
Во архивското депо со декласифицирани документи на ЦИА, се наоѓа и еден интересен документ од 5 јуни 1947 година насловен како „Македонија и Балканската федерација“. Во него пишува дека Бугарската комунистичка партија се согласила да го даде пиринскиот регион на Македонија, ако лидер на новата Балканска федерација биде Ѓорги Димитров, а не Јосип Броз Тито. Политбирото на БКП во 1947 година било подготвено на Македонија да му го отстапи пиринскиот регион како дел од решенијата за балканските проблеми. Како отстапка за ова, Бугарија сакала да добие излез на Егејско Море, Пакетот предвидувал Македонија да го добие Солун, а лидерот на бугарските комунисти, Македонецот Ѓорги Димитров да ја води идната балканска федерација. Во документот се споменува и Стела Благоева, која во Москва требало го презентира овој предлог. Тука се и имињата на македонските дејци во Софија, Христо Калајџиев и Владимир Поптомов, претставници на политбирото на БКП, кои имале специјални одговорности во врска со прашањето за Балканската федерација. Се споменува и некаква тајна средба на Кајмакчалан меѓу Никос Захаријадис, водач на грчките комунисти во тоа време, со лидерот на албанските комунисти.
Во 1947 Пиринска Македонија добива автономија, како прв чекор кон присоединувањето кон Народна Република Македонија. Меѓутоа, глобалната политичка сцена се менува, се случува
Судирот меѓу Тито и Сталин
така што Пиринска Македонија станува монета за поткусурување. Нациналистичките елементи во бугарската комунистичка партија ја користат оваа ситуација, па повикувајќи го СССР на помош против евентуалната „титоистичка зараза“ која би можела да се прошири и во Бугарија, ја уништуваат идејата за македонското државно обединување. Бугарија тогаш се согласува на доброволна окупација од советските разузнавачки и воени капацитети, само да ја задржи Пиринска Македонија, што му одговарало и на Сталин во тој момент, за да ја ослабне позицијата на Тито.
Октомври 1949, пристаништето во Варна. Од патничкиот брод на СССР „Русија“ слегуваат неколку стотини патници, сите со огромни куфери и полека исчезнуваат во ноќта. Веќе следното утро низ софиските улици се појавуваат некои чудни лица, со широки паларии и палта со двојно запетлување. Се движат по двајца, оставајќи впечаток дека се на прошетка. Речиси незабележливо, силните момци со рутинирани движења допираат нешто што се обидуваат да го скријат под мишките…
Во архивата на Вториот моторизиран стелачки полк од дивизијата наречена според основачот на КГБ, Феликс Џержински, се чува куса белешка за тајна операција за чии детали и ден-денес малку се знае. Во неа лаконски е запишано: „Од 18 октомври 1949 г. до 14 јануари 1950 г. персоналниот состав на полкот (668 лица), војници, подофицери, офицери и разузнавачки кадар, под раководство на командирот И. Ј. Каменев, беше на терен во исполнување на специјална задача“. Белешката се однесува токму за тие таинствени момци кои се симнаа од советскиот брод. Детали за тајната безбедносно-разузнавачка акција на
Џержинците
раскажува учесникот во операцијата, ветеранот од најстарото јадро на дивизијата, резервниот потполковник Никанор Перевалов. Во текот на 1949 тој е потпоручник и штапски офицер за врски на Вториот моторизиран стелачки полк „Џержински“.
– Беше тоа некаде кон средината на октомври 1949 година. Полкот беше распореден да обезбедува фудбалски меч на стадионот „Динамо“. Добивме итен повик – сите офицери веднаш да се јават на вонреден состанок во кабинетот на командирот Иван Јосифович Каменев. Тој кажа дека добил наредба полкот итно да замине на терен заради исполнување на специјална операција.
– На нашиот полк му е доверена специјална тајна мисија која мора да ја исполниме, прозвучи во мртвата тишина гласот на полковникот Каменев – вели Перевалов – треба да спроведеме задача во странство, доверена од Министерството за државна безбедност. Ве предупредувам дека ова е државна тајна од особена важност и не смее да се знае за неа!
Само два дена им биле дадени за подготовки. Наредбите на командирот биле војнички куси и прецизни. Следниот ден целиот состав на полкот бил однесен на вонреден медицински систематски преглед, при што посебно се обрнало внимание на тетоважите! Оние со тетоважи и со послаба физичка градба биле отстранети! Оние кои го поминале прегледот, добиле цивилна облека и им било наредено меѓу себе да не се обраќаат според офицерските чинови, туку само по личните имиња. Тоа се покажало исклучително тешко, затоа што навиките да се обраќаат со „другар потпоручник“, „другар капетан“ и сл. биле длабоко вкоренети во оваа воено-разузнавачка групација. Тоа било резултат на стекнатите искуства низ бројните воени курсеви на Вториот стелачки баталјон и школите за разузнавање кои претходно ги посетувале.
– Во тоа време полкот се наоѓаше во старите касарни во московскиот реон Лефортово, вели потполковникот Перевалов. – Денес на тоа место се наоѓа комплекс од згради на Главниот штаб на армијата.
Следниот ден, веднаш по појадокот, почнале да пристигнуваат затворени возила. Посебно определени војници, без многу разговор, почнале да растовараат контејнер по контејнер. Другиот ден, сите одбрани за специјалната задача биле испратени во складот за облека и униформи. Со доза на вчудоневиденост војниците ја смениле униформата со цивилна облека, која претходно била доставена со контејнерите. Офицерите и подофицерите добиле убави костуми, сакоа, вратоврски, кожни чизми, палта, паларии, чорапи и квалитетна долна облека. На сите им биле дадени малку поголеми палта. Облеките биле во неколу модели и бои. Потоа им дале инструкции како се врзуваат вратоврските, како да се практикува необрзувачки, ноншалантен стил при носењето на цивилната облека и особено на палариите. Заради запазување на конспиративноста строго било забрането да се пишуваат писма и да се зборува за престојната мисија. Имало и кус тренинг за ракување со автоматско оружје. Потоа, џержинците добиле куфери со различна големина, оружје и муниција. Офицерите добиле ТТ-пиштоли (Тетеец, воен пиштол на Црвената армија, конструиран од Фјодор Токарев), а подофицерите и војниците автоматски пиштоли, лесни автомати и поголеми автоматски пушки од типот Дјагтерев. Сите добиле и рачни гранати. Оружјето и муницијата биле спакувани заедно со пакети со суви оброци, тоалетни потрепштини и резервна долна облека. Тогаш сфатиле дека комотните палта биле наменети заради криење на оружето под нив. Биле донесени и уреди за радио-врски, оружје во полурасклопена форма, па дури и лесни, малокалибарни минофрлачи и мини.
Спец-групацијата на маскираните до непрепознатливост, била раководена од полковникот Каменев, учесник во советско-финската војна, учесник на Западниот фронт против армиите на нацистичка Германија, против паравојските од северен Кафказ и националистите од западна Украина.
Доцна вечерта на 18 октомври, џержинците стигнале до киевската железничка станица, но без да запира возот продолжил до Одеса. Оттаму, се качиле на бродот „Русија“.
Следниот ден војниците и офицерите го минале спокојно, а недалеку од бродот забележале две подморници кои цело време ги следеле. Квечерината „Русија“ го спуштила сидрото во варненското пристаниште. Станало јасно дека крајната цел на мисијата е Бугарија…
На 2 јули умира Ѓорѓи Димитров, големиот поборник на
Неостварената Балканска федерација
Комунистичката партија на Бугарија останува без лидер, а бугарската влада оценувајќи дека може да ја изгуби власта, бара помош од СССР. Во страв од масовни и оружени безредија против комунистичкиот режим, Бугарија се обраќа кон братскиот Советски сојуз, кој испраќа свои разузнавачки и свои оружени војски.
Следниот ден, чудните патници на „Русија“ од Варна се качуваат на теснолиниски воз, кој подоцна запира на некакво пусто место. Војниците и офицерите се сместуваат во неколку објекти и веднаш поставуваат свои стражари, облечени во – униформи на бугарската армија! Следниот ден Каменев ги свикува офицерите на состанок, каде им ја објаснува мисијата, дека се повикани од бугарската влада да помогнат во обезбедување на стабилноста на државата. Началникот за операции на Министерството за државна безбедност на СССР, генерал-мајорот Бровкин, им ги поставил следните задачи: Да се обезбедуваат зградите на ЦК на Бугарската ком-партија, Народното собрание, Владата, амбасадата на СССР, владините резиденции, затворите и другите безбедносно чувствителни објекти. Во некои се распоредени внатрешни стражи, на други места има прикриени надворешни позиции и патроли. Сите офицери добиле лични документи потпишани од министерот за внатрешни работи на Бугарија, без фотографија, на бугарски јазик и со бугарски имиња и презимиња, на кои пишувало: „Се дозволува непречено движење во сите државни институции. Категорично се забранува да се бараат други лични документи, со кои се потврдува идентитетот“. На пр. еден од џержинците, Никанор Петрович, има документ на кој е ставен неговиот оперативен псевдоним „Јорданов“.
Најважно било стражарењето на Централниот софиски затвор, каде темнувале политичките затвореници. Навечер советски стражари ги менувале бугарските стражари, се` до утрото, заземајќи одбранбена позиција на полукатот. На прозорците се поставувало автоматско оружје за да се пресретне евентуален напад врз затворот.
Добро чуван објект е и зградата на ЦК на БКП. Секоја вечер автомобили со затемнети стакла довезуваат поголема група оружени „цивилни лица“, кои заземаат позиции на сите катови. Во некои кабинети се поставуваат цели митралески гнезда. Навечер пак, низ софиските улици патролираат двојки. Оружјето го кријат под десната пазува во футрола на краток ремен, со цевката свртена надолу. Забранети им се контакти со минувачите. Заради конспирација и незабележливост, војниците добиваат и мала сума бугарски левови, за да купат весник и да создадат впечаток дека читаат.
Под силно обезбедување се и владините резиденции, особено на новиот генерален секретар на БКП, Велко Червенков. На дабјето покрај неговата вила се поставени огнени точки, митролески гнезда и позиции за минофрлачи. Во домот на партискиот лидер има постојана стража. За таа ситуација знае само еден бугарски офицер од владиното обезбедување.
Во текот на тајната мисија на дивизијата „Џержински“ во Софија, бугарските безбедносни сили оцениле дека ослабената опозиција не се осмелува да преземе никакви дејства, па така, веќе во јануари 1950 година, мисијата завршува. Во меѓувреме, со советска помош и под покритие за зачувување на комунистичкиот режим, прашањето за Пиринска Македонија Бугарија го става под тепих.