Почетна --> Архива --> 319 --> Заробени во младоста
Заробени во младоста
Автор: М-р Марија Котевска - Димовска   

Младоста асоцира на пролет, убавина, сила, слобода. Таа е прекрасна сама по себе и треба да ја сфатиме како преоден циклус на патот кон личната еволуција. Глорифицирањето на младоста може да прерасне во желба за вечна младост, што може да не претвори во инфантилни личности заробени во адолесценцијата. Убавината на младоста е токму во нејзината минливост. Секој обид да се остане во неа е илузија која води до искривување на реалноста. Колку и да е убава младоста, таа има свои специфики. Сетете се на

Состојбите на созревање

несигурност и изградба на критериуми за кои ни се потребни децении на учење низ грешки и патење. Младоста ја карактеризира емотивна незрелост во која љубовта се сфаќа како арена каде треба да се избориме за лична вредност, докажување на своите заводнички моќи и својата вредност. Сетете се на конфликтните состојби кога од една страна се трудиме да оставиме силен впечаток, а од друга страна да се презентираме како недостапни. Овие состојби делуваат симпатично, но само кога сме млади. Времето ни помага да ги надминеме тие состојби, па колку што сме постари, стануваме емоционално позрели. Тоа се рефлектира во сите сфери на функционирање, а особено во релациите со емотивниот партнер кој се заснова на реални критериуми темелени на кристално чист мотив за емоционално врзување и блискост, ослободен од потребата за докажување. Зрелоста овозможува да изградиме складен емотивен однос, без потреба за натпревар и меѓусебно повредување. Но, ако и во зрелите години веруваме дека нашите погрешни избори се случајни, тогаш нашето животно искуство го немало својот еволутивен ефект и потребно е да се соочиме со тој факт. Свесната и реална процена на минатите искуства на емотивен и социјален план се искуствен патоказ за идната патека по која треба да се движиме. Во спротивно, кога искуствените и инстиктивни филтри детектираат личност со проблематичен карактер, а ние се впуштиме во менување на таа

Инфантилна природа

се осудуваме на релација каде е неможно да се постигне стабилен однос. Доколку дискретно не се повлечеме, ние ќе бидеме сведоци дека инфантилната личност покрај нас не е необично откритие, туку наш грешен критериум кој е одговорен што појавните форми на несериозност и неодговорност ги толкуваме како минливи слабости кои се додаваат на привлечноста. И додека несериозноста е квалитативно променлива категорија која со силата на волјата може да се промени во позитивна насока, инфантилноста не е варијабилна. Таа е прогресивна категорија која го доживува својот врв низ временско искуство. Тешко е да се очекува дека незрела личност во поодминати години ќе ја доживее својата зрелост. Свесноста за непоправливоста на овој феномен е потребна за да се заштитиме од вакви грешки во проценката и избор на партнер, пријател, другар и сл. Неопходно е поголемо ниво на зрелост, за да се продре зад појавната страна на личноста и да се стигне до поважни форми каде се кријат квалитетите, исто како и слабостите на луѓето. Сепак, треба да сме свесни дека сите ние понекогаш се однесуваме незрело, особено во ситуации кои изобилуваат со емоции. На секоја личност може да и се случи да ја покаже својата незрела страна која ќе го диктира нејзиното однесување. Еден испад е вообичаен, но постојано однесување со незрели реакции, говори за ниско ниво на емоционална зрелост. За да ја процениме

Личната и туѓата зрелост

потребно е реално да ги утврдиме реакциите и однесувањата во специфични ситуации како што се соочување со неправда, поднесување критика, одбивање и сл. Зрело реагирање при неправда е афирмирање на личните права со емоционална самоконтрола, а незрело е навредено повлекување или бесно и агресивно однесување. Туѓата критика е исто така испит за зрелост. Инфантилното реагирање е огорченост проследена со бранење и негирање на причините за критика. Зрелоста помага да се надмине сопствената гордост и објективно да се преиспитаат критиките. Ако тие се неосновани, не треба да им се придава ни најмало значење. Ако пак се оправдани, треба да се прифати и признае грешката и да се побара аргументирано објаснување.

Како се прифаќа одбивањето? Кога на зрела личност ќе и изостане помош, таа треба да биде во состојба тоа да го направи сама, а одбивањето да го прифати зрело. За да можеме да изградиме еден исполнет и конструктивен животен стил, треба да ја прифатиме својата возраст и соодветно да се однесуваме.

Се во природата е

Хармонично и променливо

а секој обид да ја промениме таа хармонија и да се ставиме над природните закони може да биде фатална по нашата благосостојба. Мудрите го прифаќаат животот како најскапоцен подарок и се однесуваат со благодарност кон овој дар, откривајќи ја убавината во секој циклус од своето живеење. Ниту еден мудар човек никогаш не посакал да биде помлад. Сепак да не заборавиме дека можеме да ја сочуваме младоста во еден нејзин аспект – радоста. Радоста е вечната младост на духот.

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________