Почетна --> Архива --> 319 --> КУСОК ЛУЃЕ
КУСОК ЛУЃЕ
Автор: Симе Алушевски   

1. Не ми е јасно  зошто во Битола се уште се градат нови станбени згради и нови деловни простории, иако некои што важеа за „нови“ пред дваесеттина години, се уште зјаат празни. Такви вселени-недовселени и напуштени објекти има насекаде - во Пелагонка 2, во Шехеразада... низ Чаршијата многу дуќани се под катанец, во Новиот пазар многу никогаш и не проработиле. Накусо, имаме вишок станбен и деловен простор, или поточно - имаме кусок од луѓе!

2. Фактите зборуваат дека наталитетот опаѓа, а морталитетот расте. Расте и бројот на иселените. Официјалните статистики манипулираат со бројка од околу 230.000 македонски државјани кои во последниве дваесет години заминале во странство.

Битола веќе го нема оној човечки резервоар од селата, зашто тие или се веќе иселени во странство, или веќе дошле в град. Оние кои останале во селата најчесто се старци, или пак млади кои немаат намера да се преселат во Битола (ќе ги препознаете по калливите пневматици на нивните луксузни автомобили купени со владините субвенции).

3. Владиката Петар неодамна се обиде да пласира еден изветвен рецепт за одржување на нацијата, проповедаќи дека жената треба да му биде потчинета на мажот и нормално, да седи дома чекајќи го штркот да носи деца, а таа да ги гледа, храни, чисти, пере, готви... Потоа, децата, затоа што се многу, ќе нижат тутун, ќе пасат крави, ќе земаат субвенции, ќе работат во индустриските зони и ќе купуваат станови.

Немој бе!

Убеден сум и тврдам - денес во оваа земја никој не може да живее од својот труд, од своето знаење и способност! Дека е така - прашајте ги оние 230.000 некогашни наши комшии кои фатиле вид-виделина од државава. И, убеден сум дека не е проблемот во непотчинетоста на жената и аздисаноста на денешните девојки и жени, туку во системот кој направи длабоко поделено општество по мал милион параметри! Ако тој беше во ред, штрковите сами ќе доаѓаа, ќе имаше и кој да работи и кој да гради и за кого да гради.

4. На моето чудење од почетокот на текстов си давам некој вид логичен одговор дека во објекти инвестираат оние кои имаат вишок лесно заработени пари, а немаат идеја како попаметно да ги потрошат. Тие градат за исти такви луѓе кои имаат, исто така, вишок лесно заработени пари.

Луѓето пак кои имаат тешко (а не со бизнис-далавери) заработени пари - или ги немаат доволно да купат стан или деловен простор, или пак барајќи си го чарето заминуваат во странство, каде што ќе можат да живеат од својот труд, а не од партискиот ангажман.

5. Ако продолжиме со овој тренд (а не гледам дека нешто се менува), за кусо време во Македонија ќе останат само со оние кои имаат многу.

Е тогаш, самите тие ќе се прашуваат - чуму им е сето тоа? Не ќе има ни кому да продаваат, ни кому да дадат.

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________