Заради воденичарството, а во водениците познато е отсекогаш се настанувале вампири, во Брусник почесто навраќале вампири.
Еден од полошите според се уште свежото сеќавање, се појавил во 1932 година. Не се знае дали бил свампирен брусничанец или бил гостин од друго место.
Се појавил првин во Горна Маала. Започнал со поединечно фрлање камења и лепешки по покривите и прозорците од куќите, а потоа се осмелил и завлегувал и во домовите, по катовите, каде ги преврќал и ги растурал, тешко газејќи и крцкајќи по душемето, тенџерињата, кошевите и др.
Завлегувал и во пондилите, сениците и во другите помошни простории. За тоа време не само луѓето, ами и животните, коњите, кравите, дури и кучињата престрашено се притајувале. Родителите рано ги прибирале децата, а овие веднаш се покривале преку глава со тешките покривачи, скоро не дишејќи. Никој не излегувал надвор дури и кога имал најголема потреба.
Набргу од Горна Маала се преселил во Сопо-Маала, а и во преостанатите две, не заборавајќи притоа повремено да ги потсети и горномалци на своето присуство.
Исплашените и од слаб сон испиени и недоволно исхранети, брусничани раните утра ги пропуштале за редовна работа зашто ги заменувале со продолжителен сон, за кое време кравите и другиот добиток вознемирено се огласувал.
Кога на крајот се оцени дека ваквиот живот станал неиздржлив и дека за него мора да се бара решение брусничани се одлучиле донесат еден прочуен вампирџија од некое кичевско село. За цена од 3.000 динари (5-6 просечни службенички плати) тој се нафатил.
Во Брусник отседнал во куќата каде што вампирот почесто се јавувал. Уште истата вечер со пушката што ја донесол излегол да го гони. Меѓутоа за непендек вампирот не се појавил. Не се појавил ни следната, ни третата вечер. И кога сите помислиле дека се исплашил и го напуштил селото, четвртата вечер во Долна Маала продолжил да тероризира. Од таму се појавил и на средсело и на другите места.Вампирџијата на еден крај, вампирот се појавувал во другиот! Таа игра траела речиси цела недела и за тоа време вампирџијата за да добие сила (кувет) барал да му се печат црни кокошки.
Завршницата се случила во Горна Маала. Таа вечер меѓу него и вампирџијата имало долга борба, гмечење, грофтање, прпелкање додека на крајот не се чул пукот. Испотениот и извалкан вампирџија соопштил дека го убил вампирот. И навистина утрото на местото на борбата била најдена локва крв.
Оттогаш престанале вознемирувањата и животот продолжил да тече.
Десет години подоцна се појавил уште еден вампир. За него се знае дека не бил од Брусник туку бил донесен од воденицата што се наоѓала кај Горно Дулие, во која работел брусничанец – воденичар. Откако вампирот исчезнал од воденицата тој се досетил дека за време доаѓањето дома една вечер неговиот коњ збивал со пот. По тоа заклучил дека така го довел вампирот во своето село.
За разлика од претходниот овој не само што ги вознемирувал жителите ами „ги налегнувал жените“.
Од селото исчезнал без ангажман на вампирџија.
(Од книгата „Брусник“ од Александар Стерјовски)