Вистинскиот шпион кој денес е попопуларен дури и од фиктивниот Џемс Бонд, Владимир Путин, додека го печел занаетот во школата за разузнавање го имал користел псевдонимот „Платов“. Стапувајќи на служба во отсекот за надворешно разузнавање, за интересите на државата работел од 1975 до 1991 година во Дрезден, Источна Германија, трет најголем град во Германската Демократска Република, со население од околу 500.000, значајно место за советската политика, во кое имало голема концентрација на шпиони. Не постои официјална верзија за тоа што точно Путин правел таму, ниту пак постои конкретна информација за тоа за кој директорат на КГБ работел. Една веројатност е дека тој бил дел од
Операцијата Зрак
односно дека бил таму да краде технолошки тајни. Други велат дека иако тој бил дел од операцијата, мисијата воопшто не била да се крадат службени тајни, туку да се држат за узда германските шпиони од братската служба Штази, односно дека имал скриена мисија за регрутација на членови од источногерманската комунистичка партија и од тајната полиција.
Со оглед на тоа дека Путин во Дрезден службувал од 1985-1989, веројатно цел на советското разузнавање било да обезбеди поддршка за реформите во СССР (Перестројката). Некои извори сугерираат дека КГБ биле фокусирани на регрутирање жители на Источна Германија кои имале роднини во Западна Германија, па дури дека и самиот Путин патувал под таен идентитет во Западна Германија.
Најверојатниот одговор за тоа која навистина била мисијата на Путин во Дрезден, од сите овие наведени причини, би била: сите! Јасно е дека КГБ крадела технолошки тајни секаде каде што можела. Ако некои од нив биле најдени во Дрезден, можеме да бидеме сигурни дека Путин и неговите колеги ја завршиле својата задача. За тоа дали намамувал, компромитирал или регрутирал германци, или луѓе со врски со Западот, исто така има одговор: и ова била една од основните задачи на сите агенти на тајната служба.
Во втората половина на `80-те години Источна Германија се распаѓала одвнатре. Дрезден бил еден од центрите на опозицијата во рамките на Германската комунистичка партија, претставувана од Ханс Модроу, лидер на огранокот на партијата во Дрезден. Истовремено, во СССР се одвивала Перестројката, така што централата на КГБ во Москва, веројатно не се занимавала премногу со тоа што се случува во Источна Германија.
Во Дрезден Путин бил доволно близу за да ги набљудува активностите на источногерманската опозиција од прва рака, исто како што неговиот шеф, Андропов, своевремено ја набљудувал унгарската опозиција во средината на 50-тите.
Владимир Путин, идниот претседател на Русија, минал пет години во Дрезден. Ама, разузнавач никогаш не може да биде поранешен, а Владимир Путин, по сè изгледа, е жив пример дека тоа е вистина.
Бил прилично млад (33) кога раководството на КГБ го испратило во Источна Германија. Тогаш веќе бил оженет со (поранешната сопруга) Људмила и имале едно дете – ќерката Марија (помладата ќерка Екатерина е родена во Дрезден 1986 година).
По завршувањето на обуката во Академијата за надворешна разузнавачка служба во Москва Путин можел да избира (со оглед на тоа дека зборувал германски) дали ќе почека неколку години за да го испратат во Западна Германија, или веднаш ќе замине во Источна Германија. Тој ја избрал втората опција.
КГБ биле заинтересирани за собирање на сите информации поврзани за стратешкиот противник, НАТО. За својата работа Путин вели дека била прилично рутинска и ги наведува своите тогашни активности: Регрутирање информатори, собирање податоци и нивно проследување во Москва.
Во интервју за државната телевизија „Росија 24“ во 2017 година Путин рече дека целата негова работа во надворешната разузнавачка служба била тесно поврзана со илегалните, односно тајните агенти. Со оглед на тоа дека Путин бил
Легален агент на КГБ
тоа значи дека тој комуницирал со илегалните резиденти и им помагал да останат во врска со централата.
Периодот поминат во Германија му останал во убаво сеќавање и не ги заборавил своите стари колеги. Во 2017 година го посетил својот поранешен шеф, Лазар Мојсеев, некогашен претставник на КГБ во Службата за државна безбедност на Источна Германија и му го честитал 90-от роденден.
Тогашната сопруга на Путин, Људмила, има кажано дека нивното семејство било воодушевено од германската чистотија и организираност. Путин пак, вели дека во Германија качил 12 килограми благодарение на германското пиво. Путинови организирале семејни ручеци на кои ги повикувале колегите на Владимир Владимирович, и Руси и Германци.
Не живееле луксузно, Успеале само да заштедат за автомобил кој во социјалистичките земји во тоа време бил реткост. Људмила (жена ко жена…) кажала дека агентите на Штази имале поголеми плати од агентите на КГБ.
Но, Штази помина лошо во 1989 година кога падна Берлинскиот ѕид и кога започна обединувањето на Германија. Путин на 5 декември 1989 година гледал како куп лути граѓани јуришаат на зградата на германската државна безбедност која се наоѓала на истата улица со седиштето на КГБ и сфатил дека и неговиот штаб ќе биде нападнат. Се обидел да воспостави контакт со управата на КГБ во Москва, но никој не му одговорил на повикот. Тогаш решил самостојно да повлече потег.
Зигфрид Данат кој бил во разулавената толпа, се сеќава дека руски офицер излегол од зградата и се приближил до затворената порта. Им рекол на луѓето дека мораат да се тргнат од објектот зашто тоа е советска територија и дека вооруженото обезбедување ќе пука доколку некој влезе внатре. Данат вели дека тој припадник на КГБ бил учтив и дека добро зборувал германски. Толпата се смирила го оставила на раат седиштето на КГБ.
Офицерот (Владимир Путин) немал многу време да ужива во триумфот. За неколку дена тој и неговите колеги го уништиле сиот материјал поврзан за активностите на КГБ во Источна Германија. Највредните документи ги испратиле во Москва, а сето останато во оган.
Ги палевме деноноќно
вели Путин. „Толку хартија изгоревме што печката се расипа“. Набргу потоа го напуштил Дрезден. Неговата мисија била завршена, како и присуството на КГБ во Германија.