Почетна --> Архива --> 306 --> КАТРИН ДЕНЕВ ВО БИТОЛА!
КАТРИН ДЕНЕВ ВО БИТОЛА!
Автор: ЕГО Редакција   

Потврден актер, активист и хуманитарец, амбасадор на УНЕСКО, страсен пушач

Како добитник на Специјалната награда „Златна камера 300“, Денев во Македонија ќе престојува четири дена, а наградата ќе и биде врачена при отворањето на Фестивалот.

Исклучителната надворешна впечатливост големата ѕвезда на француската и светската кинематографија ја потврди со редица маестрални ролји.

Катрин Денев, големата ѕвезда на француската и светската кинематографија, препознатлива по магичната убавина која со децении ги освојува гледачите од сите континенти, е ексклузивната гостинка на годинешниот фестивал Браќа Манаки. Како добитник на Специјалната награда „Златна камера 300“ во Македонија ќе престојува четири дена, а наградата ќе и биде врачена в сабота,  при отворањето на Фестивалот. Ден по отворањето, на 16 септември во 11 часот во големата сала во Центарот за култура таа ќе има едночасовна средба со сите заинтересирани филмофили, новинари, студенти, филмски автори и сл.

Браќа Манаки се потруди за првпат во историјата на Фестивалот и на Македонија да донесе толку големо име, ненадминат бисер на светската кинематографија. Денев е актерска појава која зрачи со интегритет во секоја остварена ролја. Родена е на 22 октомври во 1943 година во Париз, Франција, со име Катрин Фабиен Дорлеак. Својата препознатливост ја стекнува во улогите на

Загадочни и мистериозни

убавици во филмовите Одвратност на Роман Полански и Убавицата на денот на Луис Буњуел. Исклучителната надворешна впечатливост ја надополнува со редица маестрални ролји во филмовите и на други големи режисерски имиња, Франсоа Озон (8 Жени, Украс), Режис Варние (Индокина, Исток/Запад), Франсоа Трифо (Последното метро), Роже Вадим (Порок и доблест), Роберт Олдрич (Измама), Жан-Пол Рапно (Дивјак), Ларс фон Трир (Танчер во мракот), а наскоро ќе се појави и во четвртиот дел од блокбастер-хитот Астерикс и Обеликс. Веројатно најпопуларната француска актерка на сите времиња, освен во бројни европски филмови, играла и во холивудски проекти од кои најпознат е култниот класик Глад на Тони Скот од 1983, во кој глуми заедно со Дејвид Боуви и Сузан Сарандон. Номинацијата за Оскар ја доби во 1993 година за Индокина.

Освен како потврдена актерка, Денев го привлекува интересот на јавноста и со бројни други активности. Таа е дел од многу хуманитарни настани, активна е во заштитата на деца и сирачиња, а дел е и од проектот „Репортери без граници“. Од 1994 до 2003 беше амбасадор на УНЕСКО за зачувување на филмското наследство.

Во 2005 го објави

Нејзиниот дневник

Во сопствената сенка, каде ги пренесува спомените и го опишува искуството од снимањето филмови со Берт Рејнолдс, Џек Лемон, Вилијам Харт, Џон Малкович, Ален Делон, Жерар Депардје, Винсент Перес, Марчело Мастројани.

Како заштитно лице на парфемот Шанел 5 во доцните `70-ти ја зголемила продажбата до таа мера, што американските новинари фасцинирани од нејзиниот шарм предложиле таа да биде прогласена за најелегантната жена на светот.

Беше муза на модниот дизајнер Ив Сен Лорен, чии модели ги носеше во многу филмови. А и самата дизајнира очила, чевли, накит.

Има две деца, има син со режисерот Роже Вадим и ќерка со познатиот италијански актер Марчело Мастројани.

Како страсен пушач, гласноговорник е против сè почестите забрани. На една прес конференција во Мадрид во 2011 година, и` рекле да ја изгаси цигарата. Таа одбила, велејќи дека претпочита да си ја плати казната. „Мислам дека претеруваат“, им соопштила на присутните.

 

 

 

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________