Почетна --> Архива --> 318 --> ОТРОВНО ПРИЈАТЕЛСТВО
ОТРОВНО ПРИЈАТЕЛСТВО
Автор: М-р Марија Котевска - Димовска   

Најголеми вредности се оние кои не можат да се пресвртат во своја спротивност. Доказот за ова тврдење е секаде околу нас, се што е вредно е вечно. Сонцето, водата, воздухот, мајчината љубов... највредните извори на нашето постоење се вредности кои немаат своја спротивност. Сонцето сите на грее со својата светлина и топлина, реките сите не напојуваат со своите бистри води. Мајките не негуваат со вечната мајчинска љубов. И вистинското пријателство е едно од тие вредности. Tоа никогаш не може да се преврти во своја спротивност. Колку што е ретка вистинската љубов, уште поретко е вистинското пријателство. Пријателството е љубов која не е заснована на физичка привлечност

Интерeс или занес

Тоа не е интимно пријателство кое постои меѓу љубовнa двојка. Со вистинскиот пријател сите проблеми изгледаат помали, а блискоста ја зголемува самодовербата, силата и отпорноста, па некои пријателството го нарекуваат психолошка вакцина. За жал, вистинското пријателство станува се поредок феномен. Сведоци сме на фактот дека многу наши љубови се претвориле во омраза, а пријателства во непријателства. Времето ни покажува дека тие релации, односно личностите со кои сме ги воспоставиле и немале некоја голема вредност. Вистинското пријателство е можно само тогаш кога сме

Искрени, автентични

одговорни и самосвесни. Ако е засновано на овие квалитети - тоа никогаш не може да се претвори во својата спротивност! Ваквите пријателства се најголемата вредност во животот. Блиските односи базирани на доверба се она што најмногу не збогатува. Најголема грешка во пријателството е што мислиме дека тоа вечно ќе трае и дека не треба да се трудиме околу пријателството. Но на пријателите треба да им се посветиме, да им дадеме време, да бидеме верни и да им помагаме. Ако некои релации не придонесуваат за подобар квалитет на живеење туку вознемируваат или унесреќуваат, треба да се прекинат. Човечноста и внимателноста се многу важни во сите меѓучовечки односи. Ако сме внимателни и човечно се однесуваме, ќе го сочуваме скоро секој однос. Многу пријателства страдаат од некултурно однесување. Погрешно е да мислиме дека кај пријателот може да се однесуваме како што сакаме и да речеме се што ќе ни падне на памет. Напротив, потребно е да знаеме да ги почитуваме туѓите навики, вредности и вкусови.

Но што е со лажните пријателства упатени кон нас? За едно пријателство велиме дека е лажно ако не е засновано на почитување или е со амбивалентни чувства. Важни се и мотивите заради кои се одржува пријателството. Ако е тоа за некој интерес за подобрување на сликата за себе, за освојување на надворешно признание, или одобрување - тоа не е пријателство. Многу е подобра

Искрена дистанца

изразена со почитување, отколку неискрено пријателство кое не ни е упатено нам, туку на егото на личноста која го изразува. Лажните пријателства се напорни, исцрпувачки, не пружаат потпора и често водат кон стрес и уривање на самодовербата. За да се спречи оваа непродуктивна релација, потребно е да се препознаат симптомите на односот. Здравото пријателство е урамнотежено, ги задоволува двете страни. Рамнотежата не мора да биде секогаш 50 - 50, но битно е да се задоволени емоционалните потреби и очекувања на двете страни. Во лажното пријателство се чувствувате како во затвор, заробено, искористени и безизлезно. Предавство, критизирање, озборување се знаци дека е подобро за двете страни тоа пријтелство да се замрзне. Пријателите на кои постојано треба да им удоволувате, предизвикуваат стрес и

Црпат енергија

Авторката на делото: „Кога пријателството боли“, д-р Џен Берман, лажните пријатели ги нарекува отровни. Некои пријатели се отровни од почетокот, а други тоа стануваат со текот на времето. Откако ќе се препознае отровниот однос, треба да се постават граници. Грижата за нас нека ни биде поважна од удоволувањето на отровниот пријател. Искрено и храбро предупредете го ако е незгоден, критичен, вели д-р Берман. Кога ќе го предупредиме пријателот на деструктивното однесување, и ако тоа не доведе до промени, време е за посериозен пристап, зашто основниот принцип на пријателството - врамнотежена потпора и приврзаност - е нарушен. Според д-р Берман постојат неколку „отровни“ типови на пријателства:

Кршач на ветувања - човек кој често ги изневерува своите ветувања веројатно и самиот бил разочаран во текот на растењето. Со таков човек треба да се намалат очекувањата, а пријателството да се дистанцира. Нарцис е пријател кој постојно зборува за себе си е љубител само на самиот себе и всушност бега од интимноста.

Предавник е негативен пријател кој злобно ве озборува, изневерува ветувања или одненадеж престанува да зборува со вас.

Дежурен критичар е човек кој постојано ве критикува. Потребно е да го опомените, а ако тоа не делува, треба емоционално да се оградите. Натпреварувач развива компетитивен однос, кој ако е претерано изразен, може да го уништи односот. Натпреварувачкиот карактер тешко се менува, затоа избегнувајте ситуации кои водат кон натпреварување.

Ошо вистинското пријателство го опишува како најчиста форма на љубов. Тоа е толку чисто, вели тој, што не може да се нарече цвет, туку цветен мирис кој може само да се доживее и почувствува. Вие чувствувате присутност, но не можете да ја дофатите, зашто тоа искуство е толку широко и големо, а вашите раце се толку мали. Егзистенцијалното искуство на вистинско пријателство има вкус на огромна убавина, милост, божественост и љубов.

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________