Почетна --> Архива --> 306 --> МАГИЧНИОТ ВКУС НА НОСТАЛГИЈАТА
МАГИЧНИОТ ВКУС НА НОСТАЛГИЈАТА
Автор: ПАНДЕ МАНОЈЛОВ   

-Име на билка ли беше, на камен или на вино ли беше? Име на она што се раѓа од земјата ли беше, таен ли збор беше што ја разорува душата? Име на светлината ли беше, скриена тага што гризе? Твоето име Бородино ли беше, пород, Породино ли беше, та што сум те ставил до моето име и со него да пловам во немирни води? - се прашуваше старецот за своето чудно презиме талкајќи по ридот Сан Кристобал, кој се издигаше над Сантјаго со бујното зеленило.

Не сакаше со жичницата да се искачи до врвот од каде што имаше прекрасен панорамски преглед на градот, туку одеше пеш, стапка по стапка, потпирајќи се на необичниот бастун што го држеше во десната рака. Околу него се движеше непознат свет од млади спортисти кои џогираа, правеа вежби мавтајќи со рацете над нивните глави или околу испотените тела, релаксирајќи се секој на свој начин.

- Ајде, ајде господине! Ентузијазам, сонување, многу енергија и помалку тврдоглавост! - му дофрли една девојка со лице на принцеза од бајките.

- Јас имам деведесет години млада дамо! Деведесет...

- А јас дваесет и пет господине, дваесет и пет години! Но, сеедно... Препознавам странец во Вас, иако зборуваме на француски јазик. Сигурно не сте тукашен и недоволно ги познавате височините... А бевте ли во куќата на Пабло Неруда? Таму, од неговите „Сто сонети за љубовта“ не запомнав ништо освен десетина стиха... Вие, со својата мудрост, веројатно многу повеќе ќе запаметите, зашто и со годините што ги имате сте доживеале многу работи. Исто и како самиот поет.

-И два-три стиха да се запомнат од тој светски поет е голема работа. А кои се тие стихови што сте ги запомниле, млада дамо? Можете ли да ми ги изрецетирате?

- Па, вака: „О, освои ме со својата жешка уста, истражи ме ако сакаш, со своите моќни очи...“

Не дорецитира девојката, не ги дорече стиховите што ги знаеше наизуст, а старецот продолжи да ги рецитира со трогателен глас:

- „И пушти ме да пловам...“

- Плови, старче, само плови... Но не е море овој рид, овие височини на Сан Кристобал! - се насмевна девојката и потрча кон младото момче фаќајќи го за раката, за миг потоа да го прегрне.

Подзастанаа младите ветрогони. Момчето, како да сакаше да му се извини на старецот за палавоста на неговата девојка:

- Простете и. Таа не сакаше да ве навреди... Сакаше низ шега да ви каже дека е тешко да се искачуваат угорнините на овој рид. Поготово на Ваша возраст. Подобро ќе беше да ја посетевте куќата на Неруда во населбата Белависта... Во таа куќа ќе видевте расфрлани пеперутки, школки, чаши за вино и многу необични предмети кои го инспирирале неговиот бурен живот и романтична поезија... Ќе ги разгледавте и многубројните книги од неговата библиотека... Меѓу тие книги веројатно ќе најдевте и некој спомен од Вашата татковина...

- Но, тој чувствуваше одбојност кон буржуите... А јас сум Пјетро, богат буржуј - воздивна старецот впуштајќи се во наметнатиот разговор со момчето.

- Не, Вие не сте буржуј, не ми личите на тоа. Вие, како што можам да заклучам од Вашиот изглед сте духовно богат човек. Парите Вам како да ви се споредна работа, рече момчето и си ја поткасна долната усна, како со тоа да сакаше да му се извини на непознатиот за непромислено изговорените зборови.

- Рековте дека имам душа? Што беше тоа душа? Знам дека имам и многу пари и многу години, но душа,  се занесе со мислите задишаниот старец.

- Пјетро? А презимето? - праша девојката.

Старецот занеме. Се возбуди.

- Мојата девојка Ве прашува за Вашето презиме. Кое е Вашето ценето презиме, господине?- љубопитно запраша момчето.

- Пјетро, Пјетро Бородино... - промрмори старецот и го крена со десната рака бастунот што го носеше, бастунот со кој се крепеше, бастунот со необична форма ишаран со некакви рецки...

- Еј,господине Пјетро, Вашиот бастун не е обичен бастун... Тој е многу стар... Вие се потпирате со него, се закрепувате, но тој е и нешто друго... Тој бастун ме потсетува на една чудна направа, на ендезето на мојот прадедо терзија...

-Ендезе?- се зачуди старецот на изговорениот непознат збор.

-Да, да, ендезе... Во мојата прататковина на Балканот тоа беше мерка на терзиите, на кројачите, на шнајдерите... На модните дизајнери и креатори, што би рекле ние младите. Тогаш немало метар... Само тој збор, зборот ендезе и неговата необична форма ми останаа во сеќавањата за моите предци од Породино...

- Ве молам повторете, како рековте, Породино ли?

- Моето презиме е Породино... Јас сум Мајк Породино. Терзија по професија, пардон, моден креатор... Ако сакате некогаш, бесплатно ќе Ви сошијам костум ако наминете во Торонто, во Канада... Таму збооруваме и на француски и на англиски јазик... Кога со мојата девојка случајно чувме една Ваша воздишка изговорена на француски, намерно Ви се приближивме, ни станавте некако блиски... Драго ми беше господине. Ете, било пишано, случајно да се запознаеме токму тука во Чиле, убавата татковина на Пабло Неруда.

- Посетете ме и Вие во Париз, млад господине. Во Париз дојдете Мајк Породино! Таму, во тој град на светлината доаѓаат млади луѓе од целиот свет. Ако го сакате Неруда и неговата поезија, сигурно ја сакате и поезијата на Жак Превер. Без неговите лирски трепети нема поезија во модните креации. Замислете лелеав фустан без бои на пролет или есен... Туку, еве ви ја мојата визит-карта... Нема да одам нагоре повеќе... Се изморив, ги доодив моите височини... Ќе се вратам во градот, да го посетам уште домот на Неруда во Исла Негра, и збогум Чиле!

-Чао! Се гледаме во Париз, господине Пјетро - се насмевна Мајк, ја прегрна својата девојка, професорка по книжевност и се упати кон височините на зелениот рид.

- Но, каде во Париз господине Пјетро? Париз е голем град, светска метропола... Крај Сена ли, пред Нотр Дам или на Пигал? Е-хеј, Париз, Париз... - подзастана и низ смеа запраша девојката на Мајк, со скриена доза на иронија како да сакаше со тоа да го потсети старецот дека живее во некои дамнешни, само негови времиња.

- Не госпоѓице! Јас имам катче во тој град каде можам пристојно да ве примам. Но, ете, младоста има свои места свои катчиња во кои таа ужива. Таму, во пост-модерното, веројатно не сум бил зашто Париз на мојата младост и не е таму. Ве молам, удостоете ме со Вашиот предлог - учтиво се поклони старецот пред девојката.

- Може ли таа средба да се случи во Кафе де Флор? Да се одвоиме од реките секојдневни ликови на париските улици?

- О, во Флор, во кафулето во кое со задоволство испива чашка „ладусет“ вино Роберт де Ниро? - загадочно праша старецот и продолжи - во тоа култно место за младите во кое, кога влегуваат, мора на импозантниот господин на самиот влез да му речат „бонжур“ за потоа да отидат да и ја стегнат раката на дамата што седи зад касата, сеедно дали таа е Мари, Елен или матмазел Надин...

- Па, Вие како сега да излегувате од Флор, а сте во својата трета младост - се чудеше девојката и силно со едната рака ја стегаше раката на нејзиниот љубен.

- Трета младост без ниедно детство... Таму се јаде супа со кромид и кавијар која најмногу ја порачуваат дојдените туристи од Америка... За мене таму нема супа од кромид и коприви без кавијар...

- Супа од кромид и коприви? Без кавијар? Супа за која ми зборуваше некогаш мојот дедо? - како да се разбуди од некаков сон праша Мајк.

- Простете... Спомнав нешто од моите сенилни соништа... Во Флор, во кафеаната Флор ќе се сретнеме, господине Мајк Породино... Таму се среќаваат културни луѓе кои ја познаваат уметноста и разговараат за поезија, политика, дипломатија, мода...

- И за мода ли се дискутира таму господине Пјетро? Тогаш одбрано е местото на нашата идна средба! Оревуар!- мавна со раката Мајк.

- Оревуар! - отпоздрави со воздишка на устата стариот господин.

Младите со смеа и весел разговор го продолжија својот пат кон врвот на Сан Кристобал, а старецот потпирајќи се на бастунот - ендезе ги фати надолнините без да го сврти вниманието на реката пешаци. Сакаше да се сурва, но старечките нозе не му го дозволуваа тоа ниту ендезето кое, како и неговите чекори, бавно го мереа се уште неизодениот пат од стварноста до спомените следејќи ги инстиктите на луцидните мисли што му навираа во главата.

Никогаш и од никого не побарал и не повикал некого да му донесе скала за да слезе од неговото ѕвездено небо. Знаеше, дека ако го стори тоа, благонаклоно ќе му се смеат како на немирно дете сместено во голем човек. Затоа и сега, во овие мигови на умор не побара ни такси-возило да го превезе до аеродромот. Во хотелот ги остави куферите со сè што имаше во нив. Ќе побара да му ги испратат преку пошта. Впрочем, тие ја имаат неговата адреса, а хотелските сметки се платени и за неколку дена по овој ден. Провери во задниот џеп од панталоните дали тука му е паричникот со патните исправи и кредитните картички. Тука беше сè што му беше потребно, па дури и купениот авионски билет. Пред да влезе во авионот мораше да ги помине граничните формалности: проверка на пасошот, потем на багажот. Кога на полициската контрола, службеникот забележа дека патникот во раката носи само некаква дрвена направа што наликува на бастун но не е тоа, љубезно му се обрати:

- Господине, имате ли друг багаж за контрола?

- Не! Само тоа што го гледате на мене - возврати старецот.

- Тогаш, дајте го вашиот бастун да ја мине проверката на рендген апаратот.

Старецот се зачуди:

- Зарем и такви контроли правите? На бастуни? Та, ова не е оружје со кое се киднапираат авиони?

- Мораме. Така ни налагаат правилата на службата... Некогаш, во едни дамнешни времиња, на Балканот атентаторите се служеле со некаква слична направа како оваа... Чадор ли, бастун ли, сеедно... Од него излегувала некоја отровна игла, како стрела... Така учевме во полициската академија за антитероризам - со доза на самоувереност одговори службеникот, ставајќи го дрвениот предмет на лентата пред рендген апаратот.

- Ех, мој господине полицаец, воздивна старецот, кога помина полициската контрола. - Ова чудо е моето единствено наследство од татко ми, кој како во сон го помнам. А вие и антиквитетите ги проверувате...

- Денес и сеништата се контролираат господине! Ајде, следниот! - рече службеникот и продолжи ладнокрвно да ги прегледува останатите патници и нивните багажи.

Париз беше на видикот под облаците. Францускиот Париз... Се наѕираше и Ајфеловата кула. Патниците во авионот станаа веднаш штом тркалата ја допреа пистата. Пјетро беше последниот патник што излезе од авионот. Се чувствуваше сам во оваа татковина која ја знаеше како империја на неговото богатство, а не си ја знаеше вистинската.

- Моето име е поважно од самиот мене: Пјер! А што со презимето? Каква ли тајна крие тоа, иста ли како што крие и овој бастун, ова чудо кое, сега, по толку децении го извадив од стариот куфер на татко ми? Мојот триумф и моја трагедија ли е? - шепотеше старецот влегувајќи во црниот ролс-ројс на кој претходно вратата му ја отвори неговиот личен шофер кој дојде да го пречека на аеродромот и отаму да го превезе во неговата фирма на плоштадот „Максим“.

Кога влезе во канцеларијата, како да влезе во сопствениот свет на мечти. Преморен од долгиот пат седна во длабоката фотелја изрезбарена во стилот на Луј Петнаесетти, се напи голтка од кафето што пред неколку мига му го донесе секретарката, а мислите почнаа од спомен до спомен, како на филмска лента, да се редат пред него... Како и чудниот стап што полека го вртеше со прстите:

- Да, да... Па, татко ми со ова чудо ги мереше штофовите, со ова чудо земаше мерка за костуми во малото дуќанче што го имавме во Сан Бијаџо... Татко ми, кој додека како дете покрај него шиев облека за куклите направени од партали, ми раскажуваше дека единствено тоа го понел од татковината во која се воделе страшни војни... Со тоа дрвено чудо ја чувал и мајка ми од волци додека пеш ги минувале планините бегајќи од колежите за да стигнат до Италија.

Го извади моноклот од фијоката и го намести на левото око. Го стави необичното дрвено стапче, дрвената реликвија, на работната маса и како искусен златар за прв пат почна во детали да го разгледува. Како да е дијамантски прстен од неговата колекција. Сакаше да ја дознае тајната што ја крие во себе. Прво што откри беа рамномерно исцртаните линии кои беа избледени, па одвај се препознаваа. Од едната до другата црта сигурно имаше раздалеченост од околу еден сантиметар... Потоа ги забележа малите дупчиња црвојадина нерамномерно распоредени од едниот до другиот крај. Кога сакаше да провери дали има испишано некакви бројки, на долниот дел забележа дека има испишано збор со некакво писмо кое не го разбираше. Се трудеше да прочита, но писмото не беше ниту латинично, ниту арапско. Најмалку француско. Но светеше тоа писмо како дијамантска дијадема криејќи ја својата загадочна убавина.

- Не е единствената вредност во тежината на златото... Ова е некаква магична дрвена направа и мора да има друга вредност, која не можам да ја одгатнам. Богатство во богатството! - рече и како да не стави точка на својата дилема.

Од аголот на масата заѕвони телефонот.

- Господине Пјетро, извинете што ве вознемирувам, но една млада дама инсистира да се чуе со Вас. Вели дека се јавувала од Сантјаго, од Чиле... Морала да разговара со Вас - се јави секретарката.

- Секако, поврзете ме,- одговори со треперлив глас.

- Јас сум девојката на Мајк Породино. Се сеќавате ли господине? Се сретнавме на ридот во Сантјаго - не дорече гласот.

- Како да не се сеќавам?! Само со една случајна средба ние како да станавме пријатели! - воскликна старецот.

- Не се договоривме за датумот на нашата средба. Се разбира во Кафе де Флор... Со Мајк сме со намера да допатуваме на првиот ден од есента... Секако, дека Париз е волшебен и во есенски бои, нели господине? - се кикотеше девојката.

- Договорено, млада дамо, средба на првиот ден од есента, точно на пладне во кафулето на Вашите желби! Поздравете го Вашето момче... Довидување! - му одговори со насмевка во гласот и ја спушти слушалката.

Допивајќи ја послената голтка оладено кафе од филџанот изработен од кинески порцелан, за да избега од мислите што го враќаа во минатото и во иднината, во која истовремено се спушташе на својата деведесетгодишна возраст, тивко, како да сакаше само самиот себе да се чуе дали е се во ред со неговиот ум, пред да ја напушти канцеларијата, прошепоти:

- Кога научниот свет ќе ги открие асоцијациите меѓу испиеното кафе и позитивните здравствени ефекти, тогаш, можеби, јас ќе разберам што е штетно, а што добро во животот: богатството или да се ужива во мигот што се живее? Ризикот е еднаков.

На првиот ден на есента Пјетро се разбуди порано. Сонуваше некој чуден сон: Молкот на Елисејските полиња... Тој шета сам, а на улицата никој, ниту човек ниту врабец... Сака да здогледа некој свој близок и мил човек, да му викне „добар ден“... Но, сонот како да ги крие и во својата светлина сите тајни, сите средби, сите некогашни радости...

- Нема романса. И соновите како и луѓето станаа егоцентрични, затворени во школката на загатката... Треба да се прифати сè: и убавото и грдото! Треба, понекогаш и молкот да се слушне во осаменоста! Да се слушнат камбаните на душата! Со отворено срце! - беше неговиот одговор на сонот, на таа заблуда и вистина која леташе како пеперутка низ времето.

Тој беше ранобудник, но овој пат сакаше тоа да се случи уште порано за да не задоцни на закажаната средба со младите пријатели од Торонто. На полноќ во Париз, в рани зори на кејот на Сена, на зајдисонце крај Сакр Кер, се е фантазија... Срцето е во вас но се оддалечувате од него, душата е во вас, но таа лебди над вас, над убавините на овој град... Се вљубувате и само се вљубувате... А есента, првиот есенски ден? Сонце, златни лисје на дрвата и носталгија околу вас...

Го облече црниот костум од сопствената модна конфекција и почна да ја врзува вратоврската, застанат пред големото огледало. Гледајќи го својот лик се сети на ликот на првата аргентинска дама Ева Перон, кога пред половина век и шиеше фустан, а таа се воодушевуваше од неговата креација застаната исто така пред едно вакво слично огледало... Се сети и на ликовите Рита Хејворт, Грегори Пек... Се сети на облеката што тој самиот им ја креираше...

- О, Господе! Имам многу продавници, многу бутици низ светот! И на сите производи во тие продавници, мој дизајн, мој печат. Како моето име да е поважно и од самиот мене! Но една и единствена е мојата продавница на носталгија во која се ставени сите мои реликти од минатото... Но сè нешто ми недостига во таа продавница, што сакам да го имам. Имам сè, а немам ништо! Ниту душа, можеби - изусти, го зеде бастунот в рака и излезе од собата.

Човекот на влезот од Кафе де Флор го пречека со широка насмевка на лицето:

- Добредојдовте господине Пјетро! Каква чест за нас! За Вас е резервирана масата за специјални гости... Се разбира на најубавото место... Ве молам дајте ми го Вашиот бастун!

Старецот одмавна со главата. Како да сакаше да му каже на љубезниот човечец, премногу да не си ги троши метафорите на него, туку тоа да го стори на наконтените туристи кои веќе беа на метар-два зад него. Бастунот си го задржа в рака.

Не се поздрави ниту со матмазел Мари застаната зад касата на шанкот. Млада дама го поведе кон масата на која требаше да седне. Таа беше новопримена на работа и не знаеше кој е гостинот што требаше да го служи.

- Ви стојам на располагање, господине - рече таа и го остави да се отпочине.

Имаше речиси уште половина час до договореното време за средбата со Мајк и неговата девојка. А дотогаш, добро би му дошла и тишината која во последно време, заради годините и враќањето во минатото му стана опсесија. Се разбира, како пловење низ брановите на минатото. Но во минатото, а не како некогаш да гледа само во иднината со футуристички погледи во неа дека неговите креации на облека треба да служат на сите луѓе и на богати и на сиромаси.

Тишината е невидлива игра на мигот.

- Повелете, господине, со што можеме да ве послужиме? - со чуден нагласок во говорот запраша младата келнерка со очи сини како бистри езерски води и руси лелеави коси.

- Кафе, засега, додека пристигнат гостите кои ги очекувам - одговори тивко погледнувајќи ја девојката право в очи.

Му заличија тие очи на очите на неговата млада мајка што ја гледал само на избледената фотографија, а никогаш не ја видел и не ја запомнил, зашто, откако го родила и задоила на годината починала од патилата што ги минала. А и везот на елечето на девојката и заличе на оној од елечето од фотографијата на мајка му. Децениите не го избришале тој заборав понесен како скриена тајна. Креирајќи тоалети и костуми за величенствени балови на најбогатите, вметнувал несвесно и по некој елемент од тој вез. А боите на раскошните фустани биле со бојата на овие очи...

Не ја испи ниту втората голтка од вкусното и со опојна арома кафе, пред него искрснаа гостите што ги очекуваше.

- Господине Пјетро, ние стигнавме. Како сте?- се насмевна девојката подавајќи ја раката кон стариот господин.

Тој го остави бастунот крај себе потпрен на столицата на која седеше, ја прифати подадената рака на познаничката и како искусен кавалер се поклони и и ја бакна:

- Добродојдовте, драги мои! Како сте, како патувавте?

- Добри сме! Одлично! А како сте Вие господине Пјетро? - рече Мајк Породино и продолжи - Торонто е Торонто, но не е Париз! Воодушевени сме од убавините на овој град, а да не бидеме нескромни и од првите впечатоци во Кафе де Флор.

- Воодушевени сме од Париз, од францускиот Париз, како што тоа го нагласуваше стариот морнар на Маркез во неговиот расказ Трамонтана- бликаше од среќа младата професорка по книжевност, потштипнувајќи го Мајк за десниот образ.

Како модни креатори и Пјетро и Мајк разговорите ги продолжија на полето на бизнисот, бизнис-плановите и модата: што оваа есен ќе се носи во Франција, во што ќе се облекуваат парижанките, а, нели, есен е истовремено и во Канада, со што џет-сетот ќе се облекува во оваа земја. Кои се модните трендови, ќе можат ли жените послободно од веќе слободното да се облекуваат и во тие облеки да можат слободно да работат, да седат, да возат автомобил или тоа ќе бидат само модели за балови и променади на модните писти...

-Како ви оди бизнисот во Канада? Се заработува ли добро? Ве прашувам зашто сте ми мили, а нескромни се ваквите прашања - рече старецот.

- Одлична е заработката! Одлична! А Вашата во Париз?

- Никој не може да ги пресмета моите приходи... Не знам колку изнесуваат тие... Ме нарекуваат мултимилијардер. Мои продавници има во целиот свет, во многу градови... Почнав со шиење на облека на моите кукли од партали, а потоа да почнам да креирам и шијам струкирани сакоа и богати, широки здолништа, сакајќи да го променам изгледот на жените...

- Дамна беше тоа, нели господине?- праша девојката на Мајк.

- Па, беше тоа, млада дамо, годината кога се снимаше филмот „Убавицата и ѕверот“... Вие сте убавица, тоа јасно се гледа на Вашето убаво лице и на Вашата става, но кажете ми, Мајк, ѕвер ли е?

- Убавица, но не париска... А мојот Мајк, генетски понел нешто од неговата прататковина на Балканот... Од стариот крај на неговиот татко... Тој е ѕверче што знае страсно да љуби! - рече девојката како да се засрами од зборовите што ги изговори.

- Рековте балканска генетика, дива и бујна природа... Прататковина што Мајк ја има, а јас ја немам освен во потсвеста и соништата... А слични сме, со слични презимиња: моето Бородино, а неговото Породино. Во Бородино се биела битка... Наполеон Бонапарта... Имам ли јас врска со него а не со Породино? - проговори старецот занесен со мислите во спомените што избледнале како старата мајкина фотографија што ја чуваше заклучена во металниот сеф како најголема драгоценост.

Во тој момент на мала оддалеченост, минувајќи ја улицата застана млад клошар обраснат во испиеното лице со брада, облечен во стари излитени фармерки и искината бела ленена кошула на чии ракави, под нечистотијата блесна прекрасна шара од чуден вез. Подавајќи ја раката кон Пјетро, љубезно замоли:

- Смилувајте се, господине! Дарете ме мене, сиромавиот, со само едно евро! Леб да си купам... Од далеку сум...

Старецот, кога ги чу зборовите на просјакот збесна:

- Марш да те нема! Да те нема од пред моите очи!

Потоа се обрати на младата келнерка што ги служеше:

- Како си дозволувате ваква срамота за Флор за Кафе де флор? Што ќе речат на ова моите ценети гости? Моите, но сега и ваши гости?

Келнерката се направи како да не го слушна гостинот што не го познаваше и не знаеше кој е. Впрочем, таа со својата привлечна убавина дојде во ова култно кафуле да работи пред неполн еден месец... Притрча кон клошарот, изваде од џебот на белата престилка монета од две евра и му ги подаде обраќајќи му се со неколку зборови на јазик кој не го разбраа ниту Пјетро, ниту Мајк и неговата девојка.

Старецот уште повеќе збесна и така лут се обрати на келнерката:

- Како си дозволувате таков срам! Наместо да не послужите и да го истерате тој просјак, вие му дадовте пари!

- Простете, господине, простете... Тој е дојденец од мојата татковина, исто како и мене... Од исто место сме - рече и од синевината на нејзините очи се стркалаа две бистри солзи.

Старецот се сепна. Не знаеше од каде му излезе тој бес. Сакаше да ја слушне тишината на погледот на самовилата застаната со наведната глава пред него. Поглед што личеше на погледот од избледнетата фотографија на неговата мајка.

- Јас сум странец во оваа држава, побегната од... - не дорече и се наведна да го крене од подот бастунот кој пред малку несакајќи го турна стариот господин и кога случајно го прочита напишаниот збор на неговиот долен дел, кликна од радост - па ние да не сме од исто место, господине? Тука пишува: Породин! На мојот јазик, со нашето старо, свето библиско писмо...

- Како рековте, што пишува на бастунот? - возбудени во еден глас запрашаа тројцата гости.

- На ендезето пишува... Простете, извинете ме за мојата балканска некултура... Сакате ли да ве послужам со супа од кромид и коприви? - трепереше од возбуда келнерката бунејќи се уште повеќе по секој изговорен збор со чуден и поинаков нагласок од францускиот.

- Не срамете се, госпоѓице! Јас се уште го разбирам говорот на мојот дедо и покрај тоа што лошо го зборувам, но убаво ве чув дека го изговоривте зборот: Породин! - и се обрати Мајк на келнерката.

Пјетро, слушајќи го милозвучниот глас на збунетата девојка, затрепери во гласот како да плаче:

- Ќе не послужите со супа од кромид и кавијар или супа од кромид и коприви?

- Простете, господо, згрешив. Изгледа недоволно го познавам францускиот јазик и покрај тоа што го завршив факултетот со одличен успех... Сакате ли да ве послужам со супа од кромид и кавијар, специјалитет на Кафе де Флор? Она другото јадење што ви го понудив на грешка, е специјалитет во мојата татковина, специјалитет на сиромашните селани в пролет...

Старецот, слушајќи ги зборовите на збунетата девојка, која како да го молеше да не ја каже на нејзиниот газда, пребледе, го стегна некоја блага болка во градите.

- Од каде сте? Од која држава? За местото слушнав... Родното место на татко ми испишано на ендезето, за кое цел век не знаев... Со години сакав да го слушнам тоа име на светлината што одекнуваше како камбана во мојата потсвест... Породин! Породин! Боородино е нешто сосема друго ... Од војни ли избегавте, од колежи ли, госпоѓице?

- Мојата татковина има име и знаеме како се вика... Во вашите стари книги ја пишува на француски: Маседуан... Некој, некогаш, заради нејзините патила ја нарекол таа земја и Темен вилает... Сега не знам како ја викате... Некој така, некој вака... А светла е таа како вашиот Париз, како бисерната светлината во моите очи...

- Светлината во твоите и во очите на мојата мајка... Јас толку богат, а толку сиромашка мојата татковина...! - ја продолжи мислата стариот господин и една солза од левото око му капна на костумот што сам си го соши.

Капна тој бисер од неговото око на местото каде силно чукаше неговото срце. Далеку од душата, зашто почувствува во тој миг дека неа ја нема. Занесен по богатството што му го носи неговиот бизнис како да заборавил на душата. Заборавил и да се ожени и да има род и пород. Очигледен доказ дека го загубил највредното за човекот беше и неговата постапка кога само пред неколку мига со нескриен бес излеан од некоја празнина, од некоја длабока бездна во него, го истера просјакот недавајќи му ни скршена пара за која и не знае и колку ја има по банките.

- Од иста прататковина сме, од исто место се нашите претци. Затоа сме и душевно блиски. Барем така се чувствуваме, господине Пјетро, нели? - се обрати Мајк на старецот како да сакаше со овие зборови да го врати во реалноста.

-Душевно блиски? Хм... Ние пред маку зборувавме за пари, а не за татковина. А имаат ли парите душа, имаат ли татковина? Не го слушаме звукот на тишината, звукот на камбаните од нашето минато. Ние сме глуви, глуви господине Мајк! - воздивна Пјетро.

За да ја смени темата на разговорот и со тоа да ја разбие мачната атмосфера, девојката на Мајк му се обрати на старецот:

- Не ве прашав господине Пјетро, дали, кога навративте во библиотеката на Пабло Неруда најдовте книга со спомени од Вашата и татковината на Мајк?

- Не, не свратив во библиотеката! Мојот бизнис не ми дозволуваше ниту да свратам во хотелот да си ги земам куферите. Заминав право на аеродром...

- Има една друга книга од еден друг писател... Романот се вика Сто години самотија, а писателот, со некоја година помлад од вас, се вика Габриел Гарсија Маркез...

Старецот не ја дослуша младата и умна професорка, па како ученик продолжи по неа:

- Веќе сум влезен во десеттата деценија на мојата самотија... Деведесет години самотија, а се наближува стотата... Таа книга како да е напишана на брчките од моето лице...

- Во тој роман се споменуваат и некакви алхемичари од Македонија... И во еден негов расказ се споменува некое лудо ветре што се вика трамонтана . Стариот морнар сé стори за да се одбрани од него, но не успеа.

- Тој ветер се уште дува во мојата татковина... Ветер на промајата. Кога немаш ништо в куќа, промаја е. Промајата го изеде народот... Сите се разбегавме по светот... Некогаш нашите прадедовци тоа го чинеле од стравот од војните, колежите, истребувањата, од трамонтаната... Извинете ме, јас се занесов во книжевноста... Сакате ли да ви донесам шише вино ладусет? - со треперлив глас зборуваше девојката што ги служеше, заборавајќи за миг дека не е дел од друштвото на оваа маса, туку дека е само келнерка која треба да служи, а не да зборува со гостите.

- Значи, љубена моја, ние двајцата, јас и господинот Пјетро, според тебе и твоите книжевни познавања сме алхемичарите од Македонија? - запраша со насмевка во гласот Мајк, прегрнувајќи ја својата девојка.

- Да! И никој не ве спасил ниту ќе ве спаси од вашата трамонтана... Освен ова шише вино што го купив од градот крај езерото кога присуствував на тамошните „Вечери на поезијата“... Тга за југ се вика ова вино, по насловот на песната на еден ваш дамна, в туѓина починат поет кој со душа и срце ја сакал својата татковина - рече девојката на Мајк, латиноамериканка по потекло и посегна во нејзината чанта да го извади шишето вино.

Кога го налејаа во кристалните чаши видоа дека виното има боја на крвава тага со магичен вкус на носталгија по нешто толку блиско, а толку далечно.

Ветрето што ги галеше нивните лица на првиот ден на есента во Париз 2012 година, дуваше од црквата Нотр Дам по Сена, кон Ајфеловата Кула. Лисјата што тажно ги ронеше од дрвата беа со боја на старо злато.

 

3 септември 2012

Битола

 

 

 

 

 

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________