Почетна --> Архива --> 313 --> ПОЈАВАТА И ПОДЕМОТ НА ЗЛАТНА ЗОРА
ПОЈАВАТА И ПОДЕМОТ НА ЗЛАТНА ЗОРА
Автор: Павле Филипов Воскопулос   

Рушвет-системот во грција има долга и длабока традиција: ако некој е член на владејачката или на моќна политичка партија, во замена за гласање на изборите може да се добие одредени привилегии, како што е вработување во јавниот сектор.

Во услови кога коруптивниот систем на партиско покровителство не може да се спроведува заради кризата, популистичката неонацистичка Златна Зора станува атрактивна алтернатива.

Малцинските групи и Македонците се стигматизирани, а демократски ориентираните грци се малцинство и се етикетирани како предавници.

 

Во последно време има многу дискусии и во грција и на пошироката меѓународна сцена, во врска со политичката партија која делува во грција под името Златна зора. Партијата го привлече вниманието со својата голема агресивност и особено со примена на брутална физичка сила врз економски имигранти во грција, особено во Атина. Навидум Златна зора е нов феномен кој се јави по неодамнешниот влез на партијата во грчкиот парламент - земајќи со околу 7% од избирачкото тело и 18 пратенички места. Првото нешто што треба да го споменам во однос на овој навидум нов феномен (велам "навидум", зашто партијата постои со децении), е дека идеологијата и практичната дејност на оваа нео-нацистичката партија не е фокусирана само против економски имигранти, туку и кон сите етнички, религиозни и социјални малцинства.

Зошто Златна зора стана толку успешна? Едноставниот одговор вели дека тоа е резултат на длабоката економска криза во грција. Меѓутоа, ако преземеме подлабоко испитување на параметрите на грчката национална култура, ќе најдеме докази кои укажуваат дека кризата не е доволна и не е единствената причина, туку таа лежи во

Гнилоста

на општественото ткиво.

Во голема мерка, грчките политичките партии и просечниот грк имаат слични погледи на свет и негуваат слични стереотипи. Овие перспективи се зајакнати во текот на последните неколку децении и денес тие агресивно се манифестираат преку Златна зора. Меѓу главните компоненти на грчкиот поглед на свет е верувањето дека "грчкиот народ е избран народ, посебен и различен другите затоа што денешните грци се потомци на славните грци од минатото кои живееле на оваа територија во последните 2500 години“.

Ова е основа за деструктивната идеологија која денес преовладува во грција. Слично како гранки кои излегуваат од стебло на одредено дрво, следниве меѓусебно поврзани тврдења се исто така значаен дел од грчката национална култура: "грците денес имаат славно минато, грција ја има наследено античката грчка култура; другите народи/нации не може да се сметаат за исто ниво како грција, во текот на последните неколку векови грција има многу непријатели - најопасните непријатели на грција се балканските народи, пред се Турција и дека сите овие странци не дозволуваат грчкиот народ да успее. Покрај тоа, во текот на последните неколку години, идејата дека Западот е најмногу виновен за економската криза во грција, стана доминантно мислење.

За жал, сето тоа е начинот на кој размислува просечниот грчки образуван граѓанин индоктриниран со

Анти-западна идеологија

и демонизиран поглед кон странците, перспектива која постои од самото формирањето на модерна грција. На овие сфаќања им беше додадена нова виталност за време на војната со која заврши југословенската федерација во 1990-тите. Конфликтот во поранешна Југославија им додаде гориво на анти-западните предрасуди кои се традиционално присутни во грчката национална идеологија. Тоа и беше и базата - грција, врз традиционалната христијанско-православната конекција, да покаже солидарност со Србија, односно Милошевиќ, Караџиќ и Младиќ, во однос на војната во Босна, а и во врска со појавата на независната македонска држава.

Исто така, во минатите две децении имаше релативна либерализација во мас-медиумите во грција. До 1989 имаше само државни медиуми. Во почетокот на `90-те се ослободи просторот и се формираа стотици локални, регионални и државни медиуми, телевизии, радио-станици, весници. Ваквиот медиумски хаос придонесе за ширење на

Идеолошки отров

опасен, а поврзан со гореспоменатата грчка национална идеологија.

Од своето формирање во 1980 година до неодамна, Златна зора речиси да немаше поддршка од грчката јавност. Причината е во тоа што Златна зора немаше што да им понуди на грчки граѓани, затоа што и сите други партии, помали и поголеми, нудеа слична програма. Постоечките партии им нудеа на грчките гласачи сличен тип на политика, со некои мали варијации.

Покрај тоа, во политичкиот живот на грција, една од главните карактеристики е постоењето на

Рушвет-систем

систем на "покровителство", кој има долга и длабока традиција. Особено, "покровителство" во овој контекст значи дека ако некој е член на владејачката или на моќна политичка партија, во замена за гласање за партија на изборите може да се добијат одредени привилегии, како што е вработување во јавниот сектор. Во овој поглед, Златна зора не можеше да се натпреварува со големите партии. Иако Златна зора имаше (и има)  анти-западна платформа, во суштина и другите партии го правеа истото. Токму поради тие причини оваа нео-нацистичка партија (организацијата стана политичка партија во 1990-тите) до скоро не добиваше голема поддршка од грчките граѓани.

Меѓутоа, во последните години грција се соочува со банкрот (според анализите на Виножито се работи за адаптиран банкрот), па рушвет-системот и

Партиското покровителство

не можеше да функционира, зашто државните ресурси се ограничени и исцрпени. Исто така, грчките медиуми почнаа засилено да промовираат демонизиран поглед кон меѓународната заедница, особено со редовно лансирање ирелевантни или неосновани напади против Европската унија и нејзините институции и кон Меѓународниот монетарен фонд, едноставно затоа што тие го принудуваат политичкиот естаблишмент на грција да имплементира некои неопходни структурни економски реформи, што од друга страна има негативно влијание врз системот на "покровителство". Во овој нов сет на околности многу грци почнаа да се чувствуваат загрозени, оттуѓени и на тој начин агресивноста на популистичката неонацистичка Златна Зора стана атрактивна алтернатива. Сепак, прилично скандалозно е дека во земја-членка на ЕУ и т. н. "земја - лулка на демократијата", на една нео-нацистичка партија и е дозволено официјално да постои, да има право да биде активна до степен да прави

Погром врз имигрантите

во Атина и во другите области. Однесувањето на оваа партија се толерира од страна на судските власти во грција, однесување кое Европа како целина многу добро го знае, со оглед на претходните искуства со гнасната идеологија на нацизмот и неговите ужасни практики.

Друг интересен факт кој треба да се земе предвид, е фактот дека главните партии во грција не направија ништо да ја забранат, иако сите сметаат дека е неопходно да се преземат некакви мерки. Наместо тоа, главните грчки политички партии се фокусираат на спречување и намалување на поддршката од гласачите на Златна зора на следните избори, без обид да се реформира нивниот догматски карактер од позиции на грчката национал-националистичка идеологија. Покрај тоа, лидерите на овие партии се обидуваат да стекнат поддршка од разни меѓународни актери за осуда на делувањето на Златна зора надвор од границите на грција, додека дома не преземаат никакви дејства против оваа партија. Со други зборови, тие се обидуваат да ја "исперат" сопствената идеологија преку Златна зора на сличен начин на кој гангстерите ги перат парите. Тие дозволуваат Златна Зора легално да постои во грчкото општество.

Ова е состојбата во грција денес. Деструктивна, анти-западна, анти-демократска идеологија преовладува во грчкото општество и политичкиот живот. Ние, Македонците во грција, постојано сме жртви на оваа идеологија. Ние се стремиме да бидеме конструктивни, со прозападни позиции. Со поддршка на мал број демократски ориентирани грци, се обидуваме да ја реформираме грчката национална идеологија. Нашата задача во никој случај не е лесна. За жал грција денес наликува на последните денови на Вајмарската Република во Германија во 1930-тите. Резултат на тоа е е подоцнежното проширување на нацистичката идеологија со стигматизација на малцинските групи, особено Евреи и Роми. Оние неколку демократски ориентирани Германци кои се заложија за правата на Евреите во тоа време, беа етикетирани како предавници. Денес во грција малцинските групи и Македонците се стигматизирани, додека демократски ориентираните грци се малцинство во грчкото општество и се исто така етикетирани како предавници.

Виножито и освестените Македонците во грција, секогаш, од принципиелни причини, ќе се стремат да постигнат вистинска демократска иднина.

 

(Авторот е член на Виножито,

македонска политичка партија која се бори за

правата на Македонците во грција.

Опремата на текстот е редакциска.)

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________