Битолцизми

 

ДАНДАЛО МИ ГО ЗЕДЕ ТОЈ ЕДЕПСУЗО, ДА БИ НА ПАПАФИНГО ДА ОЈ, НА СМЕНДЕР ДА СЕ ВРАТИ!

 

Пишува: Златко Самарџиев – Кекел

 Здраво убај љуѓе на планетава Земја, честитки до земјата шо не` крепи вакви какви шо сне! Битолцизми ти се зборој шо се користат само во Битола. Добро де, можи не само и само во Битола, ама само битолчани можат да ги разберат како шо треба… и не треба.

 

Дандал. Е сеа, како да ви објаснам?! Дандал е дандал. Можи сите да зборат за дандал, ама никој не видел како изгледа, како мириса, колку тежи, шо боја е… То ти е нешто шо чоек го има или го нема. Уствари, секој го има, ама на некој можи да му е земен. На пример, ојш по темници и ти претрчва пес од зад тебе без да го сетиш и зато шо ќесуплашиш, ќе ти се земи дандало. Или слегваш од Пелистер од скијање и зато шо пато не е чистен од снего, колата ќе ти зализга и… И шо и… па нормално дека ќе ти се земи дандало! Играш бељот, пред излегвање си уште триесе бројки, а противнико (некој едепсус), ти вели дека има четири џандари. Ако ти прај мајтап или ти кеси, ќе му речиш: „Мрш бе, едепсус еден! Дандало ми го зеде!“ Демек „ме уплаши“.

Едепсус. Бесрамник, безобразник.

Смендер. „Кога? Знајш кога? На СМЕНДЕР, ете тогаш!“ Означува нешто како на Свети Никогаш или на Свети Терминатор Зимски. На пример Менде му вели на Цане дека комшијата престанал да пие. А Цане му одговара: „Знајш кога ќе престани да пија? Знајш? На смендер ќе престани, ете тогаш!“

Постои и друго користење на смендер, како локација, географски поим. Означува некаде таму кај што не постои. Ај шо не постој туку е ногу далеку. Како за некаде или никаде.

Можи и како комичен коментар. На пример: „Мице, але знајш кај ојде Благето?“ Мица одговара: „На Смендер ојде?“ „Не ле па ти, каква си, само за мајтап. Скопје кај ќерка му ојде“. Или кога синот бара пари од татко му за да ој на одмор, а таткото одговара:  „Шо? На одмор дојш? Прво на смендер па на одмор, ете така да си знајш“.

Папафинго. Означува нешто што е ептен фкрај ногу високо. Можи да е видливо, ама тешко достижно. На пример мајка ми ќе ме прашаше: „Златко, ги кладе теглите со маџуно во шпајзо?“ Јас: „Да, сабајлето, ој види“. Оди мајка ми во шпајзо и ја слушам таму со прашално: „АЛЕ?“ И знам дека ќе дој кај мене в соба. Се` уште нестигната до мене одејќи во стано вика: „Кај ги кладе море Златко, кај ги кладеее. На папафинго ги кладе! Кој ќе ги стигни ко ќе не си дома, а?“ Демек ногу високо сум ги клал. „А кај да ги клам мајка ми, само таму имаше место!“ Битолчани папафинго можи и метафизички да го користат: „Не мојш ти неа да ја фатиш, та е папафинго за тебе!“, ќе му речат другарите на некој копук шо се занесва за некоја женска од големото добрутро. Инаку, „папафиго“ панмарински јазик (јазик наморнарите од Медитеранот) ја означува највисоката точка на највисокиот јарбол на бродот. На албански било таван.