Почетна --> Архива --> 319 --> ТУЃИНАТА ПУСТА ДА ОСТАНЕ
ТУЃИНАТА ПУСТА ДА ОСТАНЕ
Автор: Марјан Вучковиќ   

Оној кој ќе замине последен нека ја изгасни струјата, оти и таа е поскапена.

На работа! На труд! Ама не дома, туку во - странција! Кој на брод, кој на кајче... сите си го барат чарето да фатат магла од ова земја, грутка напатена! Овј срам дури и владата го признава: одливот на работна сила (и мозоци) е наше секојдневие, а чаре - нема. Велат, каков му е светогледот на човека, таква му е  и душата. Светогледот на нашава младина што трча во туѓина за парче леб... пардон, за долар в џеб, е тој е огледало на нашето општество. Асли капиталистичко!

Затоа и младите заминуваат надвор, по доларите.  Но, се има своја генеза. Ова масовно бегство од татковината не е ново и непознато за нашата колективна биографија. Историјата наша (дури од антика, па навака) вели дека ние сме познати по печалбарскиот занает.

Прво Филип Втори

тргнал во туѓина, па втората генерација претставена со ликот и делото на Александар Македонски кој продолжил уште понатака во туѓината, на печалба, та спечалил и некое парче земја плус. Поновата историја вели дека нашите печалбари оделе во „таја туѓина пуста да остане“ – изворно кажано, по корка леб и нешто малку азно за кога ќе се вратат чорбаџии да се сторат и дерман да фати сиромаштијата. Нивните поколенија, демек нашите дедовци, вујковци, стриковци, заминале во поход за поубав живот преку океани и мориња. Некои отишле Америка, други во Австралија, ама отишле не за да се вратат, ами за таму да се дуздисат со пристоен живот.

Вака гледано, не е нешто чудно шо денес феноменот на потрага по подобар живот пак не навјана. Тоа е наша судбина. А богами, јасно се вели дека пред фактите и боговите молчат. Дел од оправдувањата за бегство од реалноста кај денешниве „печалбари“ е бегството од мизерија, бескорисност, неукост и ред други работи меѓу кои и безработицата често се спомнува. А безработица кај нас значи дека нема доволно слободни места во РЕК за сите да земаат релативно добра плата. Не е чудно што нема интерес за работа во Кромберг, оти кој е толку луд да работи за

Сто евра во Жабени

ако може да работи за четирипати повисока во РЕК?! Нема таков, нема и не ќе се роди, вели една наша песна, која, ај да спомнеме, им ја пееле на нашите печалбари, демек нема поубаво девојче од Македонче, или во превод - со среќа да си ојте и немој да ве лажи умо да не си дојте, да не најдите некоја таму и орман да ватите.

Тоа беше порано. Денес голем дел одат странство за да склучат брак и да ќарат државјанство, па - каков му бил к`сметот - таков! Порано било резил да ја оставиш жената со дробни дечиња сама во родната грутка, а ти печалбар да бркаш ќефој надвор. Денес не ќе да е така. Денес лесно си се се разведуваат за да се женат/мажат со некој/а си што професионално влегуваат во брак за пари, па потоа се разведуваат ама  со ново државјнство и оп, се преженува со истата жена од тука, ама се жени таму, за и таа да земе државјанство. Дали ова е за осуда или не, не може со сигурност да се каже, зашто од гените не се бега, а од сиромаштија и од беда се бега, по одредена цена, секако.

Само ќе кажам, вистина е дека најголем непријател на нашата вистина, се останатите наши вистини, како онаа што вели тој последен што ќе замине, нека ја изгасни струјата, оти и таа е поскапена.

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________