Почетна --> Архива --> 319 --> СТРЕЖЕВО ЈА ЗАПОЧНА СЕЗОНАТА ЗА НАВОДНУВАЊЕ
СТРЕЖЕВО ЈА ЗАПОЧНА СЕЗОНАТА ЗА НАВОДНУВАЊЕ
Автор: ЕГО Редакција   

Зголемен бројот на водокорисници и на површините пријавени за наводнување.

Мрежата наскоро ќе се прошири и на подрачјето од Далбеговци до Гнеотино, со што дополнителни 3.000 хектари земјоделско земјиште ќе добијат вода за наводнување.

Цели 105 милиони кубни метри вода од акумулацијата Стрежево оваа сезона се на располагање на земјоделието, индустријата и на граѓаните од регионот. ЈП „Стрежево“ кое стопанисува со хидро-системот ги направи неопходните подготовки да излезе во пресрет на барањата на земјоделците за наводнување, кое започна деновиве.

- Количините акумулирана вода за наводнување се доволни за претстојната летна сезона, но тоа не значи дека треба таа нерационално да се троши. Напротив, потребно е максимално внимание кон овој ресурс бидејќи метеоролошките услови се менуваат. За престојната сезона набавивме и

Нова механизација

која ќе овозможи максимално сервисирање на системот, за да нема никакви застои, а тековното одржување да биде квалитетно и брзо, вели директорот на ЈП „Стрежево“, д-р Љупчо Бошевски.

На прес-конференцијата минатата недела свикана по повод официјалниот почеток на сезоната за наводнување, Бошевски истакна дека бројот на водокорисниците и на површините кои се пријавени за наводнување, е зголемен. Цената по кубен метар изнесува 1 денар, исто како и минатата година, а наплатата е околу 95%.

- Зголемувањето на искористеноста на хидро-системот ја потврдува  успешноста на владините политики кои даваат резултат на терен, односно се зголемува бројот на лица што се занимаваат со земјоделство. Годинава се зголемени и површините кои ќе ги наводнува и ЗК „Пелагонија“, а очекуваме зголемување на потребите од наводнување и во индивидуалниот сектор со што ќе се зголеми бројот на досегашните 7.000 корисници, истакна Бошевски.

На прес-конференцијата учествуваше и претседателот на Сојузот на земјоделците на Македонија, Вељо Тантаров, кој посочи дека македонските земјоделци генерално се задоволни од услугите на сите водостопански организации во државата кои вршат наводнување на земјоделските површини.

- Сојузот на земјоделците на Македонија има свои претставници во управните одбори на сите водостопански претпријатија и тоа ни овозможува секогаш не само да бидеме информирани, туку и да учествуваме во предлагање на мерки и донесување одлуки, формирање на цени и сл. што значи дека се слуша

Гласот на земјоделците

Нашата соработка со ЈП „Стрежево“ е голема и заемна. Она што особено не радува е фактот дека наскоро хидросистемот ќе се прошири и на подрачјето од пелагониските села Далбеговци до Гнеотино, односно опфат од нови 3.000 хектари земјоделски површини кои ќе имаат достап до вода за наводнување, истакна Тантаров.

Исто така, веќе има најава за изградба на големи оранжерии во Пелагонија, што не би било возможно без постоењето на хидро-системот Стрежево. На земјоделците им е достапна и стручна помош од страна на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, чиј претставник на конференцијата истакна дека знаењето е незаобиколив фактор за постигнување на поголемо и поквалитетно производство.

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________