Почетна --> Архива --> 344 --> МАЈСКА РЕПУБЛИКА
МАЈСКА РЕПУБЛИКА
Автор: ЕГО Редакција   

1. До овој мај, ние, граѓаните на Македонија живеевме во третата Република. Зошто трета? Па, првата беше онаа од 1944 до 1991, втората почна со стекнувањето на сувереност и независност` и траеше до конфликтот во 2001, а третата со Рамковниот договор, се` до овој мај. Е, во овој мај исферментира цело она незадоволство, цел оној таложен гнев и разочараност, страв и немир. Исферментира во МАЈСКА РЕПУБЛИКА, четврта по ред. Исферментира во граѓанска револуција пред се`на свеста - за тоа кои сме, каде сме, што сме?

2. А пред се`, сме - луѓе! Различни, но еднакви! Е, во тоа е финтата. Естаблишментот не не` сметаше за луѓе, а уште помалку за еднакви. Математиката, колку и да сакаат да ја промовираат на најлошиот можен начин, правејќи ја одбивна, го нуди решението. За да се стави знакот = од двете страни мора да има исти величини. Овие големите математичари (посебно добри за пресметка на проценти) добија „1“ од народот. На погрешно место го ставаат знакот на еднаквост. Како може да бидеш ти, драг читателу, еднаков со некој член на партија, а посебно со некој „виден член“? Како може најлошите, последните во генерациите да бидат „првенци“? Тука нема еднаквост... и затоа е - Мајската Република!

3. Надеж?

Секако! Надеж се оние кои требаше да ги учиме, а кои и нас не` научија. Студентите и средношколците кои пред се` се луѓе, а не партиски послушници. Неоптоварени од она што може да го загубат во ова потрошувачко општество, често базирано на лажни. наметнати потреби - го кренаа својот глас. Немаат што да изгубат. Во тоа е нивната сила! А мотивот? Во тоа што би ја изгубиле иднината, би се изгубиле како луѓе, индивидуи, доколку ги стават во јарем партиократите.

4. Секоја држава во својата историја минува низ свои премрежја. Французите денес живееат во нивната петта република, а ние, до овој мај, во нашата трета (Крушевската, иако значаен, ја сметам само за обид). Иронијата е во тоа што лидерот на третата република форсирајќи барок, толку многу карактеристичен за Франција, не` приближи до неа. Не приближи и математички (4 е претходник на 5, а следбеник на 3), но не приближи и кон начинот на размислување (европски, граѓански, човечки). Затоа тој падна - ја напиша сметката,  ама штетата сите ќе ја плаќаме. Оптимистите велат ќе ја плаќаат и нашите деца, а песимистите, нашите правнуци. Како и да е... слободата нема цена!

5. Третата република, или онаа на Груевски, не постои повеќе! Ја урна младоста, иднината на оваа наша земја. Можеби некои од ДПМНЕ не се свесни за тоа, ама отрезнувањето од овој привид досега, од ова Потемкиново село, ќе биде мачно.

Што треба да се прави? Мора да се постават темелите на идната Европска Македонија, базирана на принципите на компетентност и стручност, принципите на чесност и одговорност, посветеност кон граѓаните и граѓанското општество! Да сме сите еднакви во своите нееднаквости, но и да сме сите еднакви пред законот. Да го приближиме правото до правдата, да ги одбереме најдобрите меѓу нас кои со радост би ни служеле.

 

Да живее Мајската Република, да живее Република Македонија!

А.Железни

 
 
Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________