Почетна --> Архива --> 316 --> ЧИКМАК ПОЛИТИКА
ЧИКМАК ПОЛИТИКА
Автор: Симе Алушевски   

1. Политиката е најчесто употребуваниот збор, најпосакуваната професија и едновремено, најизвиканата. Во секој случај е - неизбежна. Што е всушност политика? Академските дефиниции велат дека е феномен во кој група луѓе донесуват одлуки, практикуват мерки, спроведуват активности, а во корист на  заедницата. Тоа подразбира соодветни договорени правила на игра и односи, организација, хиерархија, а подеталните објаснувања зафаќаат области како што се центри на моќ, лобирање, конкуренција и тн. 

 

2. Во Македонија се манифестира еден специфичен феномен: Колку помалку работа, толку повеќе политика. Можеби затоа кај нас политиката е позната само по нејзината вулгарна страна - како начин за задоволување на сопствените интереси: напредување во кариерата и богатење. Оттаму, жестокоста во спроведувањето на политиката, во наметнувањето на своите ставови и во пресметката со неистомислениците, стана главната одлика на македонската политика.

 

3, Оние кои себе си се сметаат за политичари или заборавиле, или пак воопшто ниту помислиле дека политиката подразбира активност во корист на општото добро, развојот и напредокот. Не! Најголемиот дел од нашите чикмак-политичари (вклучително и битолските) сметаат дека се „големи политичари“, ако некого (дури и сопартиец) надмудрат во  кадровските игри, ако успеат „да свршат работа“ за себе или за свој близок, ако сето тоа го прават заткулисно и крајно - ако цел ден акаат од кафич до кафич, демек имаат многу важна работа и средби со исти такви политичари.

 

4. Најлошото е што системот нив (иако се непродуктивни), несебично ги крми,  а од нив очекува  лојалност и поддршка заради сопствен опстанок. Единствената маана е што на долг рок таквиот систем не може да опстане, зашто произведува многу трошаџии, а малку производители. Да не длабиме натаму дека и тие малкумина производители се немотивирани, неефикасни, неконкурентни... Познатиот расипувач на забави, Карл Маркс одамна кажал дека базата на секое општество се материјалните односи и производството. Без тоа нема ни политика, ни политичари.

 

5. Заради каква-таква утеха, ќе го цитирам Џон Лок: “Владетелите ќе си владеат, владеаните ќе се бунтуваат или ќе се покоруваат, а сите заедно ќе умираат. Добрината нема да исчезне, а расипаноста нема да биде искоренета.“

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________