Почетна --> Архива --> 316 --> Морална храброст
Морална храброст
Автор: М-р Марија Котевска - Димовска   

Во победата не се понесувај, во загубата не се понижувај.

Храброто и достоинствено однесување е идеал што секоја личност сака да го постигне кај себе, а исто така високо го вреднува кај другите. Храброста не е отсуство на стравот, туку процена дека нешто е многу поважно од стравот. Храбра личност не бега од закани, тешкотии и болка, го говори она во што верува дури и кога мнозинството има спротивно мислење, се однесува во согласност со своите верувања дури и кога не се популарни.

Моралната храброст бара

 

Победа над стравот

Една мудра мисла вели - Во победата не се понесувај, во загубата не се понижувај. Оваа рамнотежа се препорачува доколку не сакаме да го изгубиме своето достоинство и авторитет. Животот не учи дека победата и поразот се две страни на иста медалја. Всушност, она што не дефинира е нашето однесување во ризични ситуации. Стравовите кои мора да ги совладаме можат да се различни - страв од губење на статус или позиција, од сиромаштија, од загуба на пријатели, од создавање непријатели, од загуба на угледот и др. Победата на стравот води до почит и самопочит, а потчинувањето на стравот не карактеризира пред себе и пред другите како кукавици. Но реалноста говори дека храброста е доблест која е многу полесно да се посака отколку да се постигне. Често ни се случува да бидеме сведоци на нечие покорно, лицемерно и понизно однесување и кон истото приоѓаме со осуда или презир. Но да не заборавиме дека и самите понекогаш се однесуваме на таков начин, иако можеби за себе ќе најдеме рационализации и олеснувања за таквото свое однесување. Како и да е,

Покорноста и послушноста

се однесувања кои се состравен дел од нашето секојдневие. Со цел да ги разбереме (а потоа надминеме) потребно е да се запознаеме со психолошката природа на овие феномени.

Тенденцијата за потчинување се огледува во однесување кое не е во склад со личните  принципи, норми и убедувања, а како последица на стравот од одреден  авторитет, институција или група и можни последици  доколку се истрае на сопствените ставови. Некои психолози сметаат дека во основата на подготвеноста за потчинување лежат вродени потреби. Тешко е да се прифати дека тенденцијата за потчинување постои како вродена потреба. Прифатено е дека тоа е последица на условите на живеење во подолг историски период. Потчинувањето и послушноста се манифестираат како форма на приспособување на условите во кои се живее. Станува збор за вид на однесување до кое дошло со долга навика. Низ долгите животни периоди со тешки услови во кои многу човекови потреби, па и опстанокот се обезбедувале  со прифаќање на барањата на моќни авторитети, кај луѓето се формира тенденција на однесување која ја карактеризира покорност и послушност. Во досегашните услови на живот имало премногу присила за покорување, а премалку поттик за развој на потребите за слобода и независност и чувство на лична одговорност.

Сепак овие објаснувања не ја оправдуваат лицемерноста и кукавичкото однесување. Во основа на нашата еволуција е тенденција кон развивање на  позитивни и виши емоции, како добрина, љубов, правдољубивост, искреност и чесност. А во основата на сите нив е храброста. Храброста е

Ретка доблест

која ја опишале многу големи личности. Ками рекол  дека човек кој не  е храбар не може да биде ни чесен, зошто за чесност се потребни жртви какви што кукавицата не умее да ги понесе,  а потребна е и широкоградост што не умее да ја разбере. Хенри Милер пак рекол дека човекот не може да открие нов океан ако нема храброст да го изгуби од вид брегот. Според Виктор Франкл и херојот и кукавицата еднакво се плашат и чувствуваат ист страв, само што херојот му се спротивставува и го претвора во жар.

 

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________