Почетна --> Архива --> 332 --> Демократија за почетници
Демократија за почетници
Автор: ЕГО Редакција   

Демократија за почетници

1. Веќе видено: Ми здосади да победува една те иста партија, едни те исти да губат, а најмногу - едни те исти да не излегуваат на избори. Уште повеќе што неизлегувачите се најбројната (а)политичка групација во однос на сите останати, вклучувајќи ја и победничката коалиција!

Се вели дека при демократски избори гласачот треба да се определи за најдобрите, за оние кои ги застапуваат неговите ставови и интересите на целото општество, Демек, изборите се процес во кој гласачот се определува за оние кои се добри, чесни, паметни, убави, мудри, емоционално стабилни, полни со доблести, без пороци... При недостаток на такви квалитети кај понудените кандидати, ликува логиката дека е подобро да не се излегува на избори, отколку да се даде гласот за погрешни луѓе. Зашто, ако демократијата подразбира гласање за најдобрите, а најдобрите ги нема како избор, тогаш подобро е да се остане дома и да не се гласа. Но со тоа се урива целата смисла на демократијата.

2. Демократијата не е измислена како некаков пандан за избор на мис, туку како потреба за мирна смена на власта, без да се вадат гилотините од визба. При тоа не е важно каков кандидат ќе седне на тронот, туку побитно е сето тоа да мине без колежи, клади и бесилки.

 

Плус, секој властодржец кој барем и малку ќе пушти корења, неизбежно ќе се омрси, така што демократската смена на власта му дава шанса да се брани со демократски средства во стилот - па луѓе сме, ќе се договориме. Накусо, демократијата е начин за мирно менување на деспотите, а не модел од семинарска работа на правен факултет на некој утопист. Нејзината поента не е избор на најдобрите, туку менување на власта без потреба да се испотепаат елитите, а со нив и остатокот од народот.

Алоо, денес е 21 век! Кај сме ние? Во времето на Самоил се знаеше - секој стоти гледа. Денес се ќораво!

3. Крдото негласачи од околу 30% што редовно апстинира од изборите е непартиско. Тоа значи дека не е слепо и полтронски врзано ни кон партија, ни кон лидер. Тоа значи дека тие се сила која може да ја казнува власта за грешките. Тоа значи, дека само со нивно излегување на избори демократијата ќе почне да функционира и да ја добие вистинската смисла.

Зошто не излегуваат на гласање? Еден таков апстинент ми вели: „Вклучувам телевизор - ВМРО; Одам по улица - ВМРО; Пуштам ФБ - ВМРО; Пуштам твитер - ВМРО; Отворам фрижидер... Фала богу - таму нема ништо!“. Значи, и покрај празниот фрижидер, сепак останува дома!

Како и да е, во македонскава демократија сите овци ни се на број... ни фалат луѓе!

4. Со изборите народот треба да реши кој ќе управува со државните пари, колкави ќе бидат даноците, од какви учебници ќе учат децата, колку ќе поскапи струјата. Не се избираат ни папа, ни татко на нацијата, ниту спасители, ниту дали ќе одиме во Рајот или Пеколот. Но уште во неделата вечерта чувме дека „државата е во сигурни раце“, а губитниците пак, изјавија дека не ги признаваат изборите.

И, што ни останува?

Да посегнеме по стапови, ками и пушки-пиштоли?

5. На следниот тон ќе биде точно... Се зезам беее... предоцна ќе биде!

 

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________