле да го искористат своето демократско право да членуваат во политичка партија.

Ценам дека поддршката и воопшто, улогата на синдикатите во ваквите видови на протести е многу значајна тема за која што треба да се зборува. Поддршката на синдикатите на протестите не е и не може да биде проблематична, каква што димензија би имала подршката од страна на политичка партија. Во нормална земја со нормални синдикати, поддршката на синдикатите на иницијатвиви од типот на АМАН би била вообичаена работа. Синдикатите веднаш би го поддржале ваквиот протест. Синдикатот на новинари и медиумски работници, единствениот синдикат кој му даде подршка на АМАН, направи потег кој што без дилема може само да му служи на чест. Од друга страна, реакцијата на раководството на Сојузот на синдикатите на Македонија во однос на овие протести, само ја зацврсти сликата за ССМ како жолт синдикат. Жолти се оние синдикати кои што не ги бранат правата на работниците, туку се на страна на интересите на владата или на работодавачите.

 

На Фејсбук страната на АМАН видов дека конкретно во Битола, СДСМ и ЛДП го испраќаат своето членство на протести. Од друга страна, на истата страна, видлив е анимозитетот на актвивистите на АМАН, од кои што повеќето се млади луѓе, кон партиските подмладоци како организации кои регрутираат типични конформисти и полтрони.

Ќе повторам: Секој граѓанин на Македонија кој што смета дека последните поскапувања го загрозуваат неговиот стандард, без разлика на своето политичко убедување и личната партиска припадност е добродојден на нашите протести. Јасно сакам да порачам дека координативните тела на протестите нема да дозволат наметнување на партиска агенда врз самото движење! И затоа ние не бараме оставки на членовите на Регулаторната комисија, како што на пример побара НСДП за членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои што во моментов се дел од комисијата. Тоа нас не не интерсира, како впрочем и интерпелацијата на СДСМ со која се бара Владата во рок од 48 часа да го разреши претседателот на Регулаторна. Нас конкретно не интересира подобрувањето на стандардот на граѓаните. Ние мислиме дека голем проблем се поскапувањата кои што одат на штета на стандардот на работниците и на сиромашните слоеви во нашата земја. Постојат и други начини Македонија да се справи со енергетската криза, а не тоа да се прави преку грбот на најмаргиналнизираните граѓани на државата.

 

 

Дали она што денес се случува на македонските улици може да се спореди со она што неколку години се случуваше во грција? Конкретно, вам добро ви се познати тамошните левичарско-активистичките организации, затоа што како поранешен член на „Ленка“ а сега на „Солидарност“, имате соработка со ваките организации.

Точно, „Ленка“ и „Солидарност“ имаат соработка со левицата во грција. Битната разлика помеѓу грција и Македонија е во тоа што таму навистина не замижуваат при ускратување на одредени права и бескруполозни напади на животниот стандард на граѓаните. Доколку има такви обиди, луѓето едноставно излегуваат на улица да си ги одбранат правата. Во Македонија, за жал таков вид на протестна култура се уште не постои. Кај нас, луѓето или едноставно го прифаќаат кратењето на нивните права како како нешто неизбежно, или во најдобар случај протестот се сведува на колективно мрчење-плачење за сопствените маки по комшии и пријатели и непреземање на ниту еден конкретен чекор за работите да се променат. Редно е по поминати дваесет години на живеење во парламентарна демократија да почнеме да наликуваме на условно кажано, нормалниот свет.

Под нормален свет подразбирам искажување на револт и протест кога се кршат правата на граѓаните. Активностите на АМАН се значаен исчекор во создавањето на протестна култура во македонското општество. Но ова е само почеток и на тој план треба уште многу да се работи.

 

Во кој правец би требало да се движат протестите?

Сите оние граѓани кои се засегнати од најновите поскапувања на добрата кои што се неопходни за живот, ако сите тие излезат на протести, во тој случај ќе нема фактор во државата кој што ќе си дозволи таков луксуз да одбие да не слушне. Само на тој начин може да се извојува победа. Ако поголемиот дел од жителите на оваа земја се решат од било која причина да седат дома и да ги тапкаат по рамо активистите на АМАН во смисла дечки супер сте, алал да ви е, протестите нема да постигнат успех. Народен протест од ваков вид може да успее само ако биде масовен.

 

Може ли АМАН да биде никулец на некое социјално движење, или можеби политичка партија?

Одговорот е дефинитивно - да, во однос на делот за социјално движење. За прв пат во Македонија имаме граѓанска инцијатива која во суштина е социјален протест. Во земја со толку големи социјални проблеми, естаблишментот мора да биде притиснат за да не му ги ускратува правата на народот како што тоа во моментов го прави. Од друга страна АМАН нема намера да прерасне во политичка партија, таа е граѓанска иницијатива која поставува свои барања во врска со поскапувањата на енергенсите. Со исполнувањето на тие барања, АМАН веројатно ќе престане да постои.

 

Дали вие би се анагажирале во политиката?

Аххх... да се ангажирам во политика?! Во Македонија едноставно концептот на политичкото недоволно се познава. Да се излезе да се протестира за своите права е вмешување во политичките процеси. Самото инволвирање во политичките процеси, не значи и учество во партиската политика. Партиската политика е само сегмент на политизираноста на граѓанинот. Јас лично како левичар по убедување, мислам дека во Македонија поради постоењето на големи социјални неправди, нужно мора да постои силна левичарска партија. Дали тоа наскоро ќе се оствари е секако отворено прашање. Тоа не зависи само од луѓето кои што би биле вклучени во една таква левичарска партија. Пред малку напоменав дека граѓаните се убедени дека е најдобро е да се гласа за ВМРО-ДПМНЕ или за СДСМ. При доминација на ваквата гласачка навика и политички менталитет, не мислам дека има смисла луѓето кои би формирале левичарска партија да излегуваат на избори. Кога нашите граѓани ќе бидат подготвени да дадат глас за една левичарска партија, тогаш мислам дека ќе имаме предуслови, веројатно јас и моите истомисленици да рамислуваме за формирање на политичка партија. Во моментов јас лично не сум ангажиран во формирање на политичка партија и мислам дека е далеку поважно човек да се вклучи во механизмите на отпор против скратувањето на правата на граѓаните, какви што се на пример  граѓанските иницијативи.

 

Порано пишувавте за„ ЕГО“, а сега сте колумнист на „Нова Македонија“. Како изгледа да се биде дел од дневен весник кој што според уредувачката политика е близок до власта?

Многу ми е драго што имав добра соработка со ЕГО и што ми беше овозможено како релативно непознат магистрант на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје да ги изнесувам моите ставови. И тогаш и сега тоа го ценам. Што се однесува до колумнистичкиот ангажман во „ Нова Македонија“, па да, во јавноста постои впечаток дека тоа е медиум близок до актуелната влада. Мене лично многу ме радува што редакцијата на весникот воопшто не ми прави проблеми во врска со ставовите кои ги изнесувам во моите текстови, а кои доста често се критички насочени кон сегашната влада. Тоа е на свој начин феномен кој што е за поздравување бидејќи во Македонија културата на дебата е навистина малечка. Дебатата во едно демократско општество е многу важна, а весникот чиј што прв број излезе во партизанската печатница во Горно Врановци во 1944 година го помага нејзиниот развој.

 

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________