Почетна --> Архива --> 318 --> БЛАЖЕНИ СЕ ОНИЕ КОИ ВЕРУВААТ
БЛАЖЕНИ СЕ ОНИЕ КОИ ВЕРУВААТ
Автор: Симе Алушевски   

1. Пред нецели 2000 години се случил клучниот настан, темелот на христијанската доктрина, најголемото чудо што оттогаш фасцинира голем дел од светот - воскреснувањето на Исус. Е сеа, навистина, има и такви кои се до ден-денес не веруваат ни во тоа, ни во било кави други чуда, како на пр. во чудото дека и СДСМ може да воскресне. Оние пак кои веруваат дека може, се собрале на Бихаќка и организираат (контра) протести барајќи политички мртвиот Бранко да остане лидер на партијата. Забораваат дека за да воскресне, прво Пилат треба да го осуди, па да го распнат. И дури потоа да воскресне.

2. Група млади ентузијати, левичари по убедување, деновиве се обидуваат да го воскреснат духот на синдикализмот. Протестираа пред седиштетото на ССМ и останатите синдикални федерации кои обично го преспиваат Први мај, иако ситуацијата со работничките права е катастрофална. Најавија и класични Првомајски протести. Ќе се случи ли такво чудо? Јас повеќе верувам во чудото од пред 2000 години, отколку во синдикално воскреснување.

3. Прво и прво, не верувам дека синдикализмот ќе се разбуди, затоа што кај нас не само што нема развиена работничка свест, туку го нема основното - нема работници!

Второ и второ, не верувам ни дека СДСМ ќе воскресне, затоа што не само што немаат лидер, туку немаат ни социјал-демократска идеолошка матрица. Прост пример - нивните трибини се одржуваат во „Епинал“, место за господа, а не за работници. За најголемиот дел од раководството пак, многу-многу да не зборувам... однесување одредено од нивниот интерес, луксуз, бизниси... а не од принципи и убедување.

4. Да не се лажеме, капитализмот победи. Нему се му е подредено - и законодавната, и извршната, и судската власт, во глобални рамки. Класните разлики се зголемуваат и кај нас - мал број стануваат се побогати, а повеќето, се посиромашни. Идеални услови за развој на политички партии и движења со левичарски или левоцентристички профил. Ама, ни во вакви услови немаме ни левичарска партија, ни силни синдикати.

Една од причините за тоа се изменетите односи меѓу трудот и капиталот. Нивната интеракција на господар и слуга и натаму останува, но двете страни се разликуваат во мобилноста. Индустријата своевремено беше вкоренета и работниците можеа да ги бараат своите права со штрајкови и друг вид уцени. Капиталот во таков случај или ќе посегнеше по примена на груба полициска сила, или ќе ги зголемеше платите. Капиталот денес нема такви проблеми. Ако работниците се бунтуваат и бараат поголеми плати, капиталот може да се премести на друго место, каде што има поефтина работна сила и покооператина власт. Леснотијата на селење со која капиталот го плаши модерниот пролетаријат е феномен за кој работната сила се уште нема одговор. Така, работниците од развиените центри, заедно со синдикатите, се обидуваат да го задржат капиталот во својот двор, прифаќајќи понижувачки услови за работа. Оние кои се на периферија (како Балканот на пр.), сакаат да го привлечат истиот тој капитал со нудење на уште попонижувачки услови од типот на инфраструктруно гратис-уредени индустриски зони, нето-плати од 7.900 денари и сл.

5. Формулата за воскреснување на работништвото и левицата одамна (пред 141 година) ја напиша човекот (кој, патем кажано, не веруваше во воскреснување ни во Бога), Карл Маркс: Пролетери од сите земји, обединете се.

6. Блажени се оние кои не виделе, а веруваат...

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________