Почетна --> Архива --> 313 --> Радоста во нашите животи
Радоста во нашите животи
Автор: М-р Марија Котевска - Димовска   

Сте се запрашале ли колку има радост во вашите животи? Животот без радост и насмевка е бесмислен. Она што е храната во однос на гладот, тоа е радоста во однос на животот.  Радоста е  пријатна емоција која се доживува како спонтаност и комплетно блаженство. Тоа чувство е типична одлика на детската невиност. Малите деца лесно се препуштаат на радоста, ним не им е потребна посебна причина да бидат радосни. Некаде длабоко во секој човек живее тоа  невино и слободно дете, кое знае дека радоста сама по себе е дар на животот. Сепак со возраста како да избледува овој прекрасен дар на животот и кај луѓето се намалува или сосема се губи способноста да се радуваат на животот. Познавањето на причините зошто тоа се случува може да помогне да ја развиеме повторно способноста да се  радуваме на животот, или да го пробудиме

Детето во себе

Радоста доаѓа од контактот со себе си и својата автентична телесна и духовна  природа, а не од надворешни причинители. Таа  не е ментален став, не можеме да го наговориме својот ум да биде радосен. Радоста  може само спонтано да се доживее. Еден од основните услови за да се доживее радоста е слободата. Тешко е да се замисли радосен човек чие движење е ограничено. Но не е доволна надворешната слобода, потребно е да ја имаме и внатрешната слобода од

Сопственото его

како би ги доживеале и отворено изразиле своите чувства. Егото е најголем непријател на радоста, зашто за него се значајни само оние предмети и активности кои служат за тоа да се подобри сликата што другите ја имаат за него. За оваа цел служи стекнување на имот, пари, моќ, успех, слава и статус. Егото само по себе не е штетно, тоа е интегрален дел од нашата личност, на сите ни е значајно каква е нашата слика и статус кои ги уживаме пред јавноста. Но проблем е кога истакнувањето на она што егото го смета за битно станува доминантна активност на една личност. Тоа води до илузии кои можат да станат доминантни убедувања, како она дека богатството носи среќа, дека славата обезбедува љубов, или дека покорноста штити од можно насилство.

Илузиите

оддалечуваат од реалноста и самосвесноста за автентичните потреби кои водат до вистинско задоволство, а се извор на непријатни емоции како страв, очај и вина кога не се реализираат поставените илузорни цели. Емоционалното здравје и способноста да се ужива во животот е во самосвесноста и способноста да се прифати реалноста а не да се бега од неа. Развој на самосвесноста е првиот чекор кој води до здрав и исполнет живот, но не е доволен. Следен чекор е развивање на емоционалната способност за самоизразување, зашто ако чувствата не се искажани тие се потиснуваат и личноста губи врска со себе. Потоа следи процес  кога личноста знае што чувствува во врска со себе и има способност да се изрази во склад со своите интереси, без страв да биде она што е ниту вина и срам за сопствените чувства. Овие три емоционални вештини се основна карактеристика на зрела личност и водат до самоприфаќање и слобода да се биде. Зрелата личност не ги фаворизира материјалните вредности над духовните, ниту пак ги негира како неважни, туку им ја дава

Реалната вредност

со свесност дека духовните вредности се подлабоки и посуштествени и имаат големо значење за среќен и здрав живот. Ваквиот став  води до активности кои ги унапредуваат добрите сензации на телото - љубов, убавина, вистина, слобода и достоинство. Овие вредности се поврзани со начинот на кој поединецот се доживува себе си и светот и водат до доживување на радоста како суштински аспект на живеењето. Негувањето на овие вредности овозможува животот да не биде сфатен како проблем кој треба да се решава туку како тајна, мистерија во која се ужива.

 

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________